Парадата е можност да разбудиме љубов и разбирање за сите нас, вели Гарванлиев

by fokus

Под мотото “Вон ѕидовите” во недела во Скопје ќе се одржи втората Парада на гордоста, во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Настанот ќе го отвори нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев, ќе следуваат говори од активисти, а потоа и музичка програма.

Од МВР порачаа дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки настанот да помине безбедно, но сепак, не стивнуваат негативните коментари, негодувања, дискриминацијата и навредите на социјалните мрежи, на сметка на поддржувачите и учесниците на Парадата.

Околу тоа, дали Парадата на гордоста може да придонесе во менувањето на јавната свест во земјава, кога е ЛГБТ во прашање, со оглед на говорот на омраза, кој не стивнува кога ќе се спомне темата, Гарванлиев за ,,Фокус” вели дека одат чекор по чекор. Ниту Рим не бил изграден во еден ден, вели тој, полн со оптимизам.

Појаснува дека лично за него, Парадата на гордоста значи да имаш слобода да живееш искрен сам со себе, со отворено срце, без да се плашиш за било каков чекор, за својата лична безбедност, па дури и живот.

-Секој чекор што го правиме денес, го правиме со надеж дека ќе има подобро утро, не само за мене, туку за сите генерации пред нас.
И, како што гласи слоганот оваа година, ,,Вон ѕидовите”, одлична метафора за развивање на поголема емпатија кон другите. Ковид го затвори цел свет. Сите почувствувавме на своја кожа што значи да си затворен, без слобода да бидеш и правиш тоа што си. Така живеат се уште припадниците на LGBTQ+ заедницата во нашите општества долги години, во страв, во неизвесност, затворени само поради нивната ,,различност”.
Токму затоа ни е потребна таа Парада на гордоста, која за мене е еден вид на протест и марш каде имаме можност да застанеме гордо и да покажеме дека сме тука и постоиме! –вели музичарот.

Тој додава дека е потребно се повеќе да се информираме и едуцираме, бидејќи сепак, сите сме луѓе.

-Сите сме еднакви, без разлика на која страна на ѕидовите сме! Потребно е се повеќе да се информираме и едуцираме, да прославиме, да разбудиме љубов и разбирање за сите нас – ни изјави Гарванлиев, кој пред две недели настапи и на Парадата на гордоста во Софија, Бугарија.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација порача дека уште поинтензивно ќе се следи и ќе се постапува во случаи на вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет на социјалните мрежи и медиумите.

Ги повикаа сите надлежни органи да ги преземат сите потребни мерки кои ќе овозможат безбедна парада на гордоста и спречување на говорот на омраза во пресрет на истата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости