Зошто?

by lali

Уморна од пат и прегладнета, застанувам покрај мал „фаст-фуд“ во Словењ Градец, Словенија. Нарачувам „јуфка“, а во неа завиткани зеленчук и месо. Додека зборувам на српскохрватски, продавачот ми возвраќа на македонски. Албанец од Пирок – земјак! Убава е Македонија, вели, ама тешко таму, продолжува – кога имаш најубава гајба од црвени јаболка, стави едно скапано меѓу нив и отиде гајбата.

Потем се насмевна и ми рече да седнам и да се одморам и дека ќе ме послужи на маса. Редици млади чекаа да пробаат од специјалитетот од Пирок, а јас бев послужена на маса. Отспротива видов шарен фрижидер со сладолед. Додека купував, ми се обрати човекот повторно на македонски, вели од Добри Дол бил, и ми го наполни корнетот дупло, иако побарав само една топка. Ова беше само еден мал вовед во она што следеше во медицинскиот центар.

ЗОШТО ЕДНА РУТИНСКА ИНТЕРВЕНЦИЈА КАЈ НАС Е БАУК?

Интервенциите што ги прават таму се рутински во светот, но се недостапни во нашето здравство. Најобичните современи интервенции кај нас се тешки и ризични операции. „Ние тука за такви состојби тие операции не ги правиме“, ми велеа домашните специјалисти. „Ама во странство тие ги препорачуваат“, велам јас. „Е, па оди во странство, ние тоа не го правиме тука.“

Моето долгогодишно искуство, како пациент по светски и домашни болници,  ми вели дека ова е најмалку вина на лекарите, а најмногу на организацијата и редот во здравството. За таква интервенција, која е повеќе од неопходна кај нас, потребно е усовршување. По стотици изведени зафати, таквите интервенции стануваат рутински.

Како тоа да се организира и кај нас, за да функционира како и таму? Зошто словенечкото државно здравство изгледа подобро и од нашето приватно, и во однос на човечките ресурси, и во однос на стручноста и опременоста? И, конечно, зошто една рутинска интервенција кај нас да биде баук?

Тешко на народот што не знае ништо од медицината и мора да се лекува по методи неупотребувани и заборавени дури и од Словенците, нашите доскорешни браќа? Тешко на народот што нема пари да си купи нови лекови, па се труе со стари, од кои уште повеќе се разболува. Но, најтешко им е на лекарите, несомнено, на тие што си ја сакаат професијата и чуда прават за да ги лекуваат пациентите, додека министерот за здравство ги надгледува со „Секуритате“, како во времињата на Чаушеску.

Државното здравство се претвори во огранок на МВР. А приватното цвета, ако имаш пари, се разбира, но здравје за профит тешко проаѓа и во најбогатите земји. Нема да ме изненади ако со новиот закон за абортус се воведе и „овулаторна полиција“ за контрола на менструалниот циклус на жените-работнички, а во гинеколошките ординации и сали – „надзорна полиција“, која ќе има збор пред оној на лекарот и пациентот.

ЗОШТО ГО „ИНЈЕКТИРАТЕ“ НАРОДОТ СО ОМРАЗА КОН ЛЕКАРИТЕ?

Зошто, министре Тодоров, она што во Македонија ќе беше голгота, во Словенија испадна обична интервенција, по која веднаш се застанува на нозе? Она време што го трошите во смислување замки и оцрнување на лекарите е на штета на вашите граѓани-пациенти, кои многу често умираат без да знаат дека за нивните болести постои лек?

Пациентите станаа пингпонг-топчиња што ќе приумрат додека да успеат да се прегледаат. Дали вашето дисциплинирање и ставање на лекарите на „ред“ и спасување на граѓаните од мито и корупција во здравството се само параван за вашата неспособност и незнаење да го реформирате здравството? Воведувате казни и режими, додека пациентите скапуваат, оставени сами во рацете на совеста на лекарите, кои немаат ни минимални услови за работа.

Зошто доктор Ставриќ, кој имаше храброст да ви се спротивстави, го осудивте по брза постапка и го измачкавте со катран пред судот на јавноста, а онаа лекарка, што ослепе 50 пациенти, шета слободна? Зошто секојдневно го „инјектирате“ народот со инфузии од омраза кон лекарите?

Не верувам во Бога, во натприродни сили и чаеви што лечат канцер! Но, чија вина е оваа поплава од суеверие и надрилекарство, што стануваат масовни појави кај народот? Зошто немате пропагандна кампања за превенција на заболувањата, за правилна исхрана, за здрав начин на живеење и редовни прегледи? Една капка превенција е еден тон здравје!

Зошто такви елементарни нешта се невозможни за џебот на мнозинството граѓани? Зошто во Словенија се насмеани и оној човек од Пирок и оној од Добри Дол? Зошто среде градот стои споменик од НОБ со херој и петокрака и херојот држи гранка со осум листа в рака? Зошто државните лекари и болници се таму толку напред во споредба со нашите? А вие упорно ни подметнувате скапани јаболка во гајбата, нудејќи ги како зрели? Зошто? Зошто? Зошто?

Поврзани новости