30 часа нова агонија

by Фокус 12:33
12:33

пишува Кирил ЕФРЕМОВСКИ

По многу перипетии и одложувања бидна и толку очекуваниот извештај на „меѓународната“.  Амбасадорот Бејли само формално го потврди она што многумина го очекуваа или знаеа, дека се уште не се создадени услови за фер и кредибилни избори. А мене по кој знае кој пат ме изеде срам што сум граѓанин на оваа земја додека ги слушав внимателно одбраните зборови од Извештајот на ЕУ и САД, оти поради нечија неспособност, самоволие, инат, недговорност, нови тапкања во место и перипетии и претстојат на оваа земја. Роковите се прекратки, условите неисполнети, партијата и натаму ја узурпира државата, медиумите фризираат, а инстуциите кои сите ги плаќаме и натаму го оневозможуваат владеењето на правото.

- Advertisements -

Знаејќи дека очигледното само ќе биде констатирано  и нема минимум предуслови за одржување на кредибилни и фер избори, бидејќи ДПМНЕ и ДУИ се оние кои тоа го оневозможуваат, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ  процесот на решавањето на политичката криза дополнително го направија комплициран, сакајќи да го доведат во фаза во која понатаму  тие соло ја водат играта, а САД, ЕУ и опозицијата ќе мораат само да го гледаат исходот. И можеби на краток рок тоа го постигнаа.

Вчерашниот бурен ден, во кој врв на дрскост беше непојавувањето на Никола Груевски на вонредната лидерска средба, притоа супституирајќи го таквото свое поведение со јасна порака оти повеќе не сакаат да преговараат со за нив компромотираниот медијатор Питер Ван Хаут, од ДПМНЕ пратија привидни пораки на членството и поддржувачите дека бродот не тоне, а Груевски е оној кој и понатаму го диктира темпото и се’ од него зависи. Таквото сценарио на кое додатна вредност му дадоа распенавените први перјаници на пропагандата, со што предивикаа бура на рекации кај подджувачите на владеачката партија на социјалните мрежи, по многу нешта се чини дека ќе има употребна вредност во следните 36 часа.

И покрај тоа што власта има апсолутно мнозинство и го управува Собранието, а барем засега нема сериозни сигнали дека донесената одлука за распуштање на Парламентот на 24 февруари пред полноќ ќе биде отповикана, како политичар кој по многу нешта  во минатите десет години покажал дека коцкањето и не му е баш силна страна, сега откако суетата ќе му се подсмири, иако мала, сепак постои шанса во 5 до 12, таквата одлука Груевски да ја промени. Иако одамна не делува на рационален начин, на Груевски му е совршено јасно дека доколку организира и спроведе избори без учество на опозицијата и без ДУИ, таквите избори не само што нема да бидат признати од меѓународната заедница, бидејќи не се исполнети бараните услови, туку му прети опасност за внатерешен бунт и раскол во партијата против одлуката за одење на избори во април по секоја цена, иако тој со братучедот султански ја контролираат.

ЧУДА СЕ СЛУЧУВААТ

Дополнително, Груевски е свесен дека избори кои нема да бидат признати од страна на најважните меѓународни играчи, како САД и Германија ќе значат и крај на приказните за странски инвестиции, најповолни инвестициски услови, супер економија и слични сказни, со кои тој се уште „купува“ добар дел од членството. Одлуката за избори на 24 април или само слеп избор на датум без процес и исполнување на минимум критериуми за фер и кредибилни избори, само и даваат арументи плус на опозицијата  да започне демократијата повторно да ја бара на улица со масовни протести и демонстрации и тоа во услови кога на Македонија и се заканува нов сериозен бран бегалци и криза.

Иако многумна одамна не го сметаат ниту опишуваат како рационален политичар и се убедени дека Груевски нема да ја промени првичната одлука, сетете се дека во Македонија постојат чуда, а во минатиот период лично Груевски покажа оти тие чуда и реално се случуваат, со сите отстапки кои во минатата година преку преговорите ги даде.

Очигледно следните 30 до 36 часа се соврешено време да се случи уште едно такво чудо. Дали новото чудо и овој пат ќе се вика Викторија, Федерика или некој трет, кој повторно ќе го седне на преговарачката маса довчерашниот премиер, или овојпат самиот тој ќе биде оној кој ќе го направи првиот рационален чекор и иницира нов компромис, ќе дознаеме мошне брзо. Она што од сега е јасно е дека доколку овојпат тоа„ чудо“ не одмине, единствениот виновник за тоа ќе и повторно ќе биде Груевски, со што самиот тој и инстантно ќе си ја потпише смртната политичката пресуда.

Поврзани новости