Заев во суд го испрашуваше бизнисменот кој го пријави за мито

by Fokus

И премиерот Зоран Заев, како обвинет во случајот Поткуп, на денешното судско рочиште го испрашуваше сведокот Иван Николов, кој го пријави за мито.

Николов во претходното сведочење истакна дека со Заев се среќавале само во неговиот градоначалнички кабинет, па Заев го праша дали е ова точно, набројувајќи неколку места на кои се среќавале?

Сведокот негираше, а Заев му посочи дека се сретнале во 2014 година пред Домот на АРМ и разговарале.

Лидерот на СДСМ го праша и дали за земјиштето од 7.000 квадрати кои ги купил му дал поткуп од 1, 2 или 3 евра?

Сведокот одговори дека не му дал поткуп.

Заев го потсети Николов дека на снимката која е како доказ, тој му посочува дека едно евро требало да даде за црквата, а за другито евро разговарале да не го донира во готово, туку да го даде преку градежен материјал, цигли, цемент и сл.

Тој рече дека за првото евро е точно, а за второто негираше дека разговарале како да го донира преку градежен материјал.

Сведокот појасни дека идејата со градежните материјали била на неговиот син, а не на обвинетиот.

Обвинителката Валентина Беслимовска, која го наследи предметот од нејзиниот колега Владо Милошески, молчеливо ги слушаше прашањата на одбраната, без да даде приговор ниту на едно.

Заев, исто така го потсети Николов и на нивниот последен телефонски разговор и го праша дали е вистина дека му рекол: Како не ти е срам со месеци, па и години да ме местиш. Имаш внуци, дедо си, не ли ти е срам? Дали некогаш си имал проблем со мене или моето семејство? Зошто по секоја цена се обидуваш да ме наместиш, го праша Заев.

Тој посочи и дека му рекол да го плати милионот и дека бил стар човек, па не му чини тоа што го прави.

Заев го праша и дали е точно дека од 2008 до 2013 се воделе истраги против него, па сега неговото сведочење е поврзано со истрагите? Николов потврди дека имало истраги, ама како што кажа биле отфрлени.

В.В.

Поврзани новости