ВМРО-ДПМНЕ ги намножи цезароидите и полтроните

by fokus 11:55
11:55

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 30-ти мај 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 973

Веќе неколку изборни циклуси, набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР го регистрира она што е видливо и од авион, нашиот феномен – равенството меѓу партијата и државата. Кажано на ваков дипломатски јазик, веројатно и на мнозинството и не му звучи застрашувачки. Особено што со децении, во социјализмот, тоа си беше нормално да е така. Но, просто е фрапантно колку лефтерно оваа дијагноза ја игнорираат оние закитените со научни титули. Тие што би требало сосема солидно да разбираат каде оди  Македонија кога „нема разлика“ меѓу владејачката партија и државата.

- Advertisements -

Уште повеќе, ваквите таленти упорно одработуваат да нѐ шашардисаат дека она што го краси ВМРО-ДПМНЕ како партија е некаква си невидена реформа во партиската филозофија на дејствување. Нешто што драматично отскокнува од „ликот и делата“ на СДСМ. Ова сметам и дека е една од најморонските тези за заглупавување на народот.

Прво, ако СДСМ ги постави темелите на партиската држава, ДПМНЕ грујовистичка ја надгради и ја прошири до совршенство. Второ, вакво безобразно бојадисување на реалноста не се памети ниту во еднопартизмот. Тогаш барем равенството меѓу партијата и државата не се негирало, туку се сметало за доблесна политика бидејќи СКЈ/СКМ најдобро знае што е корисно за државата. И трето, груевци го практикуваат цезаризмот како да е демократска карактеристика, намножувајќи го полтронизмот како некаква патриотска  карактеристика.

ЧЕТИРИТЕ ФАЗИ НА ЦЕЗАРОТ

Меѓу ретките од вмровскиот професорски кадар, неодамна крена глас Димитар Димитров. Преку колумна тој забележа дека лидерските/авторитарните партии успеаја да го стигнат и престигнат „демократскиот централизам“ на СКЈ. Лојалноста кон лидерот да ја стигне и престигне „морално-политичката подобност“ на партиско-државниот систем што се распадна.

Истовремено, Димитров ја регистрира разликата меѓу уставниот модел на Република Македонија и реалниот партиски авторитаризам како негова диверзија.

Станува збор за идентитетот партија-држава, што е традиција на РМ од југословенскиот систем. Таа традиција, очигледно, не е како сад со вода – да се исфрли и да се заборави на неа“, го напиша Димитров она што едно чудо учени луѓе, ама од полтронска провениенција го бојкотираат како факт.

Ќе се обидам најпрвин одредени политиколошки, но и социолошко-психолошки анализи да ги споделам со народен јазик. Така најдобро ќе може да видите колку во ерава на Груевски цезароидите се фактор, иако сите партии се зафатени од истиот вирус.

Цезаризмот, пред сѐ, означува појава кога некој лидер, по победата на неговата партиска опција, почнува да се однесува како апсолутист, иако тоа е покриено со некаква демократска фасада. На пример, уставот е демократски, има поделба на власта, ама во секојдневниот живот сѐ е под контрола на цезарот.

Интересно е дека според експертите, ама не од калибарот на нашите полтрони, цезарот минува низ четири фази на психосоцијален процес. Првата фаза е кога идниот цезар е во периодот на борба за власт. Тогаш го карактеризира вербата во исправност на своите верувања, што преминува постепено во чувство за месијанство. Така, пак, тој магнетски привлекува приврзаници, кои во него наоѓаат инспирација. Во оваа фаза идниот цезар ги следи советите и предлозите на приврзаниците, не е автократ.grujo strujaНо, кога ќе ја освои власта, настапува втората фаза. Околу него се собираат сѐ повеќе полтрони и цезароиди – никој не му ја оспорува мудроста на неговите оценки и одлуки. Така се појавува нарцизам кај водачот, чувство дека тој знае сѐ.

Потоа следува третата фаза, кога кај него расте митот за незаменливост, со сесрдна помош на подопашниците и полтроните. Со оглед на тоа што веќе никој не се осмелува да го критикува или да го демантира, а полтроните постојано го опсипуваат со комплименти како е најмудар и најдобар, реформатор… кај цезарот се создава чувство за непогрешливост. И тука некаде психолошки завршува развојниот дел на цезарот и настапува автократската димензија.

Арно ама, нели полтроните му создаваат чувство дека е непогрешлив и незаменлив, па цезарот почнува да гледа со други очи кон сите што не се согласуваат со него. Таквите критичари тој ги доживува како противници на „правдата“ и „вистината“, за кои тој е непогрешлив толкувач. Овие опоненти смета дека се опасни за државата, па затоа треба да ги замолчи. Ги третира како предавници.

Мислам дека единствено Груевски ги положи успешно сите овие фази. Дали затоа што најдолго владее или, пак, тоа била стратегијата, сеедно. Но, „има разлика“ во третманот на полтроните. Во демократски системи, нормалните граѓани се згрозуваат од нив. Тие успеваат само во автократски средини. Или, како што се вели, „нема цезар без полтрони, ниту полтрони без цезар“.

ПОСЛУШНИК – СИНОНИМ ЗА ПАРТИСКИ ЧЛЕН

Со оглед на тоа што преродбата изнедри едно чудо полтрони, занимливо е зошто ваквите примероци немаат срам од својата ролја!? Според експертските наводи, како еден од изворите на полтронството се смета идентификувањето со цезарот, што му го зголемува чувството на вредност. На таквите, всушност, често и не им е јасно дека станале полтрони. Секоја победа на цезарот, полтронот ја смета како „наша победа“. Верувам дека дел од дворската ескадрила на „експерти“ и апологети е во ваков филм!

Според литературата, малиот цезар или полтронот не размислува со своја глава. Основно правило му е да го фали она што цезарот го фали, да го критикува уште пожестоко она што цезарот го критикува. И ова го гледаме секојдневно во живо!

Сепак, клучот на проблемот лежи во одговорот на формулата: како да се ослободиме од цезари и полтрони? Експертските совети велат дека особено е важно да се укинат привилегиите. Токму затоа е идејата за поделба на власта и моќта, за да се спречи појавата на автократски цезаризам. Но, што правиме кога цезаризмот е во ептен зрела фаза. Кога цезарот ги контролира сите власти , па и оние што би требало да ја контролираат владата!? Тогаш навистина е тешко да се најде иљач за ваквата бољка! На избори – уште помалку!

Се разбира, сиве овие две децении партиите како основна клетка на политичкиот живот функционираа цезаристички. Наликуваат на акционерски друштва ама со неограничена неодговорност. Ситните акционери, партиското членство, добиваа вработувања или некоја државна или локална функција. Менаџерскиот тим, пак, врхушката која главно ги носи одлуките ја добива сета моќ, крупните привилегии. Загубите од владеењето на овие АД се покрива со народни пари. Тие не одат никогаш во стечај. Синоним за партиски член стана поданик, послушник, партиски војник!

А сега, зошто сметам дека грујовци ги надминаа бранковите дострели. Нивниот аргумент дека сѐ е согласно Уставот, дека судството е независно оти така е запишано во највисокиот правен акт, е толку ступидарна, што не вреди да ѝ се контрира. Зошто кога Бранко Црвенковски владееше не го опсервираа системот по истиот аршин? Та и тогаш важеа истите уставни определби, а, сепак, груевци го оценуваа токму расчекорот меѓу Уставот и реалноста!

Затоа сосема конкретно ќе се обидам да го објаснам расцепот меѓу нормативното и стварното. Дека особено денес или и денес Македонија функционира како демократура!

Собрание – проширено и надградено

Дали законодавниот дом има суштински поинаква улога од порано!? Се разбира, дури и носењето стотина или двесте закони во ден или два, само оди на штета на преродбениците. Зашто толкав материјал не е можно ни да се прочита, а не, пак, да се изанализира.

Но, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ функционира како под конец. Тоа делумно се должи на војничката дисциплина во партијата, ама првично свој придонес веројатно имаа и „мениците за верност“. Уште во 2006 година, кандидатите за пратеници доколку сакале да се најдат на листите, морале да потпишат три изјави: за лојалност, гаранција со потпишување меница на одреден износ, и плус неотповиклива оставка, која би била активирана доколу пратеникот забега од инструкциите. Овој рецепт е оригинално дпмневски!

Никој не смее да писне контра јавно, ниту, пак, да зановета зошто овој е на листа, а оној не, затоа што казната за бунџиите е демотивирачка, а молкот се наградува по извесно време. Никој не е оставен на улица, демек! И стискаат дугметата!

Кога е нешто густо, а рејтингот на Пастирот нели е неприкосновен, тогаш пратениците на свој грб ги преземаат ризичните потези. Таков егземплар беше амнестијата на цивилните воени злосторства.Gruevski 11Груевци внесоа и новини во собранискиот живот. Најзабавен дел се пишаните реплики кои послушниците гордо ќе ги исчитаат, небаре на сон им дошол кој за што ќе зборува.

Сѐ на сѐ, тие се најсервилните состави на собраниските мнозинства! Парламентот е под контрола на владата. Мнозинството може сѐ, дури и кога претседател на комисија е од опозициски редови. И мнозинството во комисиите, сепак, е на победничкото конто. Затоа Тито Петковски не успеа да изврши увид во МВР за случајот Кампања. Така сакаше Јанкулоска, така се држеа и пратениците од ДПМНЕ.

Во случај за буџетот за 2013, Марјанчо Николов како претседател на комисијата за финансирање и буџет беше „надмудрен“ процедурално, кога записникот го потпишаа членовите на комисијата, кои, нели, мнозински се од владејачките партии. Веројатно сметаа дека е нормално двајца министри да ги диригираат специјалците на „црниот понеделник“, како да се газди на законодавниот дом. Тие пратеници го прогласија дури „24 декември“ како „бел понеделник“ кога ги млатеа нивните колеги од опозицијата. Само по овој детаљ влегуваат во најцрните послушнички пратенички состави! Бранковци можат вода да им носат!

Локална власт – исто, па и полошо

Ако своите ги закрепости со мениците за верност, Груевски не се снебива да купува советници од непријателскиот табор. Во 2008 година успеаја да ја преземат власта во единствената скопска општина каде што победи убедливо СДСМ.

Веднаш по локалните избори во 2009 година, сличен рецепт применија и во Општина Центар, експресно земајќи во прегратка двајца советници од опозициската коалиција. Колку им е Центар битен, се гледа и по притворањето на Шиповиќ, со што советничките листи се пата-пата, народски кажано направија блокада на победниците.

На ланските локални, пак, истата шема заигра и во Велес, каде што Родна од Народна стана општонародна со дпмневски знак.grujo i todorovСо ваков пристап, како на кванташки пазар, Груевски покажува двојни стандарди – евентуално прегрупирање на нивна штета е фалсификување на волјата на гласачите, а кога тие грабаат – тоа е согласно законот!

Централната власт прави сѐ да им го загорчи градоначалничкиот живот на неколкутемина опозициски фактори. Жерновски е под инспекциска инвазија, Циц со финансиска блокада, Заев со црна кампања и казни. И поранешните власти им правеа сопки на градоначалниците од спротивниот партиски табор, но овие се ненаситни… дури и тие неколку им се патолошки предизвик!

Правосудство како адвокат на владата

И доминацијата врз судството не е изум на груевци, само што тие ја издигнаа до небесни височини. Се залагав во 2006 година за генерален кадровски ремонт, што ДПМНЕ ѝ го направи. Арно ама, нивниот идеал не било независно и професионално судство, туку и од носителите на тогите да направат горди послушници. Затоа и не се срамат од скандалозните одлуки, на кои стои нивниот потпис.

Тие што не судеа според преродбеничките стандарди, мораа да си заминат како казна (Виолета Дума, Митриновски), или, во најдобар случај останаа на најниски гранки во основните судови (Реџепагиќ кој одбиваше притвор да изрече за Заев). Лојалните , пак, експресно биваа наградени со напредување во кариерата (Лидија Неделкова).

Иако ѓоа мнозинството во Судскиот совет го избираат судиите, сепак по правило однапред се знае кои судии ќе бидат избрани. Исто како кога ги избираше парламентот. Значи, само формата е сменета, суштината е иста како во времето на претходните власти на СДСМ.

Дури како апсурд, или срам за судството, ќе остане фактот дека Маргарита Цаца Николовска кога се врати овде по 6 години работа во Судот во Стразбур, а таму замина како судија на Врховниот суд, не го помина филтерот на Судскиот совет! Затоа без мака мина адвокатот Јово Вангеловски, во кумовска врска со Трајко Вељановски.q51Колку и да има измени во законската сфера, не се менува фактот дека обвинителите во изминативе 24 години се како адвокати на владејачките структури. Селективноста нивна се совпаѓа со потребите на партиите на власт. Ако партијата реши да жртвува и некој нејзин забеган член, обвинителството е ревносно. Ако премиерот има поинаков став за одредени скандали, по правило на иста линија е и обвинителството.

Оттаму, како што „шишето со евра“ заврши во стилот „ни лук јал, ни лук мирисал“, така ќе бидат и сите скандали од поновиот период што СДСМ со Заев ги отвори. Сите до еден ќе бидат завршени по вкусот на посочените за корупција. Но, затоа судиите со гаранција ќе најдат клевети и навреди за сите тужби што груевци ги водат против опозиционери. Како што тужбите против дпмневци или се отфрлаат (Ставрески,) или тие се недостапни со години (Бичиклиски).

Е до ова дереџе судството и обвинителството не биле никогаш толку апла за толку евидентни сомнежи!

Администрација – поле за партиско орање!

Отсекогаш администрацијата и управата служела за вдомување на партиското членство. Но, груевци најдоа финта плус – за да се вработи едикојси кој не е нивен член, му бараат да земе партиска книшка. За да ја задржат, пак, работата ќе треба да донесат список од неколку имиња што ќе гласаат за партијата.

Две најдобри новинарски истражувачки стории на изборите во 2011 и во 2013 година беа „списоците со гласачи“ на А1 ТВ, односно партиски вработувања низ јавните претпријатија во функција на локалните избори на Алфа „непреродена“. Документираните ТВ прилози добија награда, ама партиите кои ова го организираа – мува не ги лази. Тоа е нивната формула за успех.

Кога СДСМ за референдумот за територијалната кројка праќаше јавно абер до административците да си седат дома, да гледаат телевизија, коментирав дека е многу лош преседан. Им се врати како бумеранг. Оти дпмневци покажаа и докажаа дека можат и повеќе и пострашно!

Медиумите – цело е кога имаш сѐ!

Факт е дека СДСМ ја стартуваше шемата – коалицирај со газдите на телевизиите за двете страни да имаат бенефит. Каков – се подразбира. Веројатно критиките за ваквите спојки не допираа до нив. Оти политички си профитираа. Значи моделчето е нивно, ама некако секогаш постоеше баланс. Јали тие не сакаа сѐ да стават под своја капа, јали газдите ѓоа даваат отпор, не е битно.

Е груевци тука се вложија и добија максимум. За секој медиум користеа различна алатка. Ги имаа А1 и Сител како поддршка во 2006. Малку им беше изгледа, па во 2008 година и Канал 5, односно Стојменов го зедоа во коалиција. И тоа им се виде недоволно, па по 5 години судски процес за приватизацијата на „Фершпед“, газда Штерјо за бадијала ја шитна телевизијата на тендерскиот партнер на владата, Јевросимовиќ, кој веднаш ја обои уредувачката политика како ултра провладина.

МТВ, пак, секои избори, колку да ги џиџаат студијата, да носат кадровски засилувања, сепак предничи по љубовта кон владата. Сѐ повеќе и повеќе, како кон Груевски.

МПМ и ВАЦ беа решени со купопродажен договор, кој нормално нели, донесе невидени дози далдисаност од владините политики. Ама повторно не им е потамам. Сега на ред се Телма, а потоа и 24 Вести.

За медиумските приврзаници следува награда – реклами и силни евра народни пари. Тие, пак, потоа возвраќаат за партиските и изборните со донации или дампинг-цени. За критички настроените нема ни денар од народните парички, ама затоа ревносно им се бројат Соросовите како непријателски. Плус тужби за клевета каде што судиите ќе ги средат, или евентуално таквата света должност ќе ја има првиот човек на Агенцијата за медиуми, Зоран Трајчевски!

Уставен суд… согласно Уставот!

Меѓу последните освоени институции на оваа гарнитура е Уставниот суд. Првите години креваа врева дека е под контрола на опозицијата. Јавно ги критикуваа одлуките. Го бранеа ставот дека е демократски власта да го прави тоа зашто суштината е да ги спроведеш одлуките на судот. Арно ама, тие упорно ги носеа законите контра од уставно-судските аршини. Единствено го казнија претседателот Трендафил Ивановски, пуштајќи го низ лустрацискиот филтер. Потоа сѐ беше лесно.

Денес, пак, ако опозицијата критикува судски одлуки, тоа го прогласуваат како притисок врз судот. Сега Уставниот суд им потамам. Заедно се посилни!?

Анти-антикорупциска!!!

Вакво чудо од антикорупционери од 2006 наваму може само да се оквалификува како анти-антикорупциска. За овие изгледа генераторот на корупцијата лежи во опозиционерството! Само на нив се палат, па со тоа добиваат епохална „научна“ димензија.

На стартот, заради Мирјана Димовска, од која очебијно беа презадоволни, груевци го изменија законот (една од алатките за ваква намена). За да претседателствува колку што треба, го сменија членот дека претседателот се избира со мандат од една година. Потоа изгледа видоа дека кадри извршители се котат ко зајаци, се изредија и други, кои никаков белег на антикорупцијата не оставија, освен како горди послушници на власта.

Љубинка Корабовска со факултет за туризам, а сега Ѓорѓи Сламков, кој да биде циркусот поголем, демек, ставил портпарол на комисијата!

Кусо речено, составот на оваа комисија од времето на СДСМ е Химелаи за оваа екипа од калибарот „нарани кучетата“! Можат веднаш да добијат почесна партиска книшка од ДПМНЕ… поради заслуги за партијата!

Совет за радиоКОНТУЗИЈА

Првите години груевци ја немаа контролата врз Советот за радиодифузија. Кога им загусти – при финалната пресметка со Велија Рамковски, веднаш постизборно, во 2011 година, со закон стокмија само еден член. Го зголемија бројот на членовите  на Советот, кои, нормално, како мнозинство си ги изгласаа.

Овој проширен состав, на чело со Зоран Трајчевски, ја одигра главната улога за затворањето на А2 ТВ. Толку остана за паметење. Ете како согласно законот, со само еден изменет параграф, може да се оствари целта на цезарот.

Со оглед на тоа што Трајчевски го положи тестот кај цезарот, сега доби и проширени ингеренции и врз печатот. Да, согласно законот, чичка нов. Не се сомневам дека успесите ќе бидат трофејни!

Синдикати за владин мир!

Периодот на груевизмот ја згази ерата на бранковизмот и за синдикализмот. ССМ или државниот синдикат, како што го нарекувавме во времето на СДСМ, си остана државен и под ДПМНЕ. Тие си се постојано задоволни од „оствареното“. Како што еднаш прошепка еден од лидерите на гранковите синдикати „можело да биде и полошо“! Тоа е синдикалниот „модус вивенди“!?

Но, груевци го окупираа и другиот синдикат. Жестокиот штрајк на просветарите што го организираше СОНК на Дојчин Цветановски првите години од владеењето покажа дека груевци немаат кочници да играат највалкано. И самиот Дојчин, кој имаше искуство и со рецептите на бранковци за сотрување на синдикалниот непријател, сепак призна дека овие методи на груевци беа уште пострашни од оние што ги практикуваше владата на СДСМ.protest5На чуден начин потоа Цветановски се повлече од лидерска позиција, дури пред Конгресот на закажаното интервју ме откачи. Познавајќи го, мислам дека не беше спремен да лаже на прашањата на „Фокус“. И така, СОНК веќе не слушаме дека постои… Единствениот „безобразник“, лидерот за докторскиот синдикат, Дејан Ставриќ е веќе осуден … Тамара Чаушидис од независниот новинарски синдикат остана без работа. „Остваруваме“ – Влада на Република Македонија!!!

Невладини ама партиски организации

Ако СДСМ беше на тапет дека контролира невладини организации, тогаш ДПМНЕ е двоен победник – ем ги создава, ем им пишуваат изјави, ем им се како марионетки. Во опозициски денови како таков експеримент им беше „Гласот на светлината“. Како партија на власт се истакна со недобројни „невладини организации“ со партиска нота.

Првично се прославија со Коалицијата НВО-а „Право и правна држава“ со Марина Стојановска-Тонова, некогаш новинар во Канал 5 и во Сител. Изгледаше како клон на ДПМНЕ, со инспиративни акции кога Заев беше пуштен да се брани од слобода и амнестиран. Потоа немаше тема за која цезароидите не си правеа невладини. Море за заштита на споменици, па за заштита на црквата – Веритас, за следење избори… Уф, многу се, да не арчам простор.

Значи ним не ги болело зошто партијата на власт – СДСМ има под контрола невладини организации, туку зошто тие не се на нивно место!

П.С. И гледате ли нешто реформско, во позитивна смисла, кај ДПМНЕ- Грујовистичка?! Напротив, ја прешишаа, море ја згазија СДСМ- Бранковистичка. И така се покажа и во овој случај дека бадијала груевци ја критикуваа власта на СДСМ. Докажаа на дело дека навистина сонот на секој роб е да стане робовладетел!

Поврзани новости