Заев од куќата на Блаже Конески: Тој ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет

by Fokus

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска и градоначалниците на општините Прилеп и Долнени, Илија Јованоски и Џемил Ќамили, денеска ја посетија родната куќа на Блаже Конески, положувајќи цвеќе пред неговиот споменик во чест на 99 години од неговото раѓање.

Посетата е и во пресрет на 100-годишнината која како настан за одбележување е запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година. Премиерот рече дека 2021 година ќе биде уште една глобална афирмација на македонскиот јазик, наука и култура и во таа насока, денеска Министерството за култура ја почна подготовката на програмата со која во национални и во меѓународни рамки ќе се одбележи оваа значајна годишнина во текот на целата идна година.

– Животот и делото на Конески се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, со што се исполни вековниот сон на редици и редици генерации кои го негуваа и учествуваа во остварувањето на тој сон во реалност. Конески ги поврза стремежите на неговите претходници, Рацин, Мисирков, Миладиновци и многу други преродбеници од 19 и 20 век, кои ја прифатија светлината на просветителската мисија на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, која тие им ја дарија на сите словенски народи во Европа, рече Заев.

Блаже Конески ја проучи и разработи суштината на македонскиот јазик, нагласи премиерот, го насочи неговиот развој како современ литературен јазик сообразен со светски прифатените стандарди.

– Соочен со отпорот за признавањето на посебноста и на корените на македонскиот јазик, освен на научната сцена, Конески ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет. Кога го чествуваме Конески не го чествуваме само неговиот придонес за македонскиот јазик. Ги чествуваме и неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата, рече Заев.

Поврзани новости