Иванов: Месечно трошиме милион евра за мигрантите, соработката со Грција ни е слаба

by Фокус

– Низ Македонија поминува главната рута на мигрантите. Ние трошиме еден милион евра месечно за да им помогнеме, а само за зајакнување на полициските сили трошиме 800.000 евра месечно. Нашите пробеми се резултат на тоа што се случува во ЕУ – мигрантите доаѓаат во Македонија од територија на Унијата, бидејќи никој не ја чува нејзината граница, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за полскиот весник Gazeta Wyborcza.

– Мигрантите доаѓаат кај нас од територија на Грција, која веќе доби од ЕУ повеќе од 450 милиони евра. Ние досега добивме само 90 илјади евра, вели претседателот Иванов, кој смета дека дополнителната ветена помош од Унијата, поради бирократските процедури, ќе стигне дури во текот на претстојната зима.

Тој во интервјуто ја нагласува слабата соработка со државите од ЕУ, особено со Грција.

– Веќе имавме ситуација кога во еден ден, грчките власти, транспортираа кон нашата граница 15 илјади луѓе. Моравме да прогласиме кризна состојба и да испратиме војници да ја контролираат ситуацијата, бидејќи градот Гевгелија, на границата, преку кој поминува главната траса на миграција, има само 15 илјади жители. Почнаа немирите, мигрантите фрлаа камења на нашите полицајци, и тие мораа да превземат мерки. Македонија беше обвинета за ситуацијата со мигрантите, иако овие луѓе дојдоа од територија на ЕУ. За жал, Унијата го заборави Балканот, Оставени сме сами со овој проблем, вели Иванов.

 

Поврзани новости