Вратите на Министерството за образование и наука останаа затворени за студентите од Студентски пленум, кои денеска сакаа да присуствуваат на јавната дебата, која првично требаше да се одржи на Педагошкиот факултет. Околу 50-тина студенти останаа надвор пред ресорното министерство додека обезбедувањето до последен момент чекаше инструкции, дали да им се дозволи на преставници од Студентскиот пленум да влезат да присуствуваат на дебатата.
Во меѓувреме, додека студентите на ладното време чекаа пред ресорното министерство, за нив остана клуч на вратата, додека сите други беа пуштени слободно да влезат внатре во просториите.
– Каква е оваа дебата на која се разговара за законските измени во образованието, кога 10.000 студенти излегоа и гласно кажаа „не“ за воведување државен испит на факултетите. Ова е постфестум дебата. Зошто воопшто се дебатира, кога студентите не се присутни таму. Студентскиот парламент ли ќе дебатира со веќе истечен мандат? Сега ние ќе ја бојкотираме дебатата. Не сакаме да дебатираме за државен испит кога студентите веќе на два протести го кажаа своето мислење – истакна Дарко Малиновски од Студентскиот пленум.
Тој го прашува министерот за образование Абдулаќим Адеми кога планира да седне со нив, студентите на преговарачка маса и да дебатира?
– Зошто по сите наши испратени писма и дописи до ресорното министерство и до самиот министер, тој не сака да разговара со нас. Со ова што го прават, нѐ тераат да дејствуваме вонинституционално. Ова е нелегитимна дебата – вели Малиновски.
Се започна рано утрото кога на новинската агенција „МИА“ беше објавено дека првиот човек во образованието ќе присуствува на јавна дебата на Педагошкиот факултет. После најавата, студентите од Студентскиот пленум револтирани што не биле повикани на дебата се појавија пред факултетот, каде беа известени дека дебатата е префрлена во ресорното министерство. Во меѓувреме, од МОН стигна соопштение во кое се наведува дека ќе се одржи работна средба меѓу министерот. неговите заменик Спиро Ристовски и деканите на Педагошкиот факултет. Сега останува нејасно прашањето дали имало дебата или се одржала работна средба?