ВМРО-ДШМНЕ возврати на обвинувањата на НСДП и на ЛДП дека победува на изборите со криминал и корупција и дека ги искористи протестите и трагедијата да протне поскапувања за граѓаните, притоа проширувајќи го нападот и на целата опозиција на чело со СДСМ.
„Овие луѓе Тито Петковски, Ристо Пенов, Петар Гошев, Радмила Шекеринска, Бранко Црвенковски, Зоран Заев и останатите не работеле кога биле во владата само за да не помисли јавноста дека со проекти сакаат да ги поткупат граѓаните. Сакаат да ја убедат јавноста дека Груевски купува луѓе со субвенции, поголеми плати и пензии и слични придобивки. Со тоа освен што ги потценуваат и навредуваат луѓето упатуваат и порака дека тоа не треба да се прави, не треба училишта, спортски сали, медицинска опрема, патишта, нови фабрики, мерки за вработување, со еден збор, не се потребни проекти зошто на тој начин се поткупуваеле луѓето“, стои во соопштението на владејачката партија.
Сепак, во реакцијата особено издвоен беше Петковски:
„НСДП е партијата која за лидер го има вечниот политичар кој е рекордер по тоа што никој не патми дека тој зад себе има мерка во полза на граѓаните. Личност која е позната по тоа што е поголем Грк од Грците, познат и проверен неработник. Ако не се шлепа со поголема партија, убедени сме дека дури ни неговата вечна сенка Горан Мисовски нема да гласа за него…“.