Текстот е објавен во неделен Фокус бр. 842, во 2011 година
Од обвинителството разбравме дека “загрозениот сведок” е странец, а дол¬го¬го¬ди¬шен пријател на Бошкоски. Зошто верувам дека пријателот на Љубе одработувал за Груевци? Првите пари биле дадени во куќата на загрозениот све¬док во Скопје, а сеансата е снимена на ДВД и е меѓу доказниот материјал. Тоа ми го подгрева сомнежот дека пријателот на Љубе веќе си бил во шема со власта, со добиени задачи и гаранција – како да го одработи пријателот си, ем да излезе чист и загрозен! Прашање е само што ли за возврат ќе добие стра¬не¬цот за успешно изиграната ролја? Но, при тоа реформаторите малку избрзаа, кога остваруваа – таа прва снимка е од 12 април, а делото поради кое мо¬жел да го снимаат, стапило на сила на 21 април!
Пишувала Јадранка КОСТОВА
Во сите светски корупциски скандали врзани за финансирање на изборните кампањи, по правило, во центарот се оние кои се или биле на власт, државна или локална, сеедно. Секаде злоупотребите ги прават функционери, додека партијата им е на власт, оти тогаш можат да им ветуваат или да ги уценуваат потенцијалните донатори, а овие да очекуваат дека ќе можат потоа да си го вратат “инвестираното” во партијата. Арно ама, Македонија во Грујово време донесе новитети во ваквата пракса. Овде првиот и единствен процесуиран ваков случај е врзан за лидер на вонпарламентарна партија, на која сите релевантни сондажи не и предвидуваа бум на изборите, ем обвинетиот немаше никаква власт, дури ни во обична месна заедница. Но, тоа не беше пречка лидерот на оваа партија да биде уапсен спектакуларно, според сите преродбенички тертипи.
Се¬пак, целиот тек на полициската акција “Кампања”, од самиот по¬че¬ток, оставаше мирис на нешто расипано. Остави впечаток на операција во која најпрвин е избрана “жртвата”, потоа е стокмено холивудско сценарио во која важна ролја треба да одигра ,загрозениот сведок. Тој, пак, по дефиниција треба да биде близок на Љубе, ама, истовремено, да е и во фини одношенија со вмровските фактори. И нема што не можат да пронајдат Груевци, а не пак човек за специјални задачи. И го најдоа. На “реформаторите” и така не им е приоритет дали малку ќе ги измешаат процедурите и брзините, туку само да ја остварат целта – “мрсникот” што вербално ги парчосуваше како “криминална банда” да се смести на вистинското место – Шутка. А целта, нели, ги оправдува средствата, како што убаво препорачува Макијавели.
ШТО ЌЕ ДОБИЕ СТРАНЕЦОТ ЗА УСПЕШНО ИЗВЕДЕНАТА ЗАДАЧА?
И обвинителниот акт, што конечно се напиша против Бошкоски, ја откри¬ва истата нишка холивудска. Дека сепак ова е сценарио за одмазда кон иноверците! Во Македонија безмалку ниту една партија не е изземена од списокот на сомнителни, според начинот на финансирање. Зарем некој верува во прикаските за донации само од членови на партијата, особено кога се има скапа кампања? Но, најнај сомнителни се логично оние што арчат милиони евра, а потоа не можат да ги покријат. Затоа и на оваа тема не се закачаа ме¬ѓу¬се¬бе главните- СДСМ и ДПМНЕ, или ДПА и ДУИ, сеедно. Пандан на апсењето на Љубе за “црни пари” од своите бивши сопартијаци од ВМРО, би било до¬кол¬ку СДСМ во 2006 удреше една полициска операција против НСДП на Тито Петковски! Да, тој се отцепи од СДСМ, му скандираа “предавник”, ама ни подоцна обвинетиот Бучко, ниту озлогласениот Бранко, не си дозволија да го стават под ПИМ – третман (посебни истражни мерки)! А ни Тито, ни Свети Тито, па ни Света Тројца, не би се спасиле доколку цели два месеци полицијата ве следи, ве снима и ве прислушува пред и сред изборна кампања. Ем ви пушти соработник провокатор да ги “овековечи” моментите.
И што разбравме од обвинителниот акт против Бошкоски? Нaјинтересниот дел е за загрозениот сведок. Сега е уште поизвесно дека веројатно станува збор за човек диригиран од полицијата на Г.Ј. и нејзините соработници, директорите на ДБК и на ЈБ, С.М. и Љ.Т. Значи, дефинитивно станува збор за странец (заради наведување на законската одредба дека е забрането да се финансира изборна кампања од странски лица). Потоа, дека станувало збор за долгогодишен пријател на Бошкоски. Малку звучи “настрано” кога обвинителот ќе срочи дека “искористувајќи го долгогодишното пријателство со загрозениот сведок во интервал од два месеци Љубе примал девизни средс¬тва од истиот за финансирање на неговата партија”. Оти повеќе делува дека загрозениот сведок го искористил долгогодишното пријателство со Љубе, поточно власта го искористила тој момент, за да го улови Љубе во мрежата на “Кампања”!
Зошто верувам дека странецот одработувал за екипата на Н.Г? Најинспиративниот момент за ваквиот мој сериозен сомнеж е дека првата транша, или 10.000 евра, според обвинителниот акт, биле дадени во куќата на за¬гро¬зе¬ни¬от сведок лоцирана во Скопје. Настрана што странецот има куќа во Скоп¬је, туку оваа долгогодишна пријателска сеанса е снимена на ДВД и е меѓу доказниот материјал. Зарем пријателот на Љубе си ја снимал дешавката за својата видеотека? Или, можеби, МВР инсталирал камери во куќата на странецот?! Да не ќе да е сепак најреална третата опција: дека пријателот на Љубе веќе си бил во шема со власта, со добиени задачи – како да го одработи пријателот си, ем да излезе чист како загроезен! Овде ме јаде јанѕа, доколку е тре¬та¬та варијанта во игра – што ли за возврат за успешно извшената ролја ќе до¬бие странецот?! Или од љубов кон татковината влегол во овој филм?! Но, кон која татковина? Матичната или Македонија?
Уште поинтригатно е што дотичниот наводно станал загрозен сведок ден¬та кога Љубе е апсен. Но, чудно, бре, зошто кон него воопшто не се замараа апсанџиите? Зошто медиумите во функција на разгласи на Преродбата, воопшто не беа љубопитни да го истражат неговиот идентитет и улогата во “Кампања”? А дури пред време се нацртаа пред “Воденица”, да го следат спектаклот. Секако, кај нив ваквите “истражувања” подразбираат некој од ресорот на Г.Ј, да им сервира на тацна. Оттаму, на мисла сум дека на Груевци не им било од интерес да се анализира странецот. Оти можеби колку со Љубета, толку има интересни конекции и со лица од фамилијата на власт!
ЗА ПОТРЕБИТЕ НА “КАМПАЊА” СМЕНЕТ И ЗАКОНОТ?!
Значи, логично е барем да се претпостави дека во наредбата да се апси Љубе на 6 јуни, ден по изборите, не стоело – приведување на странецот, па тој потоа да побара заштитен статус. Се веќе било осмислено. А за двете други “пријателски средби” – втората е во кафеаната “Стара Куќа” во Пајко маало и третата е онаа фаталната во ресторанот “Воденица” – може и да се најде објаснување дека полицијата слушајќи ги телефоните на Љубе знаела каде и со к¬го ќе се најде, па ги озвучила објектите. Дали сопствениците на овие угостителски објекти знаеле дека седенките кај нив се снимаат од МВР? Или, можеби, токму долгогодишниот пријател на Љубе бил озвучен, со инсталирана камера? Ако е тоа – тоа, тогаш ќе да е странецот поголем пријател со Груевци или повеќе загрозен од нив, отколку од лузерот Бошкоски. Штом првата средба е во неговата куќа, ем фино снимена, очигледно станува збор за лажен донатор, но странец кој има поголеми пријатели во власта одошто му е Љубе!
Она што особено би ја разјаснила улогата на контроверзниов сведок е кој ја иницира средбата во “Воденица” на судниот ден, 6 јуни? Доколку странецот го повикал на ручек, а така барем ни тврдеа луѓе од ОМ, кои биле сведоци на телефонскиот повик, тогаш после сите претходни анализи, излегува дека “теледиригираниот сведок” едноставно добил задача да тргне во поход! Да, тоа е оној ден кога Котески не знаеше дека за време на прославата на изборната победа на ДПМНЕ на плоштадот е претепано едно момче до смрт, од полицаец кој го обезбедувал собирот. Сето тоа, пак, без оглед на снимките, доволно говори дека странецот ја добил улогата во филмчето режирано во МВР на Г.Ј. а веројатно на сценарио смислено во тесни кругови од врхушката на власт. Но, за дивно чудо, јас барем не видов ваков понуден доказен материјал, освен три ДВД-касети. Не ги прислушувале телефоните? Се потпреле са¬мо на талентот на странецот за видео снимање?
Но, она што е уште поголем куриозитет, барем како што ми потврдија неколкумина искусни правници од оваа бранша, е што во обвинителниот акт по¬втор¬но нема податоци за полициското барање на ПИМ мерките против Љубе. Адвокатите на Бошкоски се уште не добиле копија од наредбата за мер¬ки¬те. Да се види кога точно и со какво образложение полицијата ја повела “Кампања”. Но, ете, и обвинителот ја пропуштил оваа “дребулија” во писанието. А зошто е важно? И особено, што важно расчистивме преку обвинителниот акт? Датумот на првата снимена средба, а во домот на лажниот донатор, е 12 април 2001 година, што е особено интересен детаљ.
А зошто е важен датумот со првата снимка, кога веќе ја немаме наредбата за следење и за снимање? Имено, Бошкоски се товари за две кривични де¬ла: злоупотреба на службената положба и овластување и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Е сега, МВР не би смеело да бара, а судија да одбри налог за прислушување, следење и снимање поради на¬вод¬на злоупотреба на слубена положба, затоа што за ПИМ мерки треба да има закана со казна затвор од најмалку 4 години, а овде не е тоа – тоа!
Арно ама, второто кривично дело со повисока казна затвор, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, е внесено во Кривичниот законик на 13 април, поточно на тој ден е објавено во Службен весник, ден пред распуштање на парламентот! А на 12 април е направена снимката во куќата на странецот! Навистина е ептен нејасно како е одобрено снимањето и следењето на Љубе на 12 април, кога кривичното дело за кое можеле да го следат стапило на сила дури на 21 април – така пишува и во измените. Дури на овој датум МВР можело да побара и истражниот судија да одобри ПИМ мер¬ки против било кого, а за ова дело. Сето ова, пак, дополнително внесува сом¬неж дека дури и брзањето за вметнување на новото кривично дело, на само не¬кој ден пред распуштање на парламентот, било скроено за потребите на сценариото “Кампања”.
НА СТРАНЕЦ МОЖЕШ САМО ДА МУ ДАДЕШ ПАРТИСКИ ПАРИ
Секако, снимките од средбите меѓу ѓоа пријателите на 28 мај и на 6 ју¬ни, потпаѓаат под ова ново кривично дело, арно ама, и студентите по право уште во првата година учат дека доколку дојде до промена на закон, тогаш за обвинетиот ќе важи законот што е поповолен за него. А целата операција поч¬ну¬ва пред време, оти изгледа малку избрзаа со реформите! Со оглед на тоа што уште не е познат налогот за ПИМ мерките, стои и опцијата дека мо¬же-би бил даден под параванот за сомнеж за некое сосема трето кривично дело. Но, и тука има едно “ама” – овие мерки секогаш се одредуваат само за стекнување со докази за точно посочено кривично дело и не може да се иско¬ри-стат како доказ за дело кое не е прецизно посочено, во наредбата на истраж¬ни¬от судија.
Но, кај да е, и оваа дупка ќе мора да се пополни: со какво образ¬ло¬же¬ние пред 21 април е Љубе ставен под ПИМ мерки! Патем и во обвинителниот акт се провлекуваат и Законот за финансирање на политички партии и Изборниот законик. Сепак, иако обата забрануваат пари од странски лица, првиот го регулира секојдневното финансирање на партиите, додека вториот се од¬не¬су¬ва исклучиво На изборните кампањи. Во обата случаи тоа се третира ка¬ко прекршок за кој се плаќа глоба. Но, измената на КЗ, со новото дело по мер¬ка на Љубе, е исклучително насочена за изборна кампања?! А кога сме кај странците, што ти е судбина. Љубе го обвинија дека примал пари за кампања од странец – што е забрането, додека Г.Ј. во својство на генсек на ВМРО-ДПМНЕ, во предизборието 2006 година, давала пари на странец – Џејсон Мико (не е загрозен сведок), за што ФОКУС објави документи.
Си¬ве овие дубиози веројатно ќе бидат дел од одбраната што ја подготвуваат бранителите на Љубе. Сепак, познавајќи ги манирите на “реформаторите” и нивниот третман на правосудството, уште повеќе емоциите кои ги негуваат кон обвинетиот, тешко дека сега нешто ќе се измени, освен ако не се случи чудо. А чуда оддамна нема овде. Ниту пак ќе се потресат дали некој ја злоупотребил власта, поточно службената положба, за да намести или докаже, сеедно, дека некој друг нешто злоупотребил. Ете, иако организатор на кам¬па¬ња е лице што е определено за тоа, сепак, дури и обвинителот ќе го смести Љубе во “фактички организатор на изборна кампања”. Дали и во другите политички партии лидерите се фактички организатори, а не оние правно определени?!
Конечно, дали се воведе поголем ред во финансирањето на кампањите после “Кампања”? Не, се воведе само поголем страв кај опозицијата дека груевци секогаш можат да најдат основ на избори да ги прислушуваат. Дали ВМРО-ДПМНЕ успешно ќе ја пополни дупката од над 3 милиони евра, меѓу пријавените приходи и расходи на последниве избори? Гарант, согласно Уставот и законите. Македонија е сепак земја на чудата – оној што најмногу троши во кампањата, оној што има најголема минус, оној што ја има сета воз¬мож¬на власт и моќ во свои раце – ете, токму тој е најмалку сомнителен. Барем за самата власт и институциите под нејзина контрола. А поинакви и немаме.
СЕКАДЕ СЕ ПРЕМИЕРИ ОСОМНИЧЕНИ, ОСВЕН ОВДЕ
А заради споредба, за да се види колку тоа чекори Преродбата предничи пред Европа, ќе наведам неколку скандали поврзани со финансирање на пар¬ти¬и¬те во демократскиот свет. Ехуд Олмерт, токму кога беше премиер на Израел, се сомничеше за корупција затоа што порано, додека бил градоначалник на Ерусалим и министер за трговија, добивал илегално стотици илјади долари од еден американски бизнисмен од еврејско потекло. Одеше дури и на распит во полиција, а беше премиер.
Корупциски скандали за финансирањето на Лабуристичка партија неколку години ја преокупираа британската јавност, но додека беа на власт. Тие го забрзаа падот на Тони Блер, но и на неговиот наследник Гордон Браун. Скот-ланд Јард работеше на случајот со месеци, испраша стотина лица, па и премиерот Блер, но, обвинителството не најде докази и го затвори случајот.
Са¬мо неколку месеци откако Браун стана премиер, конзервативците го обвинија Браун за филозофијата на финасирање на паријата срочена како “помогнете, зашто сум ви помогнал”. Меѓу донаторите беа и такви кои токму Бра¬ун потоа ги поставил на високи позиции во владината администрација. Набргу премиерот Браун повторно се најде на тапет, за една тајна донација од еден градежен претприемач. Одговорноста ја понесе генералниот секретар на партијата, кој поднесе оставка. Но, наскоро и двајца министри поднесоа оста¬вки, повторно поради незаконски донации за нивната внатрепартиска изборна кампања. И повторно се вмеша Скотланд јард во приказнава.
И Шпанија ја тресеа вакви скандали во 90-тите години. Се открија незаконитости на релацијата на владеачката Социјалистичка партија и 15 влијателни компании, преку кои, како што се тврдеше, на незаконски начин се финансирала партијата на премиерот Гонзалес. Тоа беше повод кралот Хуан Карлос да го распушти парламентот и да свика предвремени избори.
Сепак, најголемиот шок во 90-тите години на минатиот век беше веста де¬ка популарниот германски канцелар Хелмут Кол е осомничен дека во пер¬и¬о¬дот на неговото владеење од 1982 до 1998 година, за потребите на неговата Христијанско-демократска партија, преку тајни донации примил 2,1 милион мар¬ки. После спроведената кривична истрага против него, дојде до нагодба ме¬ѓу обвинителството и неговата одбрана, па Кол беше ослободен од одговорност, но беше обврзан да плати парична казна од 150.000 евра.
Слич¬на судбина, заради слична мучка, доживеа и екс генсекот на НА¬ТО, Вили Клас. Повторно беше откриено како финансиерот на неговата партија потоа се јавува како привилегиран клиент за одредени набавки. Интересно е и што актуелниот италијански премиер, десничарот Силвио Берлускони, во тој период се соочи со обвинение за незаконско префрлање средства на левичарската Социјалистичката партија. Тоа, очигледно, не се покажа како хен¬ди¬кеп повторно да ја освои власта.
Најсвежиот мега скандал ни доаѓа од Хрватска, во кој екс премиерот Иво Санадер се смета како централна фигура. Тој. додека бил на чело на вла¬да¬та, ги користел безмалку сите министерства и јавни претпријатија како банкомат за ХДЗ, ама и за себе лично. Од државното кесе, всушност, преку фамозната Фими медија, парите завршувале во партијата на Санадер, ама и на лични конта. Заслужува внимание фактот дека целата истрага се одвива во пер¬и¬од кога сеуште власта ја има неговата десничарска партија, само што премиерот се одѕива на името Јадранка Косор.
И ова е доволно за да заклучиме дека само во Македонија се е наопаку. Во демократските земји, вообичаено партиите на власт ја злоупотребуваат позицијата за полнење на партиските конта, додека само во Македонија не¬кои партии што не биле на власт искористуваат пријателства со странци за нелегално финансирање. Особено кога овие пријатели му се во спрега со неговите непријатели… А тие пак се – ВЛАСТ!
П.С. Ниту еден од европските скандали не пукнал благодарение на следење и прислушување на лидер на партија во време на изборна кампања. Само поради ваков гаф, би паднала и влада во нормални демократии!
Притворот продолжен
ДА НЕ ЗЕДЕ ПОВТОРНО ПАРИ ОД “ПРИЈАТЕЛИ”?!
Во обвинителниот акт, што одбраната го доби на 25 јули, се предлага на обвинетиот Љубе Бошкоски да му се продолжи притворот по трет пат, бидејќи мо¬жел да избега, особено што имал двојно државјанство, но, се уште постоела и можноста да го повтори кривичното дело. За овој, вториот основ, обвинителот Лазар Катранџиски ќе наведе “тежок” аргумент: “Имајќи ја во вид конзистентноста во дејствијата кои ги преземал Бошкоски”. Демек, тоа што Бошкоски се товари дека во три наврати земал пари од странецот, патем, нели, негов пријател, а кој сега има статус на “загрозен”, значи дека има шанси да влета и во четврта авантура!
Е ова барем ме изнасмеа! Јавниот обивнител верува дека Љубе, после сиве полициско-притворски сеанси, очекувајќи го судскиот процес, ќе стартува, ќе отиде кај загрозениот пријател и ќе побара или ќе прими една Зара кеса?! Или кај било кој пријател?! Навистина, конзистенетноста Катранџиски ја доживува на луциден начин! Оти, обвинет за нелегално финансирање на изборна кампања, кој што веднаш пуштен од Шутка ќе се здаде да бара пари за из¬бор¬на кампања што одамна заврши, повеќе би бил за во Бардовци отколку за на суд!
Уапсен Љ.Б. – лидер на ОМ
СЕРИОЗНОСТА НА МИНИСТЕРКАТА Г.Ј. ОД ВМРО-ДПМНЕ!
Експертите за човекови права (сите до еден, инаку, сомнителни за ВМРО-ДПМНЕ) наоѓаат дузина повреди на процедуарата за апсењето на Бошкоски, стокмена за задоволување на крволочните фанови на Преродбата, ем обесена на сајтот на МВР. Како невидена заебанција, во крајно саркастично-циничен стил, МВР-то, демек согласно сите конвенции, не го откри идентитетот на уапсениот. Соопштија само дека: Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ( м.з.) до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Претседателот на политичката партија ,Обединети за Македонија, Љ.Б.(50) од Скопје. Фала му на Горниот што не го открија името и презимето на претседателот на Обединети за Македонија, Љ.Б. Небаре имаме стотина пар¬тии со ваков назив, а лидерите на десетина се со исти иницијали. Можеа од министерството за внатрешни работи што го раководи Г.Ј. – член на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, уште да наведат дека Љ.Б. е познат во јавноста како Б.Љ., што обвинителот уредно го сторил кога навел: Љубе Бошкоски викан Брат Љубе.
Агент-провокатор или загрозен сведок
ЧУВАЈ МЕ БОЖЕ ОД ПРИЈАТЕЛИТЕ ШТО СЕ ВО СОДЕЈСТВО СО НЕПРИЈАТЕЛИТЕ КОИ СЕ НА ВЛАСТ!
Кога на 6 јуни Иво Котевски свечено го обнароди богатиот улов од “Кампања”, не одговори директно на прашањето зошто донаторот на Љубе не е фа¬тен во мрежата. Не појасни ниту дали во случајот станува збор за агент-провокатор. Сепак, тогаш мудро ја префрли топката на истражниот судија, кој ако проценел дека треба – и против лажниот донатор ќе се водела постапка! Но, само луд или наивен во Македонија можеше да очекува дека истражниот судија или обвинителот ќе постапат поинаку од полициските дострели на аkцијата. Така, донаторот остана со заштитен идентитет, а има официјален назив загрозен сведок. Она што делува шашаво во целата конструкција е што фацава е наведена во обвинтелниот акт како долгогодишен пријател на Љубе. Значи, Љубе добро го познава кој е и што е, па останува да се таи неговото име и презиме само од пошироката јавност, оти потесната веќе знае кој ја оди¬гра улогата на донатор. Па, прашање е – од кого и како е загрозена клучната фигура во оваа полициска драмолетка?