Владата предлага да се укине Советот за утврдување на факти

by fokus

Владата на вчерашната седница донесе одлука да се укине Советот за утврдување на факти. Поточно, Владата ќе му предложи на Собранието предлог закон за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

Од Владата појаснуваат дека постапката за одговорност на судијата би се вратила во Судскиот совет.

-Основна цел на овој предлог закон е престанување на важење  на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за  дадените забелешки и напатствија од меѓународните институции во делот на реформите на правосудниот систем, информираат од Владата.

Во образложението за овој предлог се вели дека праксата покажа дека формирање на вакво професионално тело за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија не ја оствари целта на основањето, туку, напротив, истото беше формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за судски совет што резултираше со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајки ги и забелешките од Венецијанската комисија.

-Владата донесе одлука и за предлог закон за изменување и дополнување на Законот за Судски совет, заради правните последици што ќе произлезат од предлогот за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, како и заради укажувањата за неопходноста од законски измени кои на ова тело ќе му наложат поголема и неопходна транспарентност во работата на Судскиот советот, и заради постоечката законска одредба која на кандидатите за судии кои не беа избрани на огласот, им беше ускратено правото на жалба, информираат од Владата.

Поврзани новости