Жалби за изборот на судиите во Апелација, Ристов и Зимбовска остануваат во Кривичен до завршувањето на постапката

by fokus

Судиите Ѓоко Ристов кој го води судењето за случајот „Тотал“ во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас и судијката Лидија Зимбовска која е втор судија во случајот за убиството на Пино Секондо засега остануваат во Кривичниот суд да ги водат судењата кои ги почнале бидејќи во Судскиот совет стигнале жалби за нивниот избор во Апелацискиот суд.

Се додека не заврши жалбената постапка во Судскиот совет овие судии остануваат во Кривичниот суд, брифираат од таму. Судскиот совет во понеделникот по повеќе од една година од објавувањето на огласот за избор на судии во Апелацискиот суд, конечно избра шестмина судии кои ќе треба да го пополнат кусокот на судии во второстепениот суд.

За во Кривичниот оддел во Апелацискиот суд беа избрани судиите од Лидија Зимбовска која му пресуди на бизнисменот Сеад Кочан, Ѓоко Ристов кој го водеше првото судење за случајот „Шпион“, го водеше случајот „Метастаза“, судењето за градончалникот на Шутка, Курто Дудуш кој доби условна казна.

Зимбовска била десетторангирана, а Ристов бил на 14-то место, но сите пред нив не го добиле потребното двотретинско мнозинство од членовите на Судски совет. Пред нив на листа биле судиите Ивица Стефановски кој беше потпретседател на Кривичниот суд во времето на Владимир Панчевски, судијата Огнен Ставрев кој води неколку случаи на СЈО, судијката Оља Ристова и судијката Александра Ристевска, како и судии од други градови како Габриела Гајдова од Велес и претседател на судот во Кавадарци Лазар Нанев.

Од немнозинската листа за судија кривичар во Апелација беше избран Јусуф Ајрулахи, а судијата Осман Шабани кој заедно со Ставрев е во судечкиот совет во предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Монструм“ не го доби потребното мнозинство.

За граѓански судии беа избрани Виолета Поповска и Аритон Ала, а за во стопанскиот оддел е избрана Цветанка Ташева.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости