Абазовиќ: Би сакал Црна Гора да биде домаќин на новата рунда преговори меѓу Србија и Косово

by Fokus

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ изјави дека Црна Гора е подготвена да придонесе и да го поддржи процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, додавајќи дека доколку има нови рунди преговори меѓу Косово и Србија, би сакал Црна Гора да биде домаќин на нив.

Абазовиќ, на прашањето како Црна Гора може да придонесе за процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, рече дека Црна Гора игра улога на помирување во регионот и дека има одлични односи со сите соседни земји и дека е подготвена да помогне на кој било начин, вклучително и логистички, пренесуваат црногорските медиуми.

– Лично, би сакал да ја проширам својата понуда, доколку има нови рунди преговори меѓу Косово и Србија, да биде домаќин во Црна Гора – откри Абазовиќ.

Тој изјави дека Црна Гора не е дел од дијалогот, но дека лично верува дека европскиот предлог претставува добро решение што ќе донесе нешто и за Србија и за Косово.

– Така треба да оди регионот. Патот на нормализација е вистинскиот за регионот како прв чекор, а на крајот, кога ќе се исполнат сите критериуми, влезот во Европската унија како конечна цел за целиот регион – рече црногорскиот премиер.

Тој смета дека најважно е да се спроведе договорот и додава дека за тоа да се случи, двете страни мора да се држат до она што го договориле.

„Јас не сум поддржувач на идејата во која партиите потпишуваат нешто без да го следат спроведувањето. Тоа не функционираше добро во минатото. Најважно е тоа што тие се договорија да се спроведе во пракса“, рече Абазовиќ.

Поврзани новости