Претседателот одлучи да ги потпише указите за петте закони за коридорите

by Fokus

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, одлучи да ги потпише указите за прогласување на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Оние што сметаат дека законите се неуставни, претседателот ги упати да поднесат иницијатива до Уставниот суд.Тој рече дека изминатите денови направил низа консултации и во однос на уставноста на новиот текст на законот со експерти од областа на трудовото право, поранешни судии на Уставен суд и со советниците од неговиот кабинет.

„По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам указот за прогласување на овој закон и за останатите четири закони. Имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, граѓанските здруженија и на некои политички партии, укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој. Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе одлука ако така сметаат судиите“, рече Пендаровски на прес-конференција.

За договорот со „Бехтел и Енка“ се направија измени и дополнување на пет закони: Законот за урбанистичко планирање, Законот за работните односи, Законот за експропријација, Законот за градење, и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија.

Собранието ги изгласа законските измени на пет закони поврзани за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д

„Во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминатиот месец дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставен суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела“, рече Пендаровски.

Пендаровски рече дека дебатата околу овие закони изминатите недели се развила легитимно, но се изгубил фокусот, па место за придобивките и ризиците, се зборувало за евроатлантските аспирации на државата.

„Изминатите недели се разви сосема легитимна дебата во однос на содржината на овие закони, а за еден од нив и неговата уставност, имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд од минатата година. Не спорејќи ги легитимното право за сеопфатна дебата за секој закон, вклучително и овие, сакам да укажам дека дебата од мал број субјекти беше употребена или злоупотребена за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општество, што го оттргна фокусот од вистинските прашања поврзани со овие закони. Место дискусијата да се насочи кон придобивките и можните ризици во однос на проектот, јавната дебата се претвори во расправа за нашите стратешки евроатлантски ориентации и аспирации“, рече Пендаровски.

Поврзани новости