Жаклина Узунова: Продолжувам каде застана Јанко!

by Фокус

На 15-ти февруари, ден кога пред 69 години е роден музичарот и музички педагог и композитор Јанко Узунов, ќе се одржи традиционалниот концерт „Узун за Узун“ во салата на хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“, со почеток од 16 часот. Настанот е во организација на Музичкото училиште „Узун“ во соработка со Црвен крст на Град Скопје и, освен музичка, носи и хумана порака, а средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат донирани на пунктот за бездомници при Црвениот крст.

Жаклина Узунова, сопруга на легендарниот музичар кој ненадејно почина пред шест години на 63-годишна возраст, информира дека во програмата ќе учествуваат младите гитаристи од „Узун“, нивни заеднички пријатели од Валандово, родниот крај на Јанко, како и голем број на музичари и почитувачи на неговото дело.

-На концертот ќе бидат изведени дела од Јанко, кој беше уникатен музички автор и исполнител, но и од други автори. Тој остави певливи и незаборавни евергрини и постигна успеси во народната и во забавната музика. На некогашно југословенско ниво се прослави со дуетската мелодија „Момчето со мандолина“ со Цветанка Ласкова, со која на фестивалот во Опатија освоија прво место во првата фестивалска вечер, а во финалето за малку поени разлика со победникот, не заминаа да ја претставуваат Југославија на Евровизија. Во екот на својата слава, во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесетти години, полнеше концертни сали во земјава и на турнеји меѓу нашите во Австралија, Америка, Канада и Европа. Интернационалната кариера му цутеше во седумдесетите години, кога имаше комерцијални концерти низ Бугарија со оркестарот на РТВ Софија со познатиот Вили Казасијан, на „Златен орфеј“ ја делеше сцената со големата италијанска ѕвезда, пејачот Ал Бано, пред Тито прв ја испеа песната за „Делчев војвода“… Освојуваше награди, настапуваше на бројни фестивали и остави силен печат, а сега неговото име го носи и салата во домот на културата „25 мај“ во Валандово каде се одржува познатиот фолк фестивал, на кој некогаш тој беше еден од редовните учесници и автори – потсетува Узунова.

Таа вели дека посебен белег на делото на Јанко во последните децении од неговиот живот му дала посветената педагошка работа со младите музички таленти во училиштето „Узун“ , кои по неговото заминување не ја продолжиле традицијата на организирање на концерти.

-На концертот ќе бидат доделени и дипломи на двајца успешни гитаристи од школата, Александра Станкоска и Михаил Мирчевски. Преку 500 песни кои ги потпишува, а дел и од други автори испеани од него, се сместени на носачи на звук, како и на неговите десет компилации. Неговите песни „Момчето со мандолина“, „Дојди ми љубов моја“, „Ти проштевам се“, „Очите ми плачат за сакање“, „Чаки Панкерот“, „Помина време“,„Македонче соколе“, „Заплачи моја Македонијо“, „Те сакам песно македонска“ , „Валандово убавино“, „Јас те љубам довека“, детската „Наставничке пријателке“ која е и првата песничка што Тоше Проески ја испеал на училишна приредба, се веќе дел од македонската антологија“, информираат од „Узун“.

Пред три години, на денот кога се навршија три години од смртта на Узунов, во интервју за „Фокус“ Жаклина си ја отвори душата и раскажа дека иако минува времето, нејзината болка поради загубата на сопругот не стивнува. Со солзи се присети на денот кога Јанко и починал на раце.

-Ми останаа спомените и тагата. А беше толку убав ден, со Јанко се подготвувавме од Берово да заминеме во Дојран, оти така правевме секоја година, малку одмор во мојот, а потоа малку одмор во неговиот крај. Тој излезе надвор, помагаше околу изградбата на споменикот на брат ми, кој почина девет месеци пред тоа. Одеднаш внуците свикаа, јас излегов и срцето ми се пресече. Јанко падна, го прегрнав, паднав и јас со него. Не можеа да го спасат лекарите, беше касно за се. За еден миг го изгубив. А со него, си изгубив и дел од мене, неповратно – се сеќаваше Узунова на денот кога разорниот инфаркт го прекина животот на Јанко.

Тие беа пар кој што живееше во голема љубов и разбирање цели 24 години. Кога во 2009 година го изгубија бебето, раскажуваа дека трагедијата уште повеќе ги зближила.

-Трагедијата уште повеќе не зближи, се имавме само ние двајцата, си бевме посветени во целост. Таков карактер беше Јанко, многу добродушен, духовит, мудар… Учениците во музичкото училиште премногу го сакаа, па дури се случи и за време на писмена работа, на тема мојот идол, негов ученик да напише дека токму Јанко, професорот по музичко му е идол. Беше невозможно да не го сакаат луѓето, на сите им беше пријатно во негово друштво – ни раскажа Узунова.

Таа денес живее повлечен живот, опкружена со спомените за Јанко, посветена на Музичкото училиште „Узун“, трудејќи се да го сочува од заборав споменот за него, но и за неговото дело.

-Јанко живее преку музиката и спомените. Се додека се слушаат и изведуваат неговите стихови, се додека си ги спомнуваме миговите минати со него, тој е присутен помеѓу нас. Настанот е хуманитарен, бидејќи тој секогаш ја имаше таа човечност и добродушност во себе, сакаше да помага, да остави добри дела зад себе, токму поради тоа продолжуваме со традицијата. Тешко и болно ми е да ги слушам неговите песни, но во име на нашата љубов, со цел да продолжиме таму каде што тој беше прекинат во чекорот, ние одиме напред – ни изјави Жаклина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости