АХВ: Отровен зеленчук не е пуштен во промет, засилени контроли на местата на продажба

by Fokus

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира изнесените ставови на прес-конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ на која обвинува дека надлежните државни органи дозволиле увоз на небезбеден зеленчук со концентрации на пестициди над максимално дозволените концентрации.

„Документите што ги презентира Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврда дека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат, соопшти  Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од АХВ појаснуваат дека храната за која нема да се потврди дека е безбедна не се пушта во промет.

„Како и досега, сè додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор. Тие не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање незадоволителен резултат пратката се поништува или се наредува враќање во земјата на потекло. Пратките на домати што се увезуваат од Албанија се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување“, соопшти АХВ.

Од Агенцијата велат дека и самиот Трипуновски изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјата.

„Го повикуваме, доколку вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции, а не преку прес-конференции да ја заплашува јавноста дека државата ги труе граѓаните со небезбедна храна“, стои во соопштението од АХВ.

За резултатите од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина , како што се вели во објава на социјалните мрежи, мостра од домат по потекло од Република Албанија кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ – се работи за мостри на домати што не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот. За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од АХВ се смета за сомнителен. .

„Агенцијата преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори што извршиле увоз од Република Албанија за да се утврди потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени, ја имаат потребната документација, која опфаќа и извршени лабораториски анализи“, соопшти АХВ.

Агенцијата соопшти дека од почетокот на годинава досега земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук: домати, краставици, пиперки, од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки, и тоа една со краставици од Албанија, небезбедно се уништени,  и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која сè уште се наоѓа под официјален надзор, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство од ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, информира дека камиони со отровен зеленчук се влезени во Македонија и пуштени во промет.

Поврзани новости