Кој нема да го заокружи Заев, му следува Голи Оток, велат од ВМРО

by Фокус

Со денешните избори во СДСМ, севернокорејската демократија се повеќе и повеќе продира во Македонија, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Затоа 69-те илјади гласачи на СДСМ денес на гласачкото ливче имаат едно име кое мора да го заокружат. Ако не го заокружат, веројатно им следи службена белешка од партиското обвинителство и суд и престој на современиот Голи Оток. Како во најдобрите времиња на комунизмот и тоталитаризмот, партијата која се нарекува демократска одржува избори на кои се гласа за само еден кандидат. Онака како што СДСМ ја гледа демократијата во својата партија, така ја гледа и во државата. Затоа не ја води Македонија кон ЕУ, туку ја води кон Северна Кореја – истакна Манасиевски.

Тој додава дека Заев по ист принцип ја води и Владата.

-Не само што е премиер, туку е и нагазувач на судството, креатор на хаосот во финансиите, координатор на партизираните органи на државата, веројатно координатор и на посредниците во набавката на вакцините и воедно единствен и главен виновник за состојбата во која се наоѓа државата денес. На гласачите кои на ливчето имаат да бираат меѓу Зоран и помеѓу Заев им честитаме за поддршката на севернокорејската диктатура и режимот кој веќе не е ниту хибриден – рече Манасиевски.

Поврзани новости