С Македонија ги негува европските вредности, демонстрира европски манири, политичка волја и гради добрососедски односи неопходни за економски просперитет и подобар стандард за граѓаните. Пораката од самитот „Делфи“ во Атина, ја упатувам и од тука во Скопје, односно потребен ни е економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во ЕУ. Денес, ќе додадам и Балкан кој живее во сегашноста и гради просперитетна иднина, а минатото е поука дека поделби и раздори не водат никаде, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на првиот економски форум.
Поддршката од Грција, посочи Заев, ја имаме и на нашиот европски пат, а членство во НАТО значи сигурност, безбедност и одлична можност за економски развој.
„Нашата земја ги исполни сите услови за почеток на преговорите по поглавјата за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од Европската комисија, како и од огромно мнозинство на 26 од вкупно 27 земји членки. Сакам да им се заблагодарам на сите земји членки од ЕУ кои ни ја даваат безрезервната поддршка овој процес да започне уште во текот на актуелното претседателство, со Португалија или претседателството што следува со Словенија“, рече Заев.
На првиот економски форум во Скопје, нагласи Заев, сакам да упатам порака до инвеститорите да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во С Македонија.
„Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови, како за домашните така и за странските инвеститори. Националната економија е стабилна и расте. Постигнавме висок раст за сите инвеститори со вкупно производство од слободните зони што достигна 3,4 милијарди евра во 2020 година. Инвестициите учествуваат со 46 проценти во вкупниот извоз на национално ниво и со близу осум проценти во националното БДП“, рече Заев.
Поволностите за инвестирање во индустриските развојни зони, посочи Заев, се препознаени од сите инвеститори, дополнително на ниските даноци од 10 проценти, како и некои ослободувања од данок на добивка и до десет години.
Основачот и претседател на економскиот форум „Делфи“, Симеон Г. Тсомокос, на отворањето порача дека основна цел е да ги спои политичките и бизнис-лидерите од регионот на едно место, каде што ќе дискутираат за конструктивен и поплоден начин за политичко унапредување на Југоисточна Европа.
Претседателот на грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија, Арис Влакос, порача дека грчките бизниси во изминатите неколку години придонесуваат во економскиот раст на земјата, инвестирајќи во клучни индустрии, како енергетскиот и банкарскиот сектор, индустријата и трговијата.
„Грчките инвеститори моментално имаат заеднички инвестиран капитал од пет илјади милиони евра и генерираат околу 25 илјади нови работни места. Би сакале да видиме како овој тренд се зголемува, како и повеќе регионални иницијативи за соработка и инвестиции, што ќе го поттикнат растот на земјата“, изјави Влакос.
Скопскиот економски форум насловен „Нова зора: Поставување темели на стабилност и просперитет“, е иницијатива на Економскиот форум „Делфи“ во соработка со грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија.