Влада: Засега нема полициски час, само засилени контроли во кризните подрачја

by Frosina Fakova
Владата на денешната седница не го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за воведување на рестриктивни мерки односно полициски час од 22 до 5 часот наутро во кризните подрачја, туку само најави засилени контроли во општините со многу заразени од Ковид-19.

-Владата заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани, соопштуваат од Владата.

Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.

Владата ги задолжила Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

-Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин, додаваат од Владата.

Поврзани новости