Пишува
Џелал ХОЏИЌ
Во Србија се одржаа предвремените парламентарни избори. Изборите по многу нешта наликуваа на оние кај нас во 2008 година, кога ДПМНЕ освои апсолутна власт. Најголемата владејачка коалиција, предводена од Српската напредна странка на Александар Вучиќ, освои апсолутна власт. Таа во српското Собрание ќе има 157 пратеници од вкупно 250.
Помалата владејачка коалиција, предводена од Социјалистичката партија на Србија на досегашниот премиер Ивица Дачиќ (некогаш, партијата на Слободан Милошевиќ), го повтори својот резултат од минатите избори и освои 45 пратеници во Собранието.
Некогаш најголемата партија во Србија, Демократската странка на Драган Ѓилас (партијата на Зоран Ѓинѓиќ), која на минатите избори ја изгуби власта, доживеа вистинска катастрофа и на овие избори освои само 19 пратеници. Овој слаб резултат се должи на повеќе фактори, меѓу нив и на заминувањето на речиси половината од оваа партија во новоформираната Нова демократска странка, која беше предводена од Борис Тадиќ, а која на овие избори освои 18 пратеници.
ПОРАЗ НА КОШТУНИЦА, ДИНКИЌ И НА ЈОВАНОВИЌ
Горкиот вкус кај демократите е дека и кога би ги споиле повторно двете партии заедно не би биле втора партија во српското Собрание, местото на кое се зацврсти коалицијата околу Ивица Дачиќ. Вистински пораз на овие избори доживеаја тројца познати политичари: Воислав Коштуница, некогашен претседател и премиер на Србија, Младен Динкиќ, некогашен министер во повеќе влади, и Чедомир Јовановиќ, политичар од кого се очекуваше да го зголеми својот рејтинг.
Партиите на овие три познати имиња не успеаја да го поминат цензусот од 5 отсто од излезноста на гласачите, а тоа значи дека нема да имаат свои пратеници во парламентот. Неуспехот на партијата на Коштуница, која беше фронтмен на „анти-ЕУ“ кампањата, да обезбеди влез во парламентот значи и огромен пораз на политиката која беше против евроинтеграциските процеси на Србија и за приближување кон Русија.
Од малцинските партии, за кои цензусот за влез во законодавниот дом е 1 отсто од излезените избирачи, пратенички места освоија: Сојузот на Унгарците од Војводина, предводен од Пастор, со седум пратеници, Странката за демократска акција на Угљанин ќе има три пратеници, додека, пак, Партијата за демократско дејствување, партија на Албанците од Прешево, чиј лидер е Риза Халими, освои еден пратенички мандат. Ваквата поставеност во српскиот парламент нуди апсолутна власт за идниот премиер Александар Вучиќ.
Доколку најголемата партија ги прибере во власта пратениците на малцинствата, а тоа е воспоставена практика, тогаш Српската напредна странка ќе обезбеди и двотретинско мнозинство, со што ќе може да прави и уставни измени. Убеден сум дека Дачиќ нема да биде дел од новата власт и ќе биде најголемата опозициска партија.
Дел од власта, покрај пратениците на малцинствата, може да биде и Новата демократска странка на Борис Тадиќ. Граѓанската партија на Расим Љајиќ, која е втора најголема партија во коалицијата предводена од Вучиќ, ќе продолжи да расте. Тоа за Љајиќ ќе значи уште поголем рејтинг и зачувување на статусот на малцински политичар со најголем рејтинг.
ВУЧИЌ ГО ДОНЕСЕ ШЕИКОТ МУХАМЕД, А НЕ КРИМИНАЛЕЦОТ СУБРАТА РОЈ!
Популистичката партија на Вучиќ многу потсетува на ДПМНЕ во 2008 година. Во српската јавност, а и кај нашите експерти, постои страв дека партијата на Вучиќ ќе прерасне во авторитарна власт. Едно е сигурно, власт со слаба опозиција е секогаш штетна за општествените случувања. Сепак, мора да кажеме дека контекстот е малку различен.
Вучиќ, за разлика од Груевски, за својата земја успеа да обезбеди датум за преговори, иако српскиот проблем со Косово во суштина е поголем проблем отколку нашиот спор за името. Србија, со добиениот датум за преговори, е ставена на шините кон Брисел.
Европската иднина на Србија го претвори Вучиќ, кој дојде на власт како националист, во политичар кој е прагматичен и кој зборува за економија. За разлика од Груевски, кој дојде на власт како економист, а се претвори во националист. Вучиќ во Србија како инвеститор го носи шеикот Мухамед, а не криминалецот Субрата Рој, па, иако тука е видлива таа популистичка реторика, сепак има разлика.
Во првите изјави по освоената убедлива власт, во Србија досега никогаш невидена, Вучиќ најави болни реформи што Србија ќе ја кренат на здрави нозе и ќе ја однесат во ЕУ, со подготвеност за нив да плати со целиот свој рејтинг и со пораз на следните избори, за разлика од Груевски, кој ѝ ја одзеде европската перспектива на Македонија само за да остане на власт. Следните избори се кај нас. Шанса и ние да ја одбереме европската иднина наместо национализмот.