Заев и Иванов треба да пополнат 15 амбасадорски места

by Fokus 14:01
14:01

Зоран Заев и претседателот на државата Ѓорге Иванов треба заеднички да одберат 15 амбасадори, бидејќи, според информации на Фокус, амбасадорските фотелји во 15 европски и светски центри се празни поради истечен мандат на амбасадорите или од други причини, меѓу кои најатрактивни се оние во Париз, Лондон, Букурешт, Варшава, Берн, Пекинг…

Од двете страни најавуваат подготвеност за соработка, но ова треба да биде прв вистински тест по политичките промени околу тоа каква ќе биде кохабитацијата меѓу двете нивоа на извршната власт во сегментите каде што се вкрстуваат нивните надлежности.

- Advertisements -

А, упатувањето на амбасадорите се еден од тие сегменти, бидејќи, според Законот за надворешни работи, Министерството за надворешни работи ја предлага и ја води постапката, Владата именува и отповикува, а претседателот поставува и отповикува со указ амбасадори и пратеници на земјата во странство.

Односно, врз основа на претходна усогласеност меѓу претседателот и министерот за кандидат за амбасадор, постапката за именување на амбасадор ја поведува шефот на дипломатијата, кој до владата доставува предлог за амбасадор.

Понатаму, по прифаќање на предлогот од страна на владата, премиерот писмено го информира претседателот на државата за предлогот за именување на амбасадор, кој, пак, писмено се изјаснува во рок од 30 дена.

Откако претседателот ќе даде позитивен став, МНР од државата на прием бара агреман за кандидатот, па по добивање на агреманот, кандидатот започнува со подготовки за преземање на должноста кои траат најмногу 60 дена.

Инаку, законот пропишува дека мандатот на амбасадорот трае најмногу 4 години, но може да трае помалку ако амбасадорот тоа сам тоа го побара, ако е прогласен за персона нон грата од државата на прием, ако покажува незадоволителни резултати или со својата работа им причинува штета на интересите на државата.

В.С.

Поврзани новости