Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев најавува дека планира да се натпреварува за уште еден градоначалнички мандат, но истовремено има амбиција да влезе во трка и за нов партиски лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели тој во интервју за најновиот број на неделникот Фокус, веќе подолго време работи на програма за унапредување на ДПМНЕ. Но, доколку не успее да застане на чело на партијата, Јанчев тврди дека нема намера да формира нова партија.
-Нема да формирам нова политичка партија, туку тогаш можно е да си го побарам вториот мандат од граѓаните на Кавадарци, па потоа би размислувал за друго нешто. Односно, дали и понатаму би одел во политика или со вториот мандат би завршил со политика. Како и да е, во моментот и во блиска иднина не доаѓа во предвид формирање на нова партија, премала држава сме за толку партии – изјави Јанчев.
Тој вели дека не е дел од внатрепартиската иницијатива за свикување на вонреден конгрес за смена на актуелниот партиски лидер Христијан Мицкоски, но отворено бара промени во ВМРО-ДПМНЕ. Според него, само така партијата би се обединила и би ја вратила довербата кај граѓаните и меѓународната заедница. Во однос на прашањето за можна судска разврска за печатот на ДПМНЕ, тој вели:
„Тоа веќе води кон класична поделба на партијата и лидерот не треба да дозволи да дојде до такво нешто. Според мене, имаат легалитет и легитимитет делегатите, но има и тој како лидер и раководство. Затоа, не треба да дозволи да дојде до такво сценарио. Ако дозволи тоа да се случи, тогаш јас би размислувал дека тој е во корелација со Зоран Заев и сака да ја подели партијата. Со делењето, ВМРО би заминало во длабока опозиција и тоа би било во корист на СДСМ…“.
Јанчев смета дека треба да се размисли за идејата на премиерот Заев за формирање на широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО, посочувајќи дека при вака тесно мнозинство губи македонската популација. Воедно, тој додава дека веќе направил мнозинство меѓу двете партии во Советот на Општина Кавадарци, и тоа, како што нагласува, одлично функционира.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
В.С.