Еден рибар, еден велосипедист, неколку птици и неколкумина случајни минувачи дојдоа на денешното прославување на големиот христијански празник Богојавленије. Традиционалното фрлање на крстот помина во мирна атмосфера и без традиционалните тепачки во светите води на реката Вардар. Како што е познато од оваа година, лето господово 2015-то, се укинаа сите награди во вид на колор телевизори, таблети, мобилни, пари, слики од актови и слични подароци и остана единствено една мала икона.
За жал, никој од присутните не успеа да го фати крстот. Најблизу беше рибарот кој еднаш и го закачи крстот со јадицата, па едвај го одмрси и го врати во свети канализациски води на Вардар. Не помогнаа ни молбите на поповите да се качи на мостот и да го донесе кртстот, ни ад-хок наградата која ја смисли дедо Стефан – кило калифорниска пастрмка и пола кило икри од крап, зашто човекот се погоди спортски риболовец.