(ФОТО) Репортажа од Шар Планина: Зимската убавица со нејзиниот горостас Титов Врв

by Fokus

Шар Планина е еден од најголемите и најубавите планински масиви во Македонија, сместен во северозападниот дел на нашата земја, на граница со Косово и Албанија.

Шара е популарна во сите годишни времиња, а речиси секој викенд, љубителите на планинскиот туризам уживаат во нејзините врвови. Без разлика на кој период од годината, овој масив е вистинско освежување за човечкото тело „окупирано“ од градскиот сообраќај и брзиот живот.

На самата планина е стациониран Попова Шапка, еден од најпосетуваните ски-центри во Македонија, нудејќи одлични услови за љубителите на зимските спортови, но и за рекреативците. Тој е сместен на височина од 1780 метри и во голем дел од годината е покриен со снег.

Туристите од земјава, но и од околните држави, го користат секој сончев ден за уживање на прегратките на Шара, која со себе носи неверојатна духовна убавина. Чистиот воздух ви ги полни градите, давајќи им нова позитивна енергија и сила.

Највисок врв на овој масив е Титов Врв на 2747 метри надморска височина, втор највисок во Македонија по врвот Голем Кораб (2753 метри). Титов Врв е оддалечен десетина километри од Попова Шапка, а до него се стигнува преку две патеки – зимска и летна патека.

Тој се наоѓа во средишниот дел на планината, во највисокиот нејзин дел, во кој се наоѓаат сите три врва на планината коишто се повисоки од 2.700 м. Во зимски услови, најпрепорачлива патека за Титов Врв е зимската, поради тоа што летната патека е подложна на лавини и исклучително е опасна кога има многу снег.

Доколку се пешачи по зимската патека, искачувате неколку врвови кои нудат прекрасни погледи кон Долна Лешница, срцето на Шар Планина. Цепирашина (2525 м.), Антени (2550 м.), Карабунар (2565 м.), Бакардан (2704 м.) и доаѓате до прекрасниот Титов Врв.

На самиот врв е изградена кула, која е вистинско место за одмор на планинарите, но и добро засолниште во случај на временски неприлики. Таа е изградена во 50-тите години на минатиот век и децении наназад гордо пркоси на сите невремиња и силни ветрови кои дуваат над Шар Планина.

Десно од Титов Врв се наоѓаат уште многу врвови, но најблиску е Мал Турчин (2702 м.), кој исто така бара сериозна физичка и психичка подготовка за негово качување. Вкупно времетраење за искачување на Титов Врв е десетина часа, а оваа планинарска тура спаѓа во најтешките во Македонија.

Шара е богата со вода, а тоа го потврдуваат 27 планински езера, 100 поголеми извори и над 25 поголеми планински реки.

Најзначајни се изворите на тетовска Пена, а најатрактивни се изворите на Камењанска Река кои сочинуваат систем од 8 извори, а целата широчина на извориштето изнесува 28 м, кои се наоѓаат на надморска височина од 2100 м.

Сепак, најпрочуен и најсилен е изворот на реката Вардар – Вруток. Шара има и 27 леднички езера, познати како Шарски Очи. Најголемо е Боговињското езеро, а исто така значајни се и Црно езеро, Караниколичко езеро, Ливадичко, Јажинско и Големото езеро.

Шарпланинскиот масив е окарактеризиран со богата флора и фауна, а шумите се вистинско обележје на оваа планина. На Шара се застапени 44 видови на дивеч, кој живее далеку од населените места. Просечниот број на денови под снег на Шапка изнесува 135 дена; во текот на скијачката сезона, височината на снежната покривка е околу 100 сантиметри, а понекогаш таа бројка оди и до 150 сантиметри.

Текст и фото: Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости