Никола Груевски го тужеше Тито Петковски оти овој го направил – „предавник“!?

by Фокус

Текстот е објавен на 14 декември 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 911

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Закачките од Грција за нашето име за време на преродбата изродија триста чуда. Ај што благодарение на нив се зацeментиравме во предворјето на европскиот елитен клуб, туку грчката политика стана и главното погонско гориво за домашните ни самопрогласени патриоти. Таму се крие и реперот за доделување статус на лиценциран предавник со портокалова тапија. Доволно е да изустиш дека си за компромис со Атина, и брзопотезно, без „врски“ и подмачкувања, ќе добиеш членска карта за Клубот на предавниците. Владата преговара за компромис ама тоа е патриотски. Тие што не преговараат ама се за компромис – тие се предавници. Изгледа дека „компромис“ е волшебниот збор што може да ви ги отвора предавничките порти. Секако, според критериумите на вратарот.

Да, верувам дека владата на Никола Груевски воопшто и нема капацитет за било каков компромис. Ниту со опозицијата, ниту со „невидливите“ штрајкувачи, а уште помалку со надворешниот „непријател“. Треба секогаш да биде по нивно оти народот им дал доверба на избори, а, од друга страна, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и само народот треба да го аминува или стори „предавството“ – за компромис со „нашиот јужен сосед“, како што „спонтано“ а оркестрирано се ословува Грција, главниот адут му е референдумот!

НЕ МУ ГО ПРАВИ НА ДРУГИОТ ОНА ШТО НЕ САКАШ ДА ТИ ГО ПРАВАТ ТЕБЕ

И после ваквиот учинок, нема да ви прозвучи изненадувачки веста дека најверојатно граѓанинот Никола Груевски ќе го сефтоса новиот закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда токму на патриотска тема –  за преговорите со Грција за името. Според дописот што го добивме од полномошникот на Груевски, адвокатот Никола Додевски, јасно е дека премиерот се почувствувал наклеветен од изјавата на Тито Петковски објавена во Фокус (види демант). И без обврската од членот 14 од новиот закон, Фокус секогаш, без исклучок ги објавувал сите реакции и деманти на нашите текстови и изјавите во нив, без касапења. Таква пракса немале медиумите кои преродбата ги третираше како професионални, ги опсипуваше со владини реклами платени од наши пари, а за кои никогаш немаше забелешки, ниту тужби за клевета.

Следниот чекор, согласно полномошното, е „барање за извинување и јавно повлекување“, што, пак, Петковски не смета дека го „заслужил“ со изјавата што ја дал (види рамка). И третиот чекор, не од преродбата туку според законот, е поднесување тужба за утврдување на одговорност и надоместување на штета за клевета, што после ваквиот след на настаните делува реален – дека премиерот во својство на граѓанин ќе удри свечено пуштање во употреба на декриминализирана клевета, а против актуелен  опозициски пратеник и поранешен негов коалициски партнер, Тито Петковски.

И сето ова формално – правно, согласно уставот и законот е во ред. Сепак ќе се „осмелам“ да ја коментирам реакцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од европски агол, и, пред се, од етички аспект и тоа според Конфучие, кој живеел двесте години пред Александар Велики или Македонски, да не речам Воинот на коњ, а неговата филозофија издржала до денес, или многу подолго од империјата на омилениот војсководец на преродбата.

Да појаснам, конфучијанската етика е строго рационална, јасна и бескомпромисна во поглед на разликите меѓу легалното и моралното. „Не му го прави на другиот она што не сакаш да ти го прават тебе“- е конфучијанската аксиома на алтруизмот. Аксиомата на совесноста, пак, гласи: „Ако сакаш себе си да се воздигнеш, воздигни ги другите“. И сега, изјавата на Петковски што го надразни Груевски беше предизвикана од спотот што го стокми токму партијата чиј лидер е Груевски. Неколку недели на неколку подобни телевизии се вртеше клипот „Или си СДСМ или не си СДСМ”, бајаги долг за телевизиски стандарди, безмалку 2 минути, а со тоа и доста скап. Во него, пак, истргнати делови од изјава на Тито беа „крунски доказ“ за предавството на опозицијата. „Северна или Горна Македонија“ беше думата што ја изговорил Петковски, а онака истргната требаше да создаде „дојам“ дека човекот се залага за промена на името и идентитетот и се по ред од предавничкиот протокол. Оти инаку би добил ударно место во црното клипче!?

Инаку, инспирацијата за текстот ми беше токму гебелсовштината на партијата на Груевски. Уште еднаш сакам јасно да нагласам, една од најмонструозните монтировки што биле пласирани низ партиските антикампањи што ни се шиткаат како модерен партиски маркетинг, ја прогласувам вмровската шнајдерска обработка на изјава на архитектот Мирослав Грчев. И сега, глеј чудо, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најавува тужба за клевета против еден од „наклеветените“ ликови од гебелсовскиот спот што го стокми токму неговата партија!!!

РЕФЕРЕНДУМ И ЗА СЕВЕРНА ИЛИ ГОРНА

Уште еднаш, ништо не е спорно во ваквиот потег од правен аспект. Од судски- уште помалку, оти во Македонија уште не се родил судија што нема да удоволи на тужбата на еден премиер или претседател, без оглед дали тој се вика Груевски или Црвенковски, Георгиевски или Бучковски. Оттаму, разбирливо ми е и зошто „пациентите“ од вмровскиот спот не сакаат со контра тужби да си го губат времето, како Грчев на пример. Патем, ваквите работи во демократски држави би биле нормална тема за дебати Кај нас тие изумреа, а судот стана решение за загатката, каде што функционерите добиваат орвеловски третман – дека се „поеднакви од другите“. Убавина!

И конкретно за поводот за тужбата. Искрено верувам дека премиерот е екстра сензитивен за преговорите со Грција за името. Уште повеќе, имам впечаток дека било каков компромис тој го доживува како предавство, по кое би бил запаметен во историјата. Тука некаде мислам и дека дојде до Еуреката – референдумот. Арно ама, зошто неговите гласноговорници и „трбухозборци“ со невидена леснотија делат предавнички етикети на секоја размисла за излез од ќорсокакот!?

Колку што можат да продрам во сржта на демантот, меѓу редови, кој ги прогласува наводите на Петковски како измислица, адутот на Груевски е токму референдумот. Тоа убаво се виде лани, кога се крена врева околу писмото на Милошоски до Бан Ки Мун, што опозицијата го идентификуваше како писмено признание дека Груевски прифатил промена на името во Букурешт.

„Во 2008 година, пред самитот на НАТО во Букурешт, не прифативме да се смени името, туку прифативме предлогот на медијаторот Метју Нимиц да се стави на референдум.Тоа е голема разлика. Затоа што ставањето на референдум е најголемата демократска придобивка што може да ја имаат граѓаните, бидејќи им се дава можност тие да кажат да или не, да прифатат или да одбијат, изјави тогаш Груевски

Но, со оглед на тоа што и опозицијата се навлече на референдумот, логично е дека и „предавниците“ како Петковски, го имаат истото алиби – Северна или Горна ама на референдум. Второ, а тоа веќе и од стразбуршка перспектива, станува збор за силен јавен интерес, за клучното прашање за евроинтеграциите на Македонија, за кое опозицијата и под закрила на пратеничкиот имунитет редовно се обидува иако безуспешно- да предизвика дебата.

Претпоставувам дека формално за нашите судови ќе биде клучно: дека во писмото на Груевски до Бан Ки Мун во 2008 немало ништо за „Република Македонија – Скопје“, дека писмото во 2011 е потпишано од Милошоски не од премиерот, или дека предлогот на Нимиц Груевски го прифатил ама со клучниот момент- ставање на референдум, но, убедена сум, од европска перспектива ова нема ја промени суштината. Ниту ќе го зголеми угледот на тужителот, ниту на судот. Ќе биде жално ако поради Грција, индиректно нели, добиеме уште некоја критика од Брисел!

Демант од Никола ДОДЕВСКИ, адвокат на премиерот
НАВОДИТЕ НА ПЕТКОВСКИ СЕ ЦЕЛОСНО ИЗМИСЛЕНИ

Во својство на полномошник на Никола Груевски од Скопје, овластен за спроведување на постапка согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Ви се обраќам поради следното:

Во неделникот Фокус од 30 ноември 2012 година на страна 13 во посебна рамка објавена е изјава од лицето Тито Петковски со наслов: „Зошто не го стават во спотот и предлогот на Груевски – Република Македонија – Скопје“, во која е наведено дека Никола Груевски со официјално писмо до генералениот секретар на Обединетите нации во 2008 година предложил новото име на Република Македонија да биде Република Македонија – Скопје, кој Грција исто така официјално го одбила.

Врз основа на член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во целост ги демантираме наводите од изјавата на Тито Петковски објавени во неделникот Фокус како невистинити и целосно измислени.

Полномошник
Адвокат Никола ДОДЕВСКИ

Тито ПЕТКОВСКИ
ЌЕ МУ СЕ ИЗВИНАМ САМО ДОКОЛКУ НЕ БИЛ ПРЕМИЕР ВО 2011

Никола Груевски продолжува да игра на картата на кратко паметење на народот. Постои видео и тонски запис, од изјава на Груевски, од која може да се види неговиот став по однос на спорот со Груција за името и кој во ништо не отстапува од она што го изјавив за Фокус.

Таквиот став го потврдува и Антонио Милошоски во својство на министер за надворешни работи во владата на Груевски во писмото упатено до Советот за безедност од 16 февруари 2011 година. Покрај другото, во писмото стои дека “Република Македонија прифати извесен број на предлози од г-дин Нимиц, како основ за решение, вклучувајќи го и предлогот – Република Македонија (Скопје), кој Република Грција за жал го отфрли”.

Не сум слушнал дека Никола Груевски се огради од својот министер или пак презел мерки на политичка одговорност кон него.

Подготвен сум да му се извинам на премиерот, само доколку ја убеди македонската јавност дека не е истиот оној Никола Груевски кој пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифати промена на името и дека не бил премиер на Република Македонија во февруари 2011 година, кога владата на Република Македонија официјално доставила согласност до Советот за безбедност на ОН за името – Република Македонија (Скопје)!

Мирослав ГРЧЕВ, „предавник“ во спотот на ВМРО-ДПМНЕ
КОГА СУДОВИТЕ СЕ ИЗВРШНИ ОРГАНИ НА ПАРТИЈАТА!

Во спотот чијшто нарачател, а верувам и продуцент и автор, се партијата на власт – ДПМНЕ и нејзиниот претседател г-динот Груевски, е извршена монтажа на една моја изјава на начин кој ја искривоколчува оригиналната смисла и остава делче од кое може да се заклучи дека јас сметам дека не постои македонска национална историја и култура …Иако делот кој го искасапија беше „во неолит или во палеолит“.  Самото кратење и монтирање на изјавата и нејзина употреба вон контекст е фалсификат, ширење на лажни информации и озлогласување на мојата дребност, практично еден режимски повик на линч. Ваква црна кампања е можна само во тоталитарни режими, во кои судовите стануваат извршни органи на партијата на власт и ги оставаат граѓаните без правна заштита.

Зарем е можно, во вакво инверзно општество во кое премиерот тужи, суди, озлогласува и уништува луѓе, да постои надеж дека обичен граѓанин може да го тужи него или неговата партија на власт и да очекува заштита и правдина!? Да имаше во Македонија правна држава, вакви гебелсовштини немаше ниту да се случуваат!

Поврзани новости