Наместо да ѝ слугува на власта, МПЦ треба да му помогне на народот да се ориентира кон Запад

by Фокус

Текстот е објавен на 13-ти јануари 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 863  

Пишувал
Стојан АНДОВ

Појавата на христијанството, неговата теологија и филозофија означуваат почеток на развој на една нова цивилизација, која до денес има надмоќна позиција во светот. Клучен историски момент во развојот на христијанството е Првиот вселенски собор, кој започнал на 20 мај 325 година, во градот Никеја. Овој собор го свикал римскиот цар Константин Велики, кој претседавал со него.

На Соборот присуствувале 318 епископи, презвитери и други христијански големодостојници. Од отсутните, најважен бил епископот од Рим,  римскиот папа Силвестер. На Соборот се канонизирани најважните елементи од Христовото учење, отфрлени се апокрифните дела, а отфрлено е и стојалиштето на свештеникот Ариј од Александрија. Документот од Соборот, во кој меѓу другото е осуден Ариј и неговото учење, го потпишале 317 христијански големодостојници, а не го потпишале Ариј и уште двајца.

Константин, кој во тоа време сѐ уште не бил христијанин, како цар, не дозволил тие тројца да бидат расчинети и исклучени од христијанската црква, ама го прифатил инсистирањето на Александрискиот презвитер, кој подоцна станал епископ Александриски Атанасиј Први, сите тројца да бидат распоредени во други краишта од оние во кои дотогаш живееле.

Римскиот епископ своето отсуство го правдал со болеста и староста. Константин Велики му бил многу лут, но сепак, прифатил да му се признае на Силвестер правото на „прв меѓу еднаквите“. На таа основа, веќе за време на Константин преовладеало уверувањето дека врховна земна власт има римскиот цар, а врховна духовна власт има Римскиот папа.

Дури и цариградскиот патријарх, откако ќе биде избран, за да стапи на должноста му била потребна согласност од Папата.

Дури и патријархот Фотиј, кој бил извонредно способен и како  верски поглавар, но и како државник и дипломат, после својот избор му го испратил на Папата својот синодик (молба за потврдување). Светите Кирил и Методиј, по наредба од византискиот цар Михајло Трети, а по препорака и со упатство од Фотиј, вршејќи ја својата мисија во Моравија, заминале во Рим да бараат благослов и поддршка од Римскиот папа, како врховен поглавар на христијанската црква. Свети Кирил својата мисија во Моравија ја вршел незамонашен и под своето име Константин Филозоф. Тој се замонашил во Рим, во римски манастир два месеца пред својата смрт и дури со замонашувањето го зел името Кирил.

СИТЕ СЕ ВРТЕЛЕ ОКОЛУ МОЌТА НА ПАПАТА

Но, како што слабеела моќта на византискиот цар во западните подрачја од царството, така растеле влијанието и моќта на римскиот Папа. Тоа предизвикало реакција во Константинопол и византиската црква настојувала сѐ повеќе да се осамостои од Папата. И самиот Фотиј влегол во спор со Папата Никола Први, но имал последици.

Византиските цареви, бидејќи се надевале да ги повратат териториите од западното царство што ги изгубиле, за таа цел сметале дека им е потребна помош од римскиот Папа и затоа главно ги зауздувале амбициите на цариградските патријарси. Но, со слабеењето на Византија, се заострил судирот меѓу Цариградската патријаршија и Римското папство.

Делегација на Папата на чело со кардиналот Хумберт пристигнала во Цариград и на средбата со царот Константин Деветти Мономах била охрабрена, бидејќи царот бил приврзаник христијанската црква да остане неподелена, а поглавар да остане Папата. Кардиналот Хумберт, кој бил доста екстремен, на 16 јули 1054 година, охрабрен од царот, на олтарот на Света Софија ставил була, со која се фрлила анатема на цариградскиот патријарх Михаил Керулариј.

Последиците на тој акт довеле до целосен расцеп на Источна (Византиска црква) и Западна (Римска црква). На Керулариј силна поддршка против Папата му дал тогашниот охридски архиепископ, гркот Лав.

После расцепот на христијанската црква, Византија нагло почнала да слабее поради внатрешни судири во неа и како резултат на тоа, таа, само седумнаесет години после расцепот, го доживеала својот најтежок пораз во дотогашната своја историја. Кај Марцикент во Ерменија, во август 1071 година, султанот на Турците Селџуци ја уништил византиската војска и го заробил царот Роман Четврти Диоген. Од тогаш, Византија е во постојано отстапување од Турците и наскоро после битката кај Марцикент ја изгубила речиси цела Мала Азија.

Разликите меѓу двете цркви, кои и до тогаш постоеле како теолошки догми, како во светата литургија, така и во сфаќањето на Светото тројство, после расцепот и од едната и од другата страна, се прогласени како непремостиви и како основна причина за самиот расцеп.

Двете страни тоа го направиле за да не ја откријат пред населението нивната меѓусебна борба за превласт, како основна причина за расцепот. За продлабочување на расцепот меѓу двете цркви влијаело освојувањето на најголем дел од Византија и на самиот Цариград од страна на крстоносците во 1204 година.

Од тогаш, кај населението на Цариград, кое било претежно од грчко етничко потекло, но и во другите подрачја во Византија што ги зазеле некои високи учесници од крстоносците, се развила силна омраза против „Латините“. Постепено се формирало јавно мислење дека „Латините“ и папската митра за православните христијани претставуваат поголем непријател и душман, отколку што им се Турците и нивната чалма.

Во таков дух се развивале работите сѐ до паѓањето на Цариград под турска власт. Кога станало наполно јасно дека Византија не може да се одржи и да се спротистави на Османлиската империја, царот и патријархот повеле иницијатива за обединување на црквите и на двапати постигнале согласност со Римската црква, и тоа во 1427 година на Соборот во Лион и во 1439 година во Фиренца. Но, и првиот и вториот пат спогодбата пропаднала поради противењето на свештениците и на  населението.

СУЛТАНОТ И ПАТРИЈАРХОТ СИ ЈА ПОДЕЛИЛЕ ВЛАСТА

Кога Мехмед Втори Освојувач го зазел Цариград, ги укинал сите православни цркви на поробените народи и задржал само две, чиј поглавар бил назначуван од византискиот цар. Тоа право за себе си го земал како наследно. Тие две цркви биле Цариградската патријаршија и Охридската архиепископија.

Но, во државниот „милет“ систем, припадниците на сите христијански народи, султанот ги ставил под раководство на цариградскиот патријарх, кој добил позиција на милет – баш. Таа позиција, Цариградската патријаршија ја користела за својата политика на хеленизација на православното население од сите негрчки народи.

Всушност, цариградскиот патријарх се нашол во позиција на сојузник на султанот, со кој ја поделил власта врз православните христијани, така што цивилната власт му припаднала на султанот, а верската на патријархот, со право да посредува и во граѓанските права на православците.

Ова сојузништво било неприфатливо за слободољубиво расположените христијански маси од негрчките народи во Османлиската империја. Секој од тие народи постепено доживувал будење на свеста за својата посебност и со тоа се јавувал отпор, кој водел кон борба за нивна верска автономија од Цариградската патријаршија. Тоа движење за автономија најрано се развило во Охридската архиепископија.

Прво се развило како инсистирање султанот да именува архиепископи – припадници на народите на територијата каде архиепископијата имала црковна власт, а не од Цариград. Така, избраните архиепископи се потпирале на поддршката на населението и од ниското свештенство, но често барале поддршка и од западните сили, па и од Папата.

Охридскиот архиепископ Гаврил, на пример, во 1586–87 година, ги посетил Прага, Виена, Инзбрук и Рим. Се смета дека тогаш Гаврил потпишал документ за спојување на Охридската архиепископија со римската папска власт, со што го признал врховниот авторитет на Римскиот папа.

Подоцна, Охридскиот архиепископ Атанасиј Први, инаку православен Албанец од Берат во Албанија, водел засилена политика за јакнење на автономијата и слабеење на врските со Цариградската патријаршија. Атанасиј Втори, охридски архиепископ, Македонец, исто така, водел силна борба за автономија од Цариградската патријаршија.

Оваа борба на Охридските архиепископи против Цариградската патријаршија и за нивно поврзување со западните цркви не се ограничувала само на соработка со Римската црква. Архиепископот Атанасије Први се сретнал и со претставници од протестантската црква.

Тој во Тибинген во Германија се сретнал со големиот елинист Мартин Крусиус. Го запознал со потребите на православните христијани во Охридската архиепископија за поголема автономија и ги истакнал јазичните права на негрчкото население. Му објаснил дека Словените Македонци, Албанците и Власите од православната вероисповест, од Охридската архиепископија бараат богослужба на свој јазик.

ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА РАЗВИВАЛА ДЕМОКРАТИЈА

Охридската архиепископија од времето на нејзиниот основач Климент Охридски, сѐ до нејзиното укинување во 1767 година, својата паства ја водела по патиштата на сеопшт цивилизациски напредок. Во почетокот, Охридската архиепископија на населението му овозможила пристап до, во тоа време, убедливо најразвиениот културен центар – Цариград и до Византија.

Одвреме-навреме, кога со Охридската архиепископија раководеле Грци испратени од Цариградската патријаршија, имало обиди за хеленизација на населението и задушување на нивниот јазик и нивната самобитност. Меѓутоа, и во такви прилики, населението и пониското свештенство не подлегнале на тој надворешен притисок.

Кога паднале под османлиска власт, клерот на Охридската архиепископија и населението, светлината ја гледале во подрачјата во Европа од каде можеле да добијат  помош за сопствено ослободување. Таа ориентација на Охридската архиепископија е забележана од Римската папска власт и претставува важен елемент, што го поттикнал Папата Григориј Тринаесетти да го основа православното училиште-институт во Рим, „Св. Атанасиј“, во 1577 година.

Младите луѓе што го завршувале тоа училиште заминувале на подрачјето на Охридската архиепископија како мисионери. Тие им помагале на локалните свештеници и на народот да ја разберат суштината на сојузот меѓу султанот и Цариградскиот патријарх и на тој начин, го јакнеле отпорот против тој сојуз.

Нашата Македонска православна црква, која ги наследува традициите на Охридската архиепископија, треба да се раководи од истиот слободарски дух: да му помага на својот народ и на своето членство, што поблиску и појасно да се ориентира кон највисоките современи цивилизациски дострели, кон Западот.

Потребно е постепено да ги напушти крајно конзервативните определби за кои сѐ уште се држи, со оправдување дека се работи за православна традиција и дека постојат литургиско-догматски причини за тој конзервативизам. Македонската православна црква е центар кој најмоќно може да делува на свеста на најголем дел од луѓето во земјата и на луѓето во дијаспората, побрзо да го менуваат своето разбирање и својот став кон Западот во позитивна насока.

Омразата спрема католиците и Католичката црква, спрема разните протестантски цркви, не треба да се смета како доблест на православието, туку како слабост во приспособувањето кон современиот свет.

Одбивањето да го прифати Грегоријанскиот календар е еден од важните показатели дека Македонската православна црква сѐ уште се држи до доктрината на Ерусалимскиот патријарх, гркот Доситеј, во која тој во 1699 година ги огласи лутеранството, лалвинизмот, католицизмот и новиот календар воведен од папата Григорие Осумнаесетти, како „четири зла“ кои доаѓаат од Запад. Барем што се однесува до користењето на Грегоријанскиот календар, треба да се следи примерот на прозападно ориентираните православни цркви, меѓу кои е и грчката, кои го прифатија тој календар.

Нашата православна црква не треба да се противи и да гледа зло во барањата на Ватикан да ги обнови католичките свети места во Македонија. Исто така, Македонската православна црква треба да го напушти моделот  за односи со власта кој во православието одамна бил присутен, а најсилно изразен бил за време на Османлиското владеење.

Во таа смисла, сосема е непотребно свештениците на Македонската православна црква, особено не оние од нејзиниот врв, да одат со државните раководители и заедно со нив со лопата во рака да ја завршуваат литургијата на местата каде треба нешто да се гради. МПЦ не смее да се затвора кон современиот свет и не треба да биде одбојна за влијанијата од светот. Ако тоа не го направи, МПЦ ќе се појави како фактор против напредокот на својот народ и на својата земја.

Затворањето ќе ја доведе нашата Црква да подлегне на локалните обичаи и локалните видувања на светот, наместо на своите верници да им ги отвори ширум очите кон светот. Што постигнува црквата, со својата отворена поддршка кон една партија во државата?

Не значи ли тоа омаловажување на православните Македонци што не се членови на таа партија? Чудно е и кога во Христовиот храм, пред нашите врховни свештеници, новинарите ги прашуваат претседателот на државата Иванов, претседателот на Собранието Вељаноски и премиерот Груевски за тоа кому кај нив дома му паднала паричката од бадниковото лепче?

Со еден збор, МПЦ не треба да коленичи пред Цариградската патријаршија, пред Српската православна црква и пред другите „сестрински“ цркви, туку точно треба да согледа каде е иднината на нејзиниот народ и во име на Бога, да му помогне самиот успешно да се избори за својата иднина.

Таа задача и таа функција на Црквата не треба да биде заменувана со нејзина естрадно-политичка употреба. Од Црквата до народот треба да идат пораки што ќе го оспособуваат успешно да се соочува со предизвиците и да ги совладува. Нашата Црква треба да се разликува од настапите на Солунскиот епископ и суштински да го надвишува со своите пораки, а никако да се обидува да се рамни со него!

Поврзани новости