За Јакимовски се водела дисциплинска, но одлука нема оти со месеци бил на боледување

by fokus

Емил Јакимовски, вработен во Централниот регистер освен на новинарката Мери Јордановска, претходно се заканувал и на други вработени, но и на директорката на оваа институција, Марија Бошковска Јанковски и против него веќе се води дисциплинска постапка, но за него нема одлука бидејќи со месеци бил на боледување.

– Централниот регистар најостро ги осудува заканите на вработениот Емил Јакимовски преку Интернет врз новинарката и заменик-уредникот на А1он Мери Јордановска. Сакаме да истакнеме дека поради нарушување на работниот ред и дисциплина, како и закани кон вработени во Централниот регистар на Република Северна Македонија против Емил Јакимовски веќе е отворена дисциплинска постапка. Комисијата се уште нема одлука, бидејќи вработениот Емил Јакимовски веќе неколку месеци е на боледување. Исто така во изминатиот период во МВР има повеќе пријави од вработени во Централниот регистар поради закани од истото лице. Меѓу пријавите поднесени во МВР е и пријавата поднесена од директорката на Централен регистар, Марија Бошковска Јанковски, која во изминатиот период е мета на постојани напади и закани од Емил Јакимовски. Централниот регистар секогаш имал одлична соработка со медиумските работници и новинарите и затоа апелираме МВР и истражните органи да ги испитаат ваквите наводи и да ги преземат сите неопходни мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението на Централниот регистер.

Јордановска утрово соопшти дека Јакимовски и испраќал морбидни закани на Фејсбук. – „Гуска“, „пропагандистичка ороспија“, „да те искреираат на некролог“. Мал сегмент од монологот на „ничим прозваниот“ Емил Јакимовски, кој од 5 до 6 часот изутрина ми се закануваше без престан, не знаејќи ниту каде работам и цитирајќи текстови кои не сум ги напишала. Јакимовски – кадар на ВМРО-ДПМНЕ е државен службеник. Работи во Централниот регистар, а заедно со неговиот брат се сопственици на неколку портали. За ова е веќе пријавен во МВР преку Хелсиншкиот комитет, особено затоа што за него веќе има пресуда за семејно насилство, а овие принт скринови ги објавувам со чиста совест, за партијата да го преиспита психичкото здравје на оние кои ги вработувала и на оние кои го креираат јавното мислење, објави Јордановска. Истрага и реакција од надлежните бараат и Синдикатот и Здружението на новинари.

Поврзани новости