Заев по средбата со Ји: Во следниот период ќе пристапиме кон формирање влада

by fokus 16:40
16:40

Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска Влада, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев во соопштението по средбата  со заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, придружуван од амбасадорот на САД, во Р.Македонија, Џес Бејли.

-Новиот претседателот на Собранието е избран законски и легитимно, согласно Деловникот, законите и Уставот. Ѓорге Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање Влада. Исто така постои и Програма на новата реформска Влада којашто гарантира унитарност на државата, почитување на Уставот, евро-атлански перспективи на Македонија, што уште еднаш ќе му биде предочена иако е позната за целата домашна и меѓународна јавност. Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со коишто тој го условува давањето на мандатот, се вели во соопштението.

На средбата било заеднички осудено насилството во Парламентот кога беа повредени пратеници, новинари, вработени во Парламентот и е констатирана потребата од разум кај сите, за овозможување мирен трансфер на власта. Оценето е дека е од голема важност за напредокот на Македонија, определбата на мнозинството граѓани и нивните претставници во Парламентот за развој на државата во едно општество за сите граѓани коешто ќе обезбеди правда и квалитетен живот за сите.

Поврзани новости