Ивановска: Одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот во Центар не држи вода

by Фокус

Одлуката на Уставниот суд дека Општина Центар нема надлежност да донесува одлуки за неспроведување на одлуките, односно за мораториум на градба, не држи вода, смета претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска.

-Во Уставот стои дека темелниоте вредности на уставниот поредок меѓу другите се дека во Македонија слободно е се што со Устав и закон не е забрането. Во Законот за локална самоуправа тоа не е забрането, да донесува одлуки за неспроведување – рече Ивановска.

Според неа, има високи ризици за корупција во целиот процес на стекнување на сопственичко право врз земјиштето спроти Холидеј Ин, каде треба да никнат висококатници.

– И во процесот на откупување на земјиштето, во неговото окрупнување, заради тоа што имаме одговор од државното правобранителство дека нема правни пречки да се продаде тој простор, а од друга страна, планот е под одлука за неспроведување таканаречен мораториум. Како може да се продава нешто кога се рекло, „чекајте да видиме што ќе правиме таму, дали ќе го штитиме јавниот интерес или ќе го продаваме на приватен газда“ – вели Ивановска.

Воедно, таа посочува дека спорно било тоа што се уште не бил завршен процесот на денационализација, а, како што истакнува, сомнителни биле аспектите околу изготвувањето и ревидирањето на планот.

-Тоа беше истата компанија која го нацртала во 2012 година. Ако тогаш го нацртала како што не треба, која е довербата сега да и се даде, и плус по еден денар за метар квадратен го планираше тој простор. Дотолку повеќе што ние го работевме тој предмет и укажавме на тие ризици од корупција, и комисијата која Општината ја формирала за да укаже каде и што треба да се менува, во планот имала свои забелешки, а планерската куќа воопшто не ги земала во предвид. Меѓутоа договорот со таа планерска куќа неодамна се раскина. Зошто навремено не се раскина? – прашува Ивановска.

Според неа, Деталниот урабнистички план за овој простор не е усогласен со Генералниот урбанистички план, што е противзаконски.

Поврзани новости