Груевски не сака ЕУ да му се меша во правдата што ја дели долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ

by Фокус 13:43
13:43

Текстот е објавен на втори март 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 870

Пишувал
Стојан АНДОВ

Како се развива случајот со професорот Владо Димов, така се крева параванот што од јавноста го прикрива нашиот систем на откривање, прогон и пресудување. Ги слушаме и ги читаме сегашните изјави на Димов, за тоа што пропатил и за горчината што и денес ја чувствува.

- Advertising -

Меѓутоа, сите во денешното македонско општество треба да знаеме дека нему судбината ќе му беше многу погорка и професорот ќе беше сосема друг, скршен човек, ако не избегаше од нашата земја и со тоа стана недостапен на нашата правда. „Олеснителна околност” му беше тоа што е признат експерт и лесно најде засолниште надвор од нашата земја.

Да не ја донел таа храбра одлука, проф. Димов овде долго ќе беше во притвор, сѐ додека не се најдеше „вистинскиот” истражен судија, а потоа погодни обвинител и судија, за да му се подготви обвинение, кое ќе создадеше во јавноста состојба на свршен чин и тој едноставно ќе беше осуден.

Неговиот умен потег да ја напушти земјата, некои луѓе не го презедоа на време, а немаа ни таква можност, и затоа или се сѐ уште во притвор, или, пак, се во Идризово. Сега, откако тој во Бугарија даде изјава за кривичниот процес што овде се водеше против него, барем потерницата издадена од Струмичкиот суд, е повлечена.

Но, за да се разбере нашата реална ситуација во правосудството, треба да се има предвид и уште еден детаљ. Имено, откако Врховниот суд најде грешки во постапката што за непријавен имот ја покрена УЈП против Димов, заменик премиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски, даде изјава во која, отприлика, кажа: „Сепак, ние не се откажуваме од гонењето на Димов”.

Ете, незадоволството од Одлуката на Врховниот суд го изрази заменик премиерот. Таа надвисната темна сенка на Владата врз правосудните институции со изјавата на Ставревски е јавно призната, а надвор од очите на јавноста, таа сигурно е многу посилна.

Љубе Бошкоски, од свои причини, не избега од земјата и веќе првиот ден после изборите беше сместен во притвор. Како и во случајот со проф. Димов, слично и кај Љубе, обвиненијата се засноваат на многу сомнителни докази. Во неговиот случај, одбраната во судскиот претрес сосема ги демаскира аргументите на обвинителството и ги поби основите на обвинението, ама судот не уважи ниту еден од нејзините аргументи. Може да се претпостави дека истото ќе му се случеше и на проф. Димов, ако не се засолнеше во странство.

Фијат Цаноски, не како проф. Димов, но сепак им „избега” на органите на прогонот, така што на изборите беше избран за пратеник и постапката за одредување притвор за него стана многу компликувана, а според распоредот на силите во парламентот и невозможна. Но, тоа не значи дека Цаноски не го стигна казната.

Врз основа на решение, кое како копиле, никој не го признава како свое, на Фијат Цаноски му е нанесена милионска штета и е на дневен удар на сите државни органи и провладини медиуми.

ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНИ АПСЕЊА И СУДЕЊА

Заедничко за сите три случаи е политичкиот мотив, што стои во основата на нивниот прогон. Професорот Димов беше министер за здравство во владата што ги изгуби изборите во 2006 година, а Бошкоски и Цаноски во предизборната кампања беа на страната на опозицијата. Во овој поглед интересен е и случајот со Јорго Ќука.

Тој беше осуден и одлежа затвор, иако одбраната во судската постапка докажа дека тој не ѝ нанел штета на фирмата, а сепак е осуден. Напротив, после неговото сменување, и инсталирање на ново раководство во ОХИС од Владата, на државата ѝ е нанесена голема штета.

Додека Ќука го водеше ОХИС, без да добива државни пари, раководството што дојде после него бараше и доби неколку милиони евра од државниот буџет. И покрај овие факти, државата уште „не се откажува” од Ќука и овој поранешен стопанственик  го засипува со нови кривични пријави и обвинувања.

Велија Рамковски, иако знаеше што му се подготвува, едноставно не веруваше дека е можно тоа да му се случи. Но, при крајот на 2010 година, тој сепак беше ставен во притвор, каде и сега се наоѓа. Според атмосферата што сега се  создава во јавноста, јасно е дека тој ќе биде осуден, иако неговата одбрана докажа дека обвинението не извело правилна постапка и затоа се заснова на невистинити докази. Инаку, приговорите на постапката од одбраната на Рамковски, се од слична природа со приговорите кои во одлуката за случајот на Димов ги уважи Врховниот суд.

Сите овие случувања покажуваат дека осомничениот, кога е гонет од политички мотиви, задолжително ќе биде осуден. Тоа нема да му се случи, само ако може како професорот Димов и пратеникот Цаноски, да стане недостапен.

Ако се сака некоја политичка оценка за состојбите во нашето правосудно општество тогаш може да се каже дека таа е таква што може да опстојува само во политички изолирани држави. Состојба како во нашето правосудство, според спомнатите случаи, може да опстојува само во политички изолирани држави.

Ако на пример, нашата земја беше членка на НАТО и беа започнати преговорите за пристапување во полноправно членство во ЕУ, политички монтираните судски процеси ќе беа невозможни.

Правдата во демократските земји е обезбедена со општата клима во јавноста, која едноставно не дозволува мешање на извршната власт во работата на правосудството. Но, тоа не е доволно.

ВЛАСТА ЗНАЕ ЗОШТО НЕ САКА ВО ЕУ

Во тие земји бројните органи кои се задолжени за некои контролни функции во државата и за спроведување на правдата, како што се на пример: УЈП, Царината, полицијата, Обвинителството и судството, должни се да применуваат и дополнителни инструменти, со кои се спречува корупцијата, или, пак, политичкото влијание врз нивната работа.

За таа цел постојат прописи, со кои нанесената штета на странката не се покрива, или барем не целата сума од државниот буџет, туку добар дел или во целина ја покрива непосредниот сторител.

Имено, ако се покаже, во целината на постапката, дека извршителот во УЈП, во Царината, во полицијата, во вештачењето, во Обвинителството или некој од судиите, постапил спротивно на постапката утврдена со закон, тогаш оштетената странка има право на целосен надомест на штетата, а тој се обезбедува од личниот имот на непосредниот сторител.

Бидејќи тука се можни и несакани и неочекувани грешки, направени од сторителот, какви едноставно не е можно во целост да се избегнат, луѓето што работат на такви функции т.е. можните сторители, за секој случај си плаќаат полиси во осигурителните компании, кои кога треба сторителот да ја надомести штетата тоа го вршат наместо него. Кај нас, надомест на штетата државните органи обезбедуваат, пред сѐ, само ако штетата ја трпи државата.

Иако во Уставот државата е рамноправна во облигационите односи, таа со нашето законодавство и со работата на нашиот правен систем, обезбедува еднострана корист и заштита за себе во целата област на нанесување и надомест на штети. Токму таа позиција на извршната власт, и на сите оние кои имаат корист од неа, во наши услови е доволен мотив власта да не сака влегување на земјата во НАТО и отворање преговори со ЕУ за полноправно членство.

Сите овие околности бараат темелен пресврт во состојбите во нашето правосудство и во работењето на нашата државна администрација. Но, има и други штетни последици од оваа наша практика, кои нанесуваат големи, финансиски немерливи штети на нашето општество и на нашата држава.

За илустрација, да ги земеме случаите на Цаноски и на Рамковски. Неспорно е дека Рамковски и Цаноски до моментот на нивниот непосреден судир со власта, беа луѓе со углед во целото наше општество и, што е многу важно, беа светол пример кој докажуваше дека ова општество им дозволува на способните да се дигнат и да се извишат високо во општеството, без оглед на нивната национална, етничка и конфесионална припадност.

И двајцата се изникнати и проникнати од средините на Македонците со исламска вероисповед. Таа конфесионална група Македонци, од сите досегашни власти била туркана надвор од нивното внимание. За тие луѓе се имало малку разбирање, од сите страни биле осомничени и потценувани и се стекнувало мислење дека нивните припадници без оглед на личните способности немаат некаква перспектива во нашето општество.

Овие двајца, Цаноски и Рамковски, ја разбија таа окаменета, назадна мрачна претстава и докажаа дека способноста и смелоста на Македонците со исламска вероисповест се доволна потпорна сила за да се кренат високо над просекот во општеството, но за жал, предизвикаа и непријателство кон себе.

МЕЦЕНИ – НЕПОЖЕЛНИ ЗА ВЛАСТА

Имено, раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ на локалните избори во 2009 година, ги искористија сите дозволени и недозволени средства за да спречат за градоначалник на Струга да биде избран Фијат Цаноски.

Впечатокот од таа кампања беше многу мачен, бидејќи и Македонците со исламска вероисповед сфатија дека како и да бидат работите, ним или на некој од нив ќе им бидат ставени несовладиви пречки.

Веднаш после изборите, се покажа дека Фијат Цаноски е непожелен за власта во Струга и во Струшко и, како способен и ефикасен стопанственик беше едноставно „протеран” од Струга и од Струшко. Рамковски, пак, без какви било комплекси се претстави како Македонец и во тоа свое својство финансираше и изведе повеќе акции за афирмација на македонскиот јазик и македонската култура.

Доволно е да се сетиме на карванот што го организираше неговата Фондација за афирмација на делото на Крсте Петков Мисирков. Рамковски на повеќе научници и уметници им оддаде признанија за нивниот придонес во афирмација на македонската култура и уметност. Македонците со исламска вероисповед покрај нивното тешко историско минато и, денес се чувари и бранители на нашиот македонски јазик. Тие во ликот на Цаноски и Рамковски гледаа храбри луѓе што никнале од нивната средина, со што докажале дека таа е плодна со општо македонско чувство и општочовечки вредности.

Кампањата, која нашите провладини медиуми ја водеа и ја водат против Рамковски и Цаноски, е убиствена за охрабрениот дух на Македонците од исламска вероисповед и крајно е неправедна кон нив. Сликата на „Пајажина”, која отворено зборува за долго подготвуваниот удар против Рамковски, неговото неоправдано држење во притвор повеќе од година дена, држењето во притвор на членови од неговото семејство, особено на ќерка му која е раздвоена од нејзините мали деца, зборува за бескрупулозната спремност на власта по секоја цена да го скрши неговиот дух.

Според она што одвреме-навреме продира во јавноста, Рамковски уште не се дава. Наспроти таа силна кампања, перцепцијата кај Македонците од исламска вероисповед е поинаква. Најголем број од нив во целата постапка против Рамковски и Цаноски препознаваат непријателски однос на власта кон нив самите.

Тој впечаток нагло се зајакна откако на телевизија беа прикажани сликите од Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во мај 2011 година, кога луѓе од првите редици на Конгресот со гнасење зборуваа за „торбешите”, како за нечесни и валкани луѓе што претставуваат опасност за Македонија. Тој впечаток на непријателски однос на власт кон Македонците со исламска вероисповед понатаму се зајакна и со фактот што никој од одговорните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ со прст не покажа на говорот на омраза кон „торбешите” што беше демонстриран на нивниот Конгрес, а камоли, пак, да беа преземени мерки против сторителите.

Македонците со исламска вероисповед длабоко се разочараа и од сите оние пишувачи на писма за заштита на македонскиот јазик, кои не покажаа ни ронка разбирање, и не им проработи свеста да се спротивстават на говорот на омраза на угледните делегати на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонците со исламска вероисповед издржаа многу налети врз својот етнички идентитет. Тие не подлегнаа на притисокот на Странката на демократска акција на Изетбеговиќ во почетокот на деведесеттите години, туку си го задржаа и си го одбранија својот идентитет. Не ја прифатија ни акцијата, која имаше за цел поради исламската религија да станат Турци.

Меѓутоа, за нив е одбојно однесувањето на македонската власт, која цврсто настојува да докаже дека вистински Македонци се само оние што се верници на Македонската православна црква, а (за беља) тие се и потомци на Александар Македонски.

Ни едното ни другото, на Македонците со исламска вероисповед не е прифатливо и се доживува како притисок и напад врз нив. Големите политички хајки против Рамковски и Цаноски, голем дел од Македонците со исламска вероисповед ги уверија дека власта се пресметува не само со овие двајца, туку со сите нив.

Затоа, да не се изненадиме, ако тие побараат некое друго засолниште за да се спротивстават од притисоците на власта. Идејата на Цаноски, посебноста на етничките Македонци од исламска вероисповед да се означи со прифаќањето на нивниот белег како „торбеши” не беше ниту разбрана, ниту прифатена.

За жал, не се проби свеста дека Македонците од исламска вероисповед се длабоко разочарани од македонската власт и од македонското општество. Затоа, бидејќи нема друг начин да го искажат својот револт тие за прв пат во евентуалниот попис на населението, макар и со апстиненцијата нема да ја означат  нивната етничка припадност како Македонци.

Без оглед што Груевски не пропушта во секој јавен настап да повика на единство на целото наше општество, неговата практична политика, води кон груба фрагментација и отуѓување, особено на малцинските етнички, конфесионални, политички и други групи граѓани. Таа политика им задава тешки удари на македонскиот народ и на Република Македонија како држава, бидејќи произведува бројни конфликти во општеството и ги засилува факторите на општествена дезинтеграција, наместо да води кон општествена кохезија!

Поврзани новости