„Туку-така бојкот“ на „ни ваму, ни таму“ избори

by Фокус

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

Деновиве, поради актуелноста со прогласувањето на претседателските избори, веројатно ќе се актуализираат сите документи поврзани за изборот на претседател, од Уставот и законите, па сè до неофицијалните брифирања од партиски извори. Поради тоа што практиката е некаде помеѓу, Уставот и законите не се спроведуваат, а на брифирањата од партиски извори ни самите партии не им веруваат, се потрудив да се присетам на нешто, исто така, помеѓу.

ГОЛЕМ ИКС ОД ВИКИЛИКС

А тоа „помеѓу“ е една од најзначајните депеши кои беа објавени од Викиликс. Белешка на поранешната американска амбасадорка во земјата, Џилијен Миловановиќ, каде што таа известува за намерата на Никола Груевски да го смени Уставот и да ги укине непосредните избори за претседател на Републиката. И дека тогаш новиот партнер на ДПМНЕ, ДУИ, навестил дека ќе поддржи ваков амандман. Спротивно на американскиот став кој им бил јасно укажан на луѓето од ДУИ. Од таа депеша на Викиликс и потоа, ДУИ меѓу Албанците служеше како именка за преведување на македонската синтагма „Ванчовисти правени во Белград“ во: „од маоисти, демократи не биваат“.

Депешите на Викиликс можеби не се толку меродавни, но тие се како создадени токму за вакви „помеѓу“ состојби и решенија. Тие секогаш се повеќе уверливи отколку партиските брифирања и, како што гледаме сега, еден претседателски мандат и избори оттогаш се спроведуваат повеќе отколку домашниот ни Устав и законите. Кои, како што може да видиме деновиве, најеклатантно се кршат, континуирано, што се обзнани и од изјавите на претседателот на ДИК. Тој рече дека избирачкиот список уште не е во целост во нивни раце, иако сите се сеќаваме дека оваа влада и Министерството за правда одамна веќе се фалеше дека им го предал?!

Значи, изборите ќе бидат со непроверено прочистен избирачки список, во земја со неспроведен попис, во еден процес кој ќе го обезбедува полицијата, во која еден од најголемите функционери, шефот на разузнавањето, спротивно на законите, е партиски функционер. Е, па, споредено со ова, еци-пеци-пец е пофер игра. Таму, во детските игри, барем си поставувавме некои ограничувања за двајца браќа или за двајца братучеди во ист тим итн.

ЌЕ ИМА ИЗБОРИ ВЕЛАТ СИТЕ, ОД БОЈКОТ ЌЕ УМРЕМЕ НИЕ

За можноста овие избори да бидат временски блиску или споени и со парламентарни избори одлучуваат опозициските СДСМ и ДПА. Тоа е поради фактот дека избори имало и ќе има со, како сега, „ни таму, ни ваму“ избирачки список, но избори без опозиција се тешко изводливи.

Но, она што го можат владејачките партии, а доцнат, е да ги обзнанат своите кандидати или позиции за веќе распишаните претседателски избори. Јасно е дека ДПМНЕ, со посредство на објавени истоветни цифри и за тоалетна хартија и за вратоврски, веќе ја удоволи ДУИ со тоа што Иванов веќе нема да може во својство на претседател на држава да монтира и да склопува историја како да е тоа некаков звучен емитер. Но, сепак, ДПМНЕ уште ѝ должи одговор на ДУИ за предлогот за консензуален претседател. Дури и ДУИ можела да претпостави дека на таков предлог ДА е тешко како одговор, но зошто и НЕ-то да биде толку тешко како одговор?!

Можеби тука некаде треба да се гледа и новата опција на ДУИ, онаа за бојкот. Можеби, сепак, сега со тоа се трудат на ДПМНЕ да му најдат некое полесно прашање за одговор. Зашто, сепак, излезе дека предлогот за консензуален претседател е пресензитивен. Толку што, ете, ни ДА, ни НЕ уште немаат кажано.

ПАРТИЈА ВЕЧНА?!

А, дека опцијата за бојкот е полесна и помалку политички вредна, се виде уште сега, кога беше навестена преку партиски брифирања.

Прво таа не беше понудена како политички став, активен, целосен и со понудени решенија за последователниот очекуван ефект од истиот. Туку само како механички, туку-така став, надграден со терминот „траен“.

ДУИ преку тие брифирања порача дека може да се одлучи на вечен бојкот на претседателските избори. „Македонија вечна“, „претседател вечен“, пак, изгледа уверливо дури и во партиски брифирања, но ДУИ вечна, кажано од самата ДУИ, изгледа малку несоодветно.

Имаше во Македонија една ваква партија, на која деновиве, со напорите за нејзино повторно активирање, се присетуваме како заврши. Партијата за демократски просперитет, од бел коњ на тетовски стадион, заврши во други партии како втор ешалон!

Поврзани новости