Висечки избори

by lali

Во што е разликата меѓу последниве избори и претходните? По тоа што резултатите и изборите не се признаени од вкупно три и пол партии, учесници во изборите (СДСМ, НДП и ПДП, а ДПА пола признава, пола додава), на чело со најголемата опозициска партија, на чиј лидер Зоран Заев досега претежно му забележуваат дали рано или доцна не ги признал резултатите, но не и тоа што не ги призна.

По тоа што овие избори се одржаа во една кампања, во која за првпат на толку високо ниво беа обелоденети корупциски скандали и сомнителни трансакции и, конечно, по тоа што за првпат некои редовни квалификации и дефиниции, кои меѓународните претставници ги даваат за неколку наши избори, овојпат одлучија и веднаш во прелиминарниот извештај да ги објават.

Не како што беше случај претходните неколкупати, по неколку месеци, кога веќе беа признаени резултатите и со тоа веќе подзаборавени; уапсен лидер на опозициска партија (Љубе Бошкоски), убиен граѓанин во партиска прослава (Мартин Нешкоски) или веќе избран градоначалник со изборен фалсификат (Чаир).

Виси и угледот на земјата и конечната меѓународна оценка за избори во кои гласачки кутии се шетаат и со такси. За миг се потрудив да замислам што, во вака етнички избори, ќе се случеше ако, на пример, во Косово имаше, како овде со изборната единица број шест, нерамноправно распределени изборни единици и со такси превезувани гласачки кутии.

Веројатно Србите и другите таму ќе бараа за оваа работа да решава Советот на Обединетите нации. А се присетив и на тоа што сè им изјавија европските претставници на Бранко Црвенковски и на Еди Рама, кои некогаш, дури и многу помалку од Али Ахмети за сегашниве претседателски избори, спомнаа или направија бојкот.

Поради сето ова, но и од тоа што ќе виси и зависи понатаму од овие избори, тие, чинам, заслужуваат да се нарекуваат: висечки избори.

ВИСИ ИМЕ НА КАСА-ПРИМИ

Од овие избори, долго ќе виси името на министерката за внатрешни работи, кое од каса-прими се појави и во извештајот на ОБСЕ-ОДИХР. Ќе виси и најголемото предизборно ветување дадено од страна на ДУИ: дека ќе го однесат во обвинителство досието за приватизација на „Интерпромет“, во кое, според нив, имаат бајаги удел ДПА и нејзиниот лидер.

Ќе виси и политичката иднина на струшкиот градоначалник Зијадин Села, кој изгледа дека одлучи овие избори да ги остави на ачик од еден до два пратенички мандата. Тие мандати во петтата изборна единица се сега кај ДПМНЕ и баш ќе биде интересно во иднина да се набљудува таа релација.

„ИЗГУБЕНИ АЛБАНЦИ“

Исто како што ќе биде интересно да се набљудува каде се албанските гласачи, кои, сепак, едвај половината излегоа да гласаат. Овие „изгубени Албанци“ се посебно интересни зашто цела шема се направи токму тие да се неутрализираат за и околу претседателските избори.

Така, ДУИ прогласи и цврсто стоеше на бојкот, ДПА имаше дури и кандидат, па во вториот круг тајно гласаше за нивниот, од првиот ден, деклариран фаворит: Иванов. Груевски со специјален промотивен спот им се обрати токму ним, дури и пцуејќи ги сопствените „браќа по гласови“: ДУИ и ДПА.

За, на крај, Влатко Ѓорчев специјално да им се заблагодари, веројатно затоа што не му расипаа никаков есап.

Така сите станаа на нозе за овие „изгубени Албанци“, а нив никаде ги немаше. Многу од нив физички се тука, како што, впрочем, ќе покаже секој направен попис на населението, но веќе од ова, по неколкупати по ред нивно негласање, може да се зборува, освен за политичка непретставеност, дури и за албанска исклученост од Македонија. Нешто што останува посебно да се анализира и нешто што е лошо, прво за нив самите, но потоа и за Македонија.

СУВИ БЕЗИЗБОРНИ ГОДИНИ

Овојпат претстојат цели три редовни суви години без избори. Ако тој период владејачките победници, ДПМНЕ и ДУИ, се потрудат да го одржат така сув без избори, сè до 2017 година немаме никаков предвиден изборен циклус.

Но, ако се вистински победници, овие две партии дотогаш ќе треба многу победнички да се однесуваат, со тоа што широкоградо ќе се погрижат нешто да поработат за земјата и за граѓаните, а не, како што се гледа сега од резултатите, дека досега работеле само за гласачите.

Ете, да направат нешто како попис на населението, за почеток. Пописот е посебно важен затоа што, ете, самите тие прават политика на етничка фреквенција, а немаме етнички попис од далечната 2002 година. Попис сосе попис на дијаспората зашто е недозволиво вака неизбројани да ги лажеме дека дури и гласаат. Да не ги налутиме многу зашто и монетарната стабилност многу ни зависи токму од нив.

Сега, кога Субрата Рој е во притвор, а кредитните врати една по друга ни се затвораат од пристигнатите рокови за исплата, посебно е важно дијаспората да нè ни се налути.

Според вака објавените резултати, ДПМНЕ и ДУИ е очигледно дека се качиле на врвот на тукашните политички Хималаи, таму каде што воздухот е поредок и каде што најголемите проблеми се токму околу здивот и дишењето!

Поврзани новости