ССМ на првомајски протест: Враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на минималната плата на 450 евра

by Fokus

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) традиционално на 1 Мај ќе излезе на протести на кои годинава ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, уште во првите 100 дена на новата влада, најави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

„Ние работниците излегуваме на протест и на Први мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право што го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот за пресметка на платите во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите, и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата, на најмалку 450 евра, онолку колку што таа изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече Трендафилов.

Тој најави дека работниците ќе го бранат и Работничкиот дом од институциите што го презедоа.

„Нека дојдат и нека си ја пробаат среќата“, порача тој.

Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние што го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.

Поврзани новости