Зошто старите вмровци не се бунат против неправедноста на Груевски?

by Фокус

Текстот е објавен на 19 ноември 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 803

Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ

Состојбата ни е розева, и тоа 24/7. Државата воопшто не е забраздена кон било каква криза, и тоа на ниту едно поле. Ако не ми верувате, прашајте било кој од функционерите на Груевски, и веднаш ќе се уверите. Ако не им верувате на тврдењата и на функционерите, тогаш излезете на улица, одберете десеттина граѓани по случаен избор, прашајте ги како живеат, колку се задоволни од услугите на институциите, колку се чувствуваат заштитени од државата… и најизворно ќе се информирате.

Можеби сите ќе почнат да ви кукаат и да се жалат, ама, на таквите да не им верувате, оти, колку и да кукаат зад грб, голем дел од нив, в лице, сѐ уште го фалат омилениот Пастир, де по трибини, де по бумбари, де по црвени килими за давање идеи… Не сите, нормално, оти, нели, повеќе од педесет проценти од граѓаните се целосно рамнодушни кон политиката и не веруваат во ниту еден политичар, што конечно и дава некоја искра надеж дека се случува некаков процес во општеството!

„ЗА МАЛКУ ЛИ ДА СЕ ЗАМЕРУВАМЕ?!“

Општеството го сочинуваат и градат индивидуите, поединецот. Причината за забраздувањето во катастрофалната состојба се наоѓа кај секој од нас, кај кого повеќе, кај кого помалку. Секој во даден момент имал можност да ја каже неговата вистина в лице на повиканите, на власта.

Барем во изминативе четири години, секој политичар е лесно достапен за секој граѓанин, и, доколку некој е упорен, за три-четири месеци може да стигне до кого сака. Владата организира денови на идеи, црвени килими за граѓаните, партиите организираат агенди за посета на сите населени места, па, така, ако некој има толку голема желба да сретне некого, не мора да го чека во сопственото место. Преку партијата, може да ја разбере агендата и да го сретне бараниот политичар и во некое друго населено место.

Но, токму тука е проблемот. Не можам, значи, да се изначудам на пасивноста, инертноста, незаинтересираноста кај гласачите од изборите 2008. Рекордни 460.000 гласови за Никола Груевски, резултати нема, ама повторно слушаме ракоплескање. Немојте после да кажете дека лошо живеете, бидејќи ќе се судрите со армија од луѓе, кои оптимизмот и вербата во власта сѐ уште ги нема напуштено!

Како  бивш функционер и член на ВМРО-ДПМНЕ, на повеќе средби со членови на партијата, со граѓаните, сум слушнал за стотици и стотици проблеми, за нанесени неправди… Сум бил сведок како државниот апарат или одредени институции немаат намера да помогнат или навремено да си ја завршат работата за која се платени. Но, сум верувал дека станува збор за наталожени проблеми од повеќе децении, и дека за нивно решавање е потребно време и трпение, а дека за волјата на Груевски, воопшто не треба да се сомневам.

Подоцна ми стана јасно дека проблемот е токму во неговото бегање од проблемите и грижата само за себе и сопствениот рејтинг. Сум се изнаслушал жалби и поплаки кон одредени високи функционери, кои ветувале дека ќе завршат работа, а после ни телефон не кревале, па, добивале закани дека, ако уште еднаш ги сретнат на улица, со јајца ќе ги маваат, ќе ги исвиркаат тие крвопијци, лицемери  и лажговци!

Мнозина незадоволни покажувале сила и желба да ја истурат вистината в очи, дека ќе направат „лом“ од некој функционер. Меѓутоа, не еднаш, не двапати, не сум можел да се изначудам и да поверувам на сопствените очи и уши, кога токму во тие пет минути, кога оштетениот, критикувачот, има шанса да си ги каже маките, во моментот кога ќе се сретне со сопствените партиски шефови, кои секојдневно ги колне и пцуе, наеднаш се трансформира, почнува да се топи, да се смешка лицемерно… И в миг станува дел од толпата, која се турка во редицата за поздравување и гушкање со функционерот, кој повеќе да го пофали колку е паметен, и колку се гордеат со политиките кои ги спроведува. Па, на здравје шишање народе!

Овој феномен ме натера да разговарам со повеќе стари членови на партијата од повеќе општини, за да се обидам да дознаам, која е причината за нивната таква лојалност, и покрај нереализираните ветувања и неисполнетите очекувања? Од разговорите, членови кои се многу поодамна влезени во партијата од самиот Груевски, луѓе кои самите си признаваат дека се жигосани, сосе цели фамилии како вмровчишта, како што тие самите велат, слушнав доста интересни работи.

Самите тие стари и верни членови се жалат  дека со разбирање ја поднесувале дискриминацијата во времето на СДСМ, заради кавгите и ривалитетот на теренот за време на изборите. Но, не можат да се изначудат, како и во време на апсолутна власт на својата партија, тие не можат ни оддалеку да почувствуваат некоја особена полза?

Самите признаваат дека повеќе не се трпат и неправдите што им се случуваат за време на владеењето на премиерот Груевски. На мое прашање, која е причината што сѐ уште ги трпат неправдите и не го креваат гласот, ми беше одговорено дека сѐ уште се надеваат дека ќе биде исправена некоја неправда, иако веќе ја имаат загубено повеќе од деведесет проценти надежта. Другото објаснување беше: А, бе, до сега издржавме толку неправди, омаловажувања, па за малку ли да се замеруваме?! Прво нека паднеме, па после ќе седнеме и ќе си ги кажеме работите в лице!

Е, мој народе, до каде стигнавме. Додека има овци, ќе има и волна, вели една стара народна поговорка. Нашиот, пак, кроток народ, на повеќето политичари им наликува на овци, па не морат да се трудат да исправат нешто во општеството. Вакви верни и лојални членови може да посака само Гадафи или покојниот Хусеин. Тие ги маваш, овие го сакаат!?

ЧОВЕК ОДИ ПО ЈАЖЕ?!

Но, оваа „спортска дисциплина“ тивко почна да се воведува уште одамна, за денеска само да се берат плодовите од истата. Еден од главните партиски муабети во ВМРО-ДПМНЕ во моментите на расколот и на заминувањето на Љупчо Георгиевски од партијата, беше дека партијата е света работа, дека лидерот воопшто не е важен, дека треба да се остане верен и лојален на партијата, а не на лидерот.

Со секојдневното заземање на последите уточишта на власта и губењето на аргументите дека други ни се криви за немањето на резултати, оваа реторика доби и уште поголема нагласеност. Тоа е осигурувачот, кој е гарант за партијата од ненадејни одметнувања, од посериозен одлив на членство и функционери. Кога и да се случи некој да не се согласува со политиките на Груевски и евентуално да се одметне, многу лесно во партијата се објаснува дека тоа е инцидентен случај, дека сите што се одметнале, тргнувајки од Владимир Голубовски, завршиле неславно или повторно се вратиле во партијата, по примерот на Борис Змејковски. На овој начин се гарантирани дисциплината и лојалноста од поголемиот процент на членството, по цена Груевски да ги донесе до состојба да јадат корења, ама тие сепак да му останат лојални!

Притоа, тие мислат дека остануваат лојални на партијата, која тој си ја претвори во приватно „предузеќе“. Оттаму, време е и најверните фанови и членови, да се запрашаат на која партија вусшност се лојални – на онаа во чија што идеологија некогаш веруваа, или, пак, во приватното „предузеќе“ на Никола Груевски?

Сепак, вината повторно ќе ја лоцирам во базата, во месните комитети, во општинските комитети на партијата. Во петата година на владеење е повеќе од јасно дека главната цел на врвот на партијата е остварување на лични цели и интереси, и дека воопшто не ги интересира самото членство.

Партијата не направи ништо, за да придонесе за позитивни промени во општеството. Напротив, се избори за окупирање на секоја педа, за секој милиметар од власта, за да го искористи за интересите на поединци. Вообичаено, на седниците на ЦК, во салата вообичаено се присутни по околу двесте члена, претседатели на општинските комитети, министри, директори, градоначалници, останати функционери од редовите на партијата. Според пресметките, според хиерархијата, поставеноста на структурите, во просек, секој во салата е одговорен за повеќе од две илјади гласа од изборите во 2008-та!

Секој од овие двесте луѓе се трошел, ветувал подобро утре, ставил образ, заложил сопствена чест, честа на семејството… Од присутните на секој ЦК, не сите се виновни за водењето на лошата политика, ниту пак ги осетиле дебелите бенефити.

Се знае, и креирањето на политиките, и дебелите ќарови се кај не повеќе од десеттина луѓе во салата. Останатите присутни молчат, глумат и изигруваат лојални под две претпоставки.

Или сакаат да си ја зачуваат позицијата, односно, ситните привилегии (плата во просек од илјада евра, службени автомобил и телефон, и по некој денар за репрезентација), и свесно ги продаваат интересите на оние 2.000 гласачи, пред кои дале гаранција, или, пак, до тој степен се исплашени што не се согласуваат со своето сопствено мислење, односно, гледаат дека работата оди надолу, ама си молчат согласно изреката – Наведнатата глава, сабја не ја сече!

Прашањето е, дали тие луѓе вредат толку? Дали елитата на Груевски не е способна да ги обезбеди тие бенефити и примања во приватниот сектор? Ако се плашат за позициите и ако се свесни дека не се способни да се снајдат на чесен начин, треба да се запрашаме за квалитетот на луѓето, кои нѐ водат?

Доколку, пак, тие се способни да се снајдат без позициите во власта, уште поголемо прашање е – Што мајка бараат уште таму? Зар не ги гледаат погубните политики? Зар не се свесни дека утре, за век и за веков, и тие, и нивните семејства ќе бидат етикетирани како дел од една владејачка гарнитура која државата ја донела во пропаст, во колапс?! Како ќе се вратат пред сопствените сопартијци од општинскиот комитет, од месните комитети, како ќе објаснат зошто во четири или пет години ниту еднаш не станале на ЦК и не ги пренеле проблемите на своите сопартијци од општинскиот и од месните комитети?

Груевски доби силна, историска доверба од граѓаните, за да ги направи историските реформи. Требаше веќе успешно да ја заврши реформата на државната администрација, а не во петата година од власта да носи експерти од Словенија!? Ги нема ниту реформите во останатите области. Но, масовната хипноза продолжува.

Ова ме потсетува на приказната за акробатот во малиот град. Во еден мал град, одредена група што имала задни намери, организирала акробат да оди на јаже помеѓу две згради. Кога акробатот ќе почнел да оди по јажето, фолирантите викале: Луѓеее, гледајте, човек оди по јаже…

Додека луѓето гледале нагоре, фолирантите, односно, џебчиите почнувале да им бркаат по џебовите и да го крадат народот. Но, кога ќе проценеле дека им требаат повеќе пари, го сечеле јажето на акробатот. Тогаш ќе викнеле: Лелеее, се отепа човекот, лелеее, како можеше, и сите присутни, целата толпа ќе се насоберела околу акробатот.

Додека толпата се насобирала, целосно занесена во настанот, џепарошите влегувале во домовите на граѓаните и ограбувале се што ќе најдат по домовите. На крај, додека луѓето се свестеле, џебџиите веќе биле во друг град, далеку и на сигурно, подготвувајќи ја истата сцена!

НЕ СЕ СЕЛАТ СИТЕ НА СИГУРНО!

Во нашата држава се сменија многу тимови на џебџии, се потрошија и голем број на акробати, но, Груевски и дружината се апсолутни рекордери во оваа дисциплина!

Двестоте функционери треба се запрашаат, што се ти самите  – дали се обичните гласници кои го заведуваат народот, дали се џебчиите, или, пак, тие се дел од групата која оди и го собира пленот по куќите? Но, само еден одлучува – кој и кога ќе биде акробат, кога ќе му се пресече јажето, а лојалните членови и функционери слепо извршуваат задачи, кој свесно, кој несвесно!

Познавам огромен број на чесни, искрени и способни луѓе во владејачката партија. Искрени и чесни, способни, патриоти, Македонци, вмровци. Не е важно дали тие ќе влезат во друга политичка партија, не е важно каде ќе припаднат, големиот дел можат да се реализираат и во приватниот сектор, но тие треба да му ја залепат вистината в лице на господинот Груевски.

Оти, секој во таа партија видел многу неправилности од свој аспект, од свој агол. Голем дел од функционерите сигурно имале и желба и конкретни идеи за реформи за подобро општество, но, не им биле прифаќани, не биле слушнати, затоа што Премиерот бил зафатен со лопати, со ленти, со божемни денови на идеи, црвени теписи, и какви не активности!

Конечно, секој функционер треба да си одлучи, дали ќе се продаде за ситните привилегии и ќе молчи, или, пак, ќе застане на страната на својата чест и достоинство? Притоа, никој не треба да се плаши, затоа што има начин како да се избегне тортурата, има начин за спас, затоа што, колку и да е голем, Груевски го држат токму тие двесте луѓе и месните комитети, самиот не може ништо.

Секој треба да се подзамисли, која улога ја игра во приказната со акробатот, и дали тоа вреди да се игра? Затоа што, на крајот, не сите се селат на сигурно, во друг град, односно во друга држава. Големиот дел од тимот, односно вазалите, остануваат онаму кај што се родиле, покрај сопствените сограѓани.

А тогаш, со кое лице ќе ги погледнат сопствените блиски, соседи, пријатели, роднини, познаници..? Како ќе се правдаат за тоа што биле дел од лажгата со акробатот?

Соочувањето со сограѓаните нема да им биде пријатно, бидејќи ограбениот не го интересираат оправдувања, туку нанесената штета!

Поврзани новости