Иако се под притисок на власта наставниците сакаат целосно реформирање на образованието

by Фокус

Наставници и професори од повеќе градови протестираа пред Министерството за образование незадоволни од реформите во образовниот систем. Тие повикаа да се повлечат сите законски решенија за образованието за да се донесат нови во консултации со стручната јавност.

Говорниците на протестот повикаа законите за образование да се стават во мирување и да се отвори дебата во општеството и така наместо политички да се донесат стручни закони, остварливи во праксата. Истото, според нив, треба да се однесува и на законите за наставници и за академија. Во однос на екстерното тестирање сметаат дека треба да има формален карактер и да се реализира само на крајот од деветгодишното образование, а оценките од таквото тестирање да не влијаат врз успехот на уечникот постигнат низ сите години од образовниот процес.

nastavnicki plenum 1

Понатаму, стотиците наставници кои маршираа низ скопските улици, а на крајот завршија пред Министерството за образование, инсистираат да се ревидира системот за кариера, но и образовните програми за основно и средно.

Ако се земе предвид дека наставниците бараат и укинување на државната матура и нивна поголема вклученост во процесот за реформирање на образованието, тогаш станува јасно дека ќе мора нов, сериозен пристап од страна на власта во однос на училишниот систем во Македонија.

„Бидејќи Министерството ни донесе лоши реформи, денеска се собравме на мирен протест, затоа што сакаме квалитетно образование. Не можевме да го одржиме протестот во работен ден поради притисоците. Затоа, тука сме да покажеме дека сме храбри“ – велат наставниците.

 

Фото: Радио МОФ

Поврзани новости