Екс директорката Ленче Неловска како кожен лекар е ставена да работи на пункт за имунизација на деца во Ченто

by Fokus

Поранешната директорка на Геронтолошкиот завод Ленче Неловска по завршувањето со својата функција, како кожен специјалист е ставена да работи на пункт за имунизација на деца во Ченто. Таа и пред да седне на директорското столче работела како општ лекар, но во меѓувреме специјализирала, со што би требало да биде прераспределена на соодветното работно место.

Неловска во изјава за „Фокус“ ја потврди информацијата и додава дека ја почитува менаџерската одлука и дека нема проблем да работи во пункт за имунизација.

– Кај и да ме стават да работам, мене не ми е проблем. Јас работата ќе си ја вршам професионално. Во периодот додека бев директорка специјализирав и сега сум специјалист дерматолог, но еве работам во Ченто каде што патувам 30 километри дневно за да стигнам на работа од Ѓорче Петров до тука. Зошто и како сум ставена тука, мотивите се јасни. Тоа е менаџерска одлука и јас ја почитувам, ме поставиле таму кај што им е потребен лекар – тврди Неловска.

Од друга страна, директорот на Здравствениот дом Скопје, Злате Мехмедовиќ тврди дека Неловска е вратена на работното место на кое била пред да стане директорка.

– Пред да стане директорка работела како општ лекар и сега ја враќаме на истото работно место. Таа во меѓувреме не поднела барање за прераспределување, а специјалист дерматолог станала во периодот додека била директорка. Штом е ставена на ова работно место, сигурно не се отворило работно место за нејзината специјалност. Кога ќе се отвори соодветно место, ќе биде прераспределена. Во Здравствениот дом има многу луѓе кои не работат на соодветно работно место, од причина што нема место – истакна Мехмедовиќ.

Екс директорката на Геронтолошкиот завод четири години беше потпреседател на Лекарската комора, а беше и една од главните подржувачи на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости