Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница донесе одлука за оддржување на редовен конгрес на партијата во ноември, информираше членот на партискиот Извршен комитет Стефан Андоновски, откако иницијаторите за промени во ДПМНЕ најавија паралелен вонреден партиски конгрес за смена на Христијан Мицкоски.
-Ова е добра прилика за прочистување на редовите на ВМРО-ДПМНЕ, последно прочитување помеѓу актуелното раководство, новата енергија и поранешните функционери кои се предводени од Зоран Заев. Централниот комитет за ваква иницијатива заседаваше уште пред неколку месеци и едногласно донесе одлука за отфрлање на ваквата иницијатива и согласно статутарните овластувања кои ги има и согласно членот 29, став 4 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ и овој пат едногласно Централниот комитет се задржа на принципиелно почитување на Статутот и статутарните принципи кои што ги има – рече Андоновски.
Тој додаде дека на денешната седница на ЦК се разговарало и за престојниот попис, кој, според него, се злоупотребува од власта за политичка пресметка и се користи како димна завеса да се одвлече вниманието од обидот за фалсификат.
-Одбивањето на иницијативата за собирање на граѓански потписи за носење на закон за поништување на законот за попис, преставува чекор во кој се гледа стравот на власта на Зоран Заев од соочување со народот и неговата волја. Заев едноставно речено одбегнува да го чуе гласот на народот. ВМРО-ДПМНЕ покрај пратеничките потписи, донесе одлука во сопствена организација да почне со собирање на граѓански потписи насекаде низ државата, кои ќе дадат легитимитет на нашата одлука пратениците да поднесат закон за укинување на законот за попис. Нема да ја ускратиме можноста граѓаните да се вклучат во нашата иницијатива да се стопира фалсификатот на пописот – рече Андоновски.