Во ТВ НОВА остана само чуварот, Гаврилов од „Канал 77“ преговара да ја купи

by fokus

Телевизија НОВА од денеска ќе емитува само снимена програма, нема да има вести, дебатни емисии и нови содржини, затоа што сите вработени се испратени дома. Според информации од вработените, во телевизијата останал само чуварот.

Телевизијата им должи веќе пет плати на вработените. На дел од нив, чии договори се пред истек, им се делат откази. Останатите ќе бидат без работа се до март, кога им е речено дека ситуацијата ќе се реши.

„Ни рекоа на сите до први март да си одиме дома и ние се сложивме. Не се знае што ќе биде после први. Како и да е сите си отидовме дома, програма нема да има, туку само снимени емисии и репортажи, нема да има ниту вести. Денеска е планирано да се емитува фудбал во живо, ама тоа затоа што е однапред договорено“, вели вработен во телевизијата.

ТВ НОВА веќе беше опомената од Агенцијата за медиуми затоа што не емитувала програма согласно законот, но ова исклучување на програмата може да и донесе нови казни.

Во меѓувреме се погласни се шпекулациите за преземање на телевизијата. „Фокус“ доби потврда дека такви намери има и управителот и основач на радио мрежата „Канал 77“, Горан Гаврилов.

-Во тек се преговори, само тоа можам да кажам за сега – изјави Гаврлиов за „Фокус“.

Додека Гаврлиов преговара за купување на телевизијата, вработените стравуват за својата судбина. Со месеци работеа без плати и се надеваат дека со ново раководство работата ќе тргне во посакуван правец.

Инаку, телевизијата почна да пропаѓа паралелно со симнувањето од власт на ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот сопственик, Сеад Кочан, важеше за близок до поранешната владејачка структура, а неговите бизниси цветаа за време на претходната власт. Зедно со ТВ НОВА во неизвесност е ставена и грдежната фирма „Трансмет“ на семејството Кочан, која често добиваше државни тендери.

 

Поврзани новости