Владиниот економски тим на средба со претставници на стопанските комори: Корона вирусот е проблем на сите нас и заедно ќе го решаваме

by fokus

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, и заменичките на претседателот, Радмила Шекеринска и Мила Царовска заедно со владиниот економски тим и повеќе министри, денеска одржаа работна средба со претставници на стопанските комори во земјата на која се разговараше за ситуацијата со вирусот „КОВИД-19“ и индикациите врз економијата и животот на граѓаните.

На средбата беше заклучено дека ширењето на корона вирусот е заеднички проблем, дека во оваа ситуација сме сите заедно и дека заеднички треба да ги решаваме проблемите.

„Ви благодарам што одговоривте на нашата иницијатива, денешната средба е многу важна, бидејќи во оваа ситуација за решавање и ублажување на проблемите кои евентуално би се појавиле во иднина сме заедно и заедно ги подготвуваме сите мерки кои ќе помогнат да немаме застој во економијата и нема да пречат во продолжување на работниот процес на компаниите“, рече премиерот Спасовски на денешната средба на која присуствуваа и претставници на Царинската управа, Управата за јавни приходи и Народната банка.

Премиерот Спасовски нагласи дека денешниот состав на присутни министри и претставниците на бизнис асоцијациите е всушност работна средба на Кризен штаб, кој во овој состав ќе продолжи да биде во редовна комуникација во наредниот период кога се применуваат мерки и се упатуваат пораки во врска со справувањето на евентуалните кризи при справувањето со корона вирусот. Беше констатирано дека  пораките и одлуките во врска со корона вирусот се носат и се пренесуваат на централно ниво, дека Владата ќе продолжи со комуникацијата и координацијата со стопанските комори и ќе излезе во пресрет на реалните потреби за поддршка во одредени сектори доколку за тоа има потреба.

„Потребно е сите заеднички да ги почитуваме мерките, кои ги преземаме, бидејќи очигледно е според искуствата на други земји, дека каде се преземени радикални чекори таму има и позитивни резултати за справување со кризата во економијата“, рече премиерот Спасовски информирајќи ги присутните дека комуникацијата и информирањето на сите граѓани се одвива на високо ниво, за да се избегнат дезинформациите, лажните вести и создавањето паника.

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска информираше дека е во постојана комуникацијата со претставниците на бизнис секторот во земјата и веќе е разговарано за реорганизација на производствените процеси и воведување на нови смени доколку е потребно.

Поврзани новости