ВМРО-ДПМНЕ „хуманитарно” профитира од автопатот „Мајка Тереза”

by fokus

Никола Груевски се откажа од изградба на парапетче околу Охрид, ама заедно со Миле Јанакиески успеаја со „жутите”, како што велат во 14–та бомба што пред две години ја обелодени Зоран Заев, да истуркаат зделка тешка 375 милиони евра за изградба на 57 километри автопат од Кичево до Охрид. Поради сериозни индиции дека асфалтот на автопатот во изградба крие мегапералница, СЈО пред една година отвори предистражна постапка, а пред два дена и истрага, во која се осомничени четворица поранешни високи функционери

Пишува
Стојанка МИТРЕСКА

Како што поминуваа годините на владеењето на Груевски, кој ќе остане запаметен и по својата уникатна креативност, изразена во полн сјај во градителската сфера, така растеа и апетитите по баснословните провизии што сѐ уште се скриени во стиропорот на владината зграда, во цементот на проектот „Скопје 2014”, во асфалтната маса на патиштата во изградба.

Две години од првите чекори на преродбата, пролетта во 2008 година, Груевски на својот тим на седница, на тогашната влада му предлагаше да изградат парапетче од барем дваесетина сантиметри околу Охридско Езеро. Според генијалната замисла на тогашниот премиер, македонскиот туристички бисер ќе станеше море, а парапетчето ќе беше брана за песокот што требаше да се распостеле по охридските плажи, а најверојатно ќе се увезеше од Халкидики (тогаш и не толку популарен во владиниот тим).

– Мое лично убедување е дека Груевски речиси буквално сите проекти кои ги иницираше и реализираше имаа една примарна цел, а тоа е да добие политички поени кои ќе го одржат на власт. Јас никогаш лично не сум бил вклучен во ниту една комбинација во која се договарале тендери, и не можам да зборувам за тоа што не го знам. Но, со сигурност знам дека треба и мора да се направи длабока и темелна ревизија на сите тендери за кои постојат основани сомненија за криминал и корупција. Веројатно уште долго време ќе ги лекуваме грујостазите во општествените структури, во државниот сектор. Денес сведочиме на поединци исклучително блиски или, пак, дел од власта како што се на пример Сашо Мијалков и друштвото кои преку грујостазите создадоа енормни богатства во изминатата деценија. Ако новата власт не успее да ги истражи и поврзе наводите за криминали со незаконски создадените богатства во приватниот сектор на овие поединци тогаш ние не треба да се изненадиме ако истата болест ни (рецидивира) и се повтори пак сега во нов облик и со ново име, вели Владимир Лазаревик поранешен близок соработник на Груевски, кој всушност и ја откри на јавноста уникатната идеја за охридското парапетче.

За среќа, парапетчето не се изгради, Охрид не доби море, ама остана јанѕата, дека мора да се случи капитален проект во тој дел од земјава, да се раздвижи економијата, да се обезбеди побрза и побезбедна комуникација со македонскиот туристички центар кон кој води изабен асфалт прошаран со дупки. Идејата за парапетчето од 20 сантиметри, надградена и проширена прерасна во мега инфраструктурен проект кој отвори мега афера со сериозни индиции за постоење на мега пералница вградена во финансиската конструкција за изградбата на автопатот. Таква тешка дамка на големиот проект фрли 14–та „бомба” што пред две години ја обелодени Зоран Заев, лидерот на СДСМ, која содржеше прислушуван разговор помеѓу екс премиерот Груевски и Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски. Скандалозниот разговор помеѓу Груевски и Јанакиески поттикна и акција на  Специјалното јавно обвинителство кое лани во април влезе во Јавното претпријатие за државни патишта, а излезе со нова истрага во која тврди дека Груевски, Јанакиески, Пешевски и поранешниот директор на јавното претпријатие Љупчо Георгиевски, во асфалтната маса на автопатиштата во изградба Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид стопиле 155 милиони евра.

Случајот уште пред две години беше оквалификуван како најголем финансиски скандал на Балканот – Заев во времето предупреди дека за изградба на автопатот Кичево – Охрид биле наплатени 103 милиони евра повеќе од проценката што ја направила Агенцијата за патишта.

– Се работи, според сите индиции, за еден од најкрупните корупциски скандали во Македонија, но и пошироко, каде што во еден од разговорите од проектот „Вистината за Македонија” што го објави СДСМ јасно се слуша како екс премиерот Никола Груевски и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески договараат провизија. СДСМ дава целосна поддршка на органите на државата кои го истражуваат овој случај да постапат според Уставот и законите и доколку се докаже како точна оваа информација прекршителите на законот да си ја сносат својата одговорност, вели Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

ГРАМАДНИОТ ПРОЕКТ ЌЕ ГО ПРОБИЕ РОКОТ

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна во февруари 2014 година – рокот за завршување на градежните работи е почетокот на 2018 година. Четирите години предвидени за пробивање на една од најтешките траси, и кога беше најавен проектот предизвикуваа негодување кај градежниците.

И пред три години се предвидуваше пробивање на рокот поради комплицираната траса на карпестиот предел кај Пресека, кој освен на главниот изведувач кинеската компанија „Синохидро корпорејшн лимитед” и е доверен и на подизведувачот, градежната компанија „Трансмет” во должина од девет километри. Пробивањето на рокот беше очекуван и поради грамадноста на проектот во чии рамки е планирана изградба на еден од најдолгите тунели во должина од два километри. Потоа, на ред се изградба на надвозници, подвозници, 10 помали мостови. Сето ова не го спречи Груевски на 22 февруари 2014 година, кога беше удрен камен-темелникот кај кичевското село Извор, да најави дека патот ќе биде готов за четири години.

Според нашите сознанија, тој рок не само што ќе биде пробиен, туку ќе бидат потребни уште многу пари (никој не може да прецизира уште колку милиони евра) додека не се случи пуштањето во употреба на оваа делница. Нашите извори од теренот велат дека почнало да се појавува обрушување на косините поради големиот нагиб, па така работниците се принудени да ги преработуваат со помал нагиб, што одзема време и пари. Постојано се доработува проектот, што секако чини пари, а и време. Работници на трасата, како што дознаваме, се соочуваат со голем проблем и при ископувањето на тунел. Се покажало дека не станува збор за карпа, туку за помек материјал што предизвикувал постојано рушење на изграденото… За сите овие проблеми при изведбата ќе треба дополнителни средства, а никој не знае колку и од каде ќе се обезбедат тие пари. Во прашање се можеби десетици милиони евра.

Токму за овие непредвидени трошоци и проблеми сакавме да поразговараме со Александар Стојанов, директор на ЈП за државни патишта, на кого како работодавач не упатуваа и компаниите „Трансмет” и  „Гранит”, кои се вклучени во изградбата на автопатот Кичево – Охрид како подизведувачи.

Актуелниот директор Стојанов не најде време да ѝ објасни на јавноста како ќе се решат отворените прашања и дали автопатот ќе биде пуштен во употреба како што се најавуваше – во првата половина на 2018 година. Така што, многу отворени прашања, а, пред сѐ, договорот со овие две компании останаа тајна која сигурно ќе биде откриена во „Траекторијата” на СЈО, која директно води до Груевски, но и до поранешниот прв човек на Јавното претпријатие за државни патишта.

Наместо директорот, два дена откако СЈО ја обелодени истрагата „Траекторија” и откако поранешниот премиер Никола Груевски се фрли во обиколка на автопатиштата во изградба, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски рече дека досега се пробиени 95 проценти од трасата и дека засега се ангажирани над 1.100 работници. Тој додаде дека се асфалтирани шест километри од патот најавувајќи дека автопатот треба да биде готов во првата половина од 2019 година, како ништо да не било кажано претходно. А, станува збор за пробивање на рокот од една година.

Кога ја промовираше изградбата на автопатот, Груевски пред три години не штедеше зборови со кои сакаше да ја опише грандиозноста на проектот, не водејќи сметка за чергата која на крајот ќе излезе покуса за милиони евра.

– Ова е најголемата инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија. Тоа најдобро зборува за вредноста на овој проект. Толкава инвестиција не е вложена од никого, никогаш и во ниту еден автопат во Република Македонија, изјави тогаш Груевски.

Средствата за овој проект се обезбедени преку кредит од кинеската Ексим банка, кој од страна на поранешната власт беше најавуван како мошне поволен. Изведувач на работите е кинеската компанија „Синохидро корпорејшн лимитед”. Градежните работи се одвиваа истовремено на три локации, а според договорот, 51 процент од луѓето што работат на автопатот се од Македонија, односно од градежните компании „Трансмет” и „Гранит”.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта беше презафатен да одговори на прашањата на „Фокус” и во врска со градежните работи на теренот, поставениот рок, финансиската конструкција, но и за тоа колку пари се потрошени досега.

– За инвестиција на овој патен правец, според достапните податоци, се предвидени 374 милиони евра, но за жал, точна проценка колку ќе чини овој проект на крајот, не можеме да имаме во овој момент, бидејќи според моите информации сумата на чинење ќе биде многу повисока поради многуте пропусти во проектот, проблемите кои се јавуваат на терен, непредвидени работи итн. Доцнењето на овој проект е уште еден проблем. Според сознанијата со кои јас располагам прогресот на овој патен правец Кичево-Охрид е само околу 35 отсто што е премалку, вели Бочварски.

ИДНИНАТА Е ВО ШИНСКИОТ СООБРАЌАЈ

Трасата на новиот автопат е проектирана да почне од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани води до Требеништа, а од тука преку Подмоље се поврзува со Охрид. Главен изведувач на градежните работи е корпорацијата „Синохидро”, а подизведувач на работите на трасата Кичево – Подвис е македонската компанија „Гранит” со вкупна договорена сума од  117.609.360 евра. Според договореното, автопатот треба да има 12 вијадукти со пренапрегнати носачи, со целосна должина од 3,60 км во двете насоки, два вијадукти со балансиран конзолен метод на конструкција, со должина од 1,80 километри, два надвозници, еден подвозник со клучка на автопатот и потпорни ѕидови со целосна должина од еден километар, пишува на официјалната веб страница на градежната компанија „Гранит”.

Даница Павловска, архитект и експерт по просторно планирање вели дека е нејасно како овој капитален проект одеднаш стана стратешки, кога постоечкиот пат од Кичево до Охрид е функционален, наспроти автопатот Демир Капија – Смоквица, кој поради лошата состојба требаше уште одамна да се изгради.  Автопатот Кичево – Охрид, вели Павловска, може да ја издржи и фреквенцијата на возилата, така што не беше неопходна неговата изградба во ова време, ниту пак, сметам дека треба да биде во приоритетните инфраструктурни проекти.

– Државата, своето стратешко планирање треба да го насочи кон шинскиот сообраќај. Македонија е мала земја, со брзината на денешните современи возови територијата на целата земја може да се помине за петнаесетина минути. И конфигурацијата на теренот повеќе одговара за шински сообраќај.Тоа уште во времето го согледал Кензо Танге, кога го проектирал градот Скопје.Тој знаел дека во оваа држава решението треба да се бара во шинскиот сообраќај, а и дека и иднината е во шинските возила. Неслучајно, новиот транспортен центар во Скопје во кој освен автобускиот сообраќај е сместен и железничкиот сообраќај и тоа на вториот кат, е така изграден – вели архитектката Павловска.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во времето на промоцијата на проектот најави дека по новата автопатска делница ќе се вози со брзина од 120 километри на час, наместо 60 како сега.

Во контекст на аргументите кои го оправдуваат градењето на автопатот Кичево – Охрид, Груевски ја напомена комуникацијата на западниот регион на државата со главниот град Скопје и останатиот дел од земјава. Потоа, економското раздвижување за време на изградбата на автопатот и по неговата изградба.

– Очекувам уште од самиот почеток на градежните активности да се отворат многу нови работни места во градежните компании кои се изведувачи и подизведувачи на проектот, но и во многу други компании чија дејност е тесно поврзана со градежништвото, рече Груевски и додаде дека автопатот ќе биде од огромна корист и за технолошко-индустриските развојни зони во Кичево, Тетово и Струга, за туризмот, како и за подобрување на безбедноста на сообраќајот.

И СО БЛОКИРАН „ТРАНСМЕТ” ИЗГРАДБАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ?

Кога ова го зборуваше екс премиерот, очигледно немаше никаква претстава дека еден ден вистината ќе излезе на виделина, а уште помалку дека „сеат ибица” ќе биде првоосомничен во случај на СЈО под називот „Труст” за фалсификување документи за техничка и кадровска опременост на „Трансмет” што му овозможило да добие тендер. Според СЈО, конзорциумот составен од „Трансмет”, „Силекс неметали СТ” и „Вато” незаконски наплатиле 17 милиони евра државни пари за тендер од 2011 година од ЕЛЕМ.

Товарот на обвинението од СЈО не само што го натера сопственикот на „Трансмет” во бегство, туку повлече и замрзнување на имотот на Сеад Кочан, што веднаш отвори прашање дали сето ова ќе се одрази и врз работата на компанијата на градилиштето на автопатот Кичево – Охрид.

Во периодот додека Сеад Кочан беше во бегство кое неговиот адвокат Никола Додевски го оквалификува како „службен пат”, одговор побаравме од компанијата во Скопје.

– „Трансмет” гради сложен дел од трасата на автопатот Кичево – Охрид. Градежните работи се одвиваат непречено и според предвидената динамика. Нема никаков застој не само во однос на градежните активности на трасата, туку и во однос на исплатата на платите на работниците, одговорија од компанијата.

И покрај тврдењата на „Трансмет” дека нема проблеми во исплатата на платите на градежните работници, дознаваме дека сепак со замрзнување на имотот на нивниот сопственик се јавиле проблеми со префрлување пари на една од сметките на „Трансмет” за потребите на градежните работи на обиколницата на делот меѓу клучките Арачиново и Смилковци, кој беше најоштетен во поплавата на 6 август лани. Миленикот на власта во заминување Сеад Кочан, односно неговата компанија „Трансмет” ја изведува поправката на обиколницата за 3,6 милиони евра, според договорот склучен на 3 октомври, 2016. Компанијата не беше избрана на тендер. Тогаш поради итноста за санација на поплавената и разурната обиколница работата и беше доверена на „Трансмет.”

СЈО вели дека со решението на Судот, замрзнат е имотот на „Трансмет” и три сметки на фирмата. Специјалното јавно обвинителство, кое во случајот „Труст” побара и притвор за бизнисменот Сеад Кочан, ги разголи накалемените перформанси на компанијата, но одбраната на Кочан тврдеше дека доказите не се издржани. Главното сомневање на СЈО беше дека компанијата „Трансмет” немала доволно механизација и кадар за да учествува на тендерот за ископ на јаглен од Суводол во Битола. Одбраната на Кочан, пак, преку адвокатот Додевски, тврдеше дека немало изигрување на јавната набавка, ниту фалсификување на тендерот, односно дека го добиле компаниите што ги исполнувале условите за тоа. Компанијата ги негираше и тврдењата на СЈО дека „Трансмет” на тендерот учествувала со дробила со помал капацитет тврдејќи дека на тендерот биле понудени две дробилки со капацитет од 600 тони на час.

И по ова, „Трансмет” пак се офајди од власта во заминување, односно од државната компанија ЕЛЕМ доби уште еден тендер. Повеќе од девет милиони денари тежи новиот договор за користење на повеќетонска автодигалка која ќе биде употребена во РЕК Битола. Јавната набавка била спроведена лани, а оценета на почетокот од годинава, пред СЈО да отвори истрага во која го товари Кочан.

Неизвесноста што виси над трасата што за изградба и е доверена на компанијата „Трансмет”, поради замрзнатиот имот, како што велат нашите извори, нема да го изјалови довршувањето на градежните работи на автопатот затоа што оваа компанија, сепак, е само подизведувач со обврска да заврши девет километри од 57-километарскиот автопат.

ДУИ НА СЕКОИ ИЗБОРИ СЕ КИТЕШЕ СО АВТОПАТОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА”

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид беше адут со кој за време на изборните кампањи се китеше и ДУИ, поранешниот коалициски партнер на ВМРО–ДПМНЕ. Во текот на пет години од 2011 до 2016 проектот им беше во уста на ДУИ во три изборни циклуси. На сметка на автопатот „Мајка Тереза” се ловеа гласови на предвремените парламентарни избори во 2011 година, за време на изборите во 2014 година и последните што се одржаа на 11 декември 2016 година.

Според тогашниот вицепремиер Муса Џафери, овој автопат ќе создаде одлична можност за поврзување на Кичево, Струга и Охрид со пристаништето во Драч и ќе стане една од главните меѓународни транспортни врски.

Агрон Буџаку, поранешен министер за транспорт и врски во изјава за „Фокус” вели дека добрата страна е што државата ќе добие една брза делница што ќе води до Охрид, градот на УНЕСКО и до македонскиот туристички центар. Изградбата на автопатот, како што вели поранешниот министер, не била во предвидените проекти во негово време. Тогаш, вниманието било насочено кон паневропските коридори и кон подобрување на инфраструктурата со соседите. Автопатот од Охрид до Кичево тој го вреднува, не само од инфраструктурен аспект, туку и од економски и смета дека ќе придонесе за побрза и поквалитетна сообраќајна комуникација и за развој на тој дел од земјата. Што се однесува до објавените истраги на СЈО, Буџаку се надева на судска разврска после која јавноста треба да ја добие реалната слика за изградбата на автопатот.

Инаку, според проектот, автопатот „Мајка Тереза” ќе биде со должина од 57 км и широчина од 26 метри. Планирани се седум мостови, 22 вијадукти, шест натпатници, 13 потпатници и тунел кај Пресека.

ПРОЕКТОТ СО „ЖУТИТЕ” КОНКУРЕНЦИЈА НА „СКОПЈЕ 2014”

Познато е дека Владимир Пешевски, поранешен вицепремиер за економски прашања во кабинетот на Груевски, и поранешниот министер Миле Јанакиески, во прво време одбивале да го потпишат договорот со кинеската компанија за изградба на патиштата (како што вели Ставрески во една од бомбите). Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го покрие срамот со донесување закон во парламентот за задолжување кај кинеската Ексим банка.

– Од она што можеше и целата јавност да слушне, некои функционери од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ не сакале да го потпишат овој договор поради немање транспарентност во целата постапка и договарање во „четири очи”. Како и да е, има сериозни обвинувања и индиции за криминал овде, така што ова ќе треба сериозно да се истражи. Граѓаните мора да знаат каде и како се трошеле нивните пари, додава Бочварски.

Во споредба со другите земји во регионот, Македонија со трошок поголем од седум милиони евра за километар патна мрежа гради најскапи патишта. Во Бугарија истата километража чини околу 2 милиони евра, во Србија трошоците се движат до 4,5 милиони евра, а во Хрватска околу 6,6 милиони евра за километар. Сепак, градежните стручњаци предупредуваат дека цената на километар автопат е тешка за споредба и таа зависи, пред сѐ, од околностите на трасата, дали станува збор за трусно или за карпесто подрачје како што е случајот на дел од трасата на автопатот Кичево – Охрид каде што е неопходно да се градат и тунели.

Изградбата на автопатиштата, откако беа објавени прислушуваните разговори, отвори сомнежи дека е можно со кинеските партнери во проектот да е договорена висока провизија, со што проектот „Скопје 2014” за кој постојат сомнежи дека е една од најголемите пералници на пари скроена од Груевски, добива конкуренција во проектот со „жутите”.

– Во моментот Македонија е на дното по квалитет на патна инфраструктура. Капиталните инвестиции во државата секоја година потфрлуваат со огромен процент, со што дополнително се потврдуваат слабите резултати во вложувањето во патната инфраструктура. Истрагите на ЕУ покажуваат дека 39 отсто од патиштата се оценети со најлоша оценка или со црна боја, додека со најдобра оценка се оценети само 2 отсто од патиштата во државата. Јасно е дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ја интересирале само провизии и богатење на една мала група луѓе, а многу помалку им било важно дали тие провизии доаѓаат од споменик, фасада или од изградба на патна инфраструктура. Да ве потсетам, пред само неколку години, Груевски нѐ убедуваше дека автопатишта во Македонија нема потреба да се градат. Тие што почнаа да се градат во осмата година од мандатот се пропратени со крупни финансиски скандали. Ставот на СДСМ е јасен и конзистентен, патната инфраструктура е многу поважна за Република Македонија од лажни барокни фасади, згради, фонтани… пред сѐ поради повратниот бенефит што го дава изградбата на патиштата за развој на стопанството, за безбедноста на граѓаните, за угледот на државата, коментира Бочварски.

Груевски и останатите задолжени да го бранат проектот за изградба на автопатот Кичево – Охрид тврдеа дека станува збор за мошне поволен кредит од кинеската Ексим банка со рок на  отплата од 20 години, пет години грејс период и 2 отсто каматна стапка. Владата со пари од буџетот учествува со 10 отсто.

Но, дали е навистина така со оглед на нетранспарентната постапка?

– Не навлегуваме ние во кредитот, зборуваме за нетранспарентната постапка на тогашната власт на Груевски поради што граѓаните не можат да знаат која би била најповолната понуда по која би се изведувала оваа делница. Но за секое оштетување на државната каса ќе има истрага и одговорност. Затоа граѓаните гласаа и избраа промени, транспарентност, отчетност, бараа нов сериозен и чесен тим кој ќе работи единствено во интерес на граѓаните на Република Македонија, порачува Бочварски.

БОМБАТА НА ЗАЕВ КАКО СВЕДОК ЗА ДОГОВАРАЊЕТО ПРОВИЗИЈА

Специјалното јавно обвинителство лани во април влезе во Агенцијата за државни патишта за да ја истражи изградбата на автопатите со кинески компании, откако се појави сомнеж во склучувањето на договорите. СЈО тогаш потврди дека е отворена предистрага.

Предистражните постапки се тајна и во контекст на тоа од Специјалното јавно обвинителство за „Фокус” велат дека токму во интерес на истражните постапки не може да даваат повеќе информации за овој случај.

Во прислушуваните материјали што ги објави Заев, наводно, екс премиерот Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Јанакиески договараат како кинеска компанија да ги гради автопатите на исток и на запад. Според објавените телефонски разговори, се договара провизија од 5 проценти или 25 милиони евра. На почетокот во план било да се изберат две фирми, но подоцна се одбира само кинеската компанија да ги гради двата автопати Миладиновци –Штип и Кичево-Охрид.

И во времето кога СДСМ ги објави разговорите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата и соопшти дека целиот процес за избор на компанијата за изградба на двете делници се одвивал на највисоко професионално ниво.

Договорот за изградба со кинеската компанија „Синохидро” се реализираше со посебен закон што во 2013 година се изгласа во Собранието. Во расправата, но и подоцна, пратениците од опозицијата се изјаснија дека ќе гласаат за законот и оти генерално даваат поддршка за изградбата на патиштата. Според тогашната опозиција, неповолни беа цените за изградба на километар автопат и поволностите дадени за компаниите кои ќе ги градат. Отворено беше кажано дека станува збор за коруптивен проект и оти владата неколкупати нелогично го зголемила износот на инвестицијата за автопатиштата.

Во договорот има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи. Поради нетранспарентниот договор се отвора сомнеж и дали сумите договорени со кинеската „Синохидро” се реални.

Лани на веб-страницата на кинеската компанија, сумите предвидени за изградба на овие два патни правци беа за околу седум пати пониски од оние што ги договорила Владата. Потоа сумите исчезнаа, а веб страницата стана недостапна. И сега на веб страницата нема информации за цените и за проектот.

„Синохидро” гради низ цел свет, ама за СБ е сомнителна

На веб-страницата на „Синохидро” може да се види дека станува збор за компанија, која има градежни проекти низ целиот свет, особено во Африка, Азија, Европа и Јужна Америка. Оваа компанија се јавува или како директен изведувач или учествува во проектирање на големи проекти – хидроцентрали, брани, патишта, аеродроми, пристаништа, згради.

Според пишувањата на странските медиуми, „Кинезите се омилени инвеститори на корумпирани владини функционери” затоа што нивните инвестиции доаѓаат со многу малку услови за теми како етика, еколошка заштита, корупција, владеење на правото”, изјави за „Зимбабве индипендент” во февруари лани економскиот експерт Максвел Саунгвеме.
Како што пренесуваат странските медиуми, во 2014 година токму оваа компанија била под суспензија од Светска банка за бизнис зделка во Пакистан, наводно поради основани сомненија за корупција.

„Траекторијата” на СЈО долга 155 милиони евра води до Груевски

Откако пред една година влезе во Јавното претпријатие за државни патишта во предистражна акција, а во врска со прислушуваните материјали во кои Груевски и Јанакиески договараа провизија за изградба на државните автопатишта, СЈО пред два дена ги обелодени првите резултати.

Отворена е нова истрага под кодно име „Траекторија” во која се осомничени Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според СЈО, за овие поранешни високи владини функционери постои основано сомнение дека ја оштетиле народната каса за 155.117.172 евра, со тоа што решиле двата државни патишта Миладиновци – Штип и Охрид – Кичево да ги гради компанија со поскапа понуда, а згора на тоа ги изиграле условите што претходно ги договориле со кинеската влада и со кинеската Ексим банка.

Груевски и Никола Попоски, министерот за надворешни работи наодите на СЈО ги оквалификуваа како лаги и измислици, тврдејќи дека постапката во која се договарала зделката во 2013 година била одобрена во Собранието кога бил изгласан Закон за реализација на инфраструктурните проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид. Сакајќи да докаже дека зделката е чиста, Попоски се повика и на Законот за ратификација на договорот за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата, помеѓу владата на Македонија и владата на Кина.

СЈО тврди дека четворицата осомничени ги пречекориле своите овластувања  во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година, ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки и постапиле спротивно и на условите поставени од Кинеската влада и кинеската Ексим банка како заемодавач.

„Постои основано сомнение дека во месец јануари 2013 година тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот, иако биле доставени две понуди, преговорите ги воделе само со една компанија и иако во текот на преговарањето со првата компанија, втората компанија која воопшто не била повикана на преговори доставила дополнителна пониска понуда. Ваквата понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле, по што парафирале усогласен текст на договор за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со компанијата која имала повисока понуда. Со ваквите дејствија постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 в.в. со ст. 1 од Кривичниот законик на Република Македонија”, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Разговор меѓу Груевски и Јанакиески

НГ: Кажи ми сега за овие жутиве, каква е динамиката? Кога они доаѓаат, кога поднесуваат и кога се преговорите?

МЈ: Значи, на 29-ти во 10 им е кажано, може да го пролонгираме. Начелно тогаш им е кажано дека треба да достават понуда.

НГ: Да не го пролонгираме, а?… За ова ти колку предлагаш?

МЈ: 5 на целото.

НГ: Што 5 на целото?

МЈ: 5%.

НГ: Не, не у точен износ колку?

МЈ: Па сега зависи колку ќе биде, помеѓу 15 и 18.

НГ: Ти како, како процент збореше таму или како бројка точна?

МЈ: Па…тие го спомнаа тоа, и генерално си е океј вака тоа. 5 на тоа што ќе помине. Тоа зависи од понудата, ама помеѓу 15 и 18 би се движело, согласно некои проекции колку би понудиле.

НГ: Ќе ти прифатат толку?

МЈ: Ако му кажиме ќе прифатат, да, не е тоа ништо. И на другото е толку.

НГ: Да не е многу бе, а? Да не се претера, претера новинарството.

МЈ: Еве ја одев по некоја аналогија од претходното…

 


Оваа истражувачка сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „ПОГЛЕД КОН ИЗГРАДБАТА НА ПАТНАТА ИНФРАСТУКТУРА 2006 – 2016’’, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права” и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

Поврзани новости