Од Делегацијата на ЕУ во Скопје му се извинија на фотографот Томислав Георгиев

by Фокус

Откако, на фотографот Томислав Георгиев од „Фокус“ му беше оневозможено да учествува на конкурсот „Жан Моне“, за избор на најдобра репортерска фотографија, поради наводна техничка грешка, со соопштение се огласија организаторите од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

-Делегацијата на Европската Унија му се извинува на Томислав Георгиев, фоторепортер од неделникот „Фокус“, затоа што неговите фотографии не беа земени во предвид за наградата „Жан Моне“, поради техничка грешка. Ние од Делегацијата исклучително ја почитуваме работата на Георгиев и сме горди што тој беше победник на конкурсот во 2012 година, и член на жирито во 2013 година. Сакаме да го известиме „Фокус“ и останатите медиуми дека нема да дозволиме вакви грешки да се случат во иднина, се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Фотографот Георгиев на конкурсот испрати три фотографии на тема Европска Унија, но откако на самото доделување неговите фотографии не беа изложени, Георгиев беше известен дека поради техничка грешка не стигнале до жирито за оценка.

Конкурсот „Жан Моне“ се организира по 12-ти пат во Македонија и има за цел да ја поттикне и поддржи репортерската фотографија.

Инаку, наградата ја доби Ѓорги Личовски од неделникот Република, а за аматерска фотографија беше награден Виктор Поповски.

Поврзани новости