По повеќенеделни преговори и натегања, владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ конечно договорија заеднички консензуален кандидат за претстојните претседателски избори. Тоа ќе биде пратеникот од редовите на ДУИ, Хајрула Мисини, попознат како командант Шпати, а предлогот го дал лично премиерот Никола Груевски. По долго размислување и жестоки притисоци од ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на ДУИ Али Ахмети сепак се согласил со предлогот, но побарал и добил за возврат што го губат Шпати да добијат претседател на собрание.
Ваквиот драматичен развој на настаните следува по настапот на Мисини во грчкиот парламент каде што пратеникот ги нервираше грчките колеги со нашето уставно име. Груевски веднаш со анкета го измерил рејтингот на Мисини и тој бил значително поголем од оној на Хорхе. Потоа телефонски ја известил Маја дека маж и нема да е претседател да почнат да се пакуваат и го изнел предлогот за Мисини пред брат Али.
– Јас што се вика патриот над патриотите па си носам беџ ФИРОМ кога се среќаваме десни партии од цела Европа, а тој, која манга еј, сред Грција им го сплеска. Цар! Одма ти го зијам од пратеничка група и го прајме консензуален. Таков зулум има да им напрајме на Грчиштата, Ханџо цвеќе ќе им изглеа у споредба со овој – му рекол Грујо на братот Али.