Забранета употребата на водата во струшко Калишта

by Фокус

Агенцијата за храна и ветеринарство  ја забрани за употреба водата од изворот во манастирскиот комплекс во струшко Калишта, поради не исполнување на барањата од Правилникот за безбедност на водата за пиење.

Ваквата одлука, како што соопшти Агенцијата, е донесена врз основа на добиените резултати од извршените лабораториски испитувања на безбедноста на водата за пиење во струшкиот регион, кои, Центарот за јавно здравје ги врши во рамки на мониторинг програмата за безбедноста на водата за пиење.

– Согласно дадената наредба од страна на инспекциските служби на Агенцијата, на изворот на вода во црквата во Калишта поставени се информативни табли дека водата не е за употреба. Бидејќи не станува збор за јавен водоснабдителен објект, таблите ќе останат поставени, а водата ќе биде забранета за пиење и за употреба, се додека не се потврди нејзината безбедност, информира АХВ. Агенцијата му наредила хитно хлорирање на водата на Јавното претпријатие кое стопанисува во водоснабдителната мрежа во овој регион, по што водата веднаш е хлорирана. Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата. Во текот на утрешниот ден повторно ќе бидат земени мостри за анализа, за да се потврди безбедноста на водата за пиење од јавниот водоснабдителен систем, се наведува во соопштението.

Поврзани новости