Виолета, сопругата на Љубе Бошкоски: Годините беа премногу болни, но сега имаме убава иднина!

by fokus

По 11 години во странски и домашни затвори, поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, пред неколку дена ја дочека ослободителната пресуда во случајот ,,Кампања”.
По изрекувањето на пресудата, кажа дека иако поминал 11 години по затворите, сепак од секаде излегол како победник, бидејќи верувал во правдата.

Приватно, тој е семеен човек, кој секогаш во тешките моменти ја имал безрезервната поддршка од сопругата Виолета, но и од нивните три деца, ќерката Катарина и синовите Панче и Филип.

Токму во времето кога беше во затвор, неговата сопруга останала да се грижи за семејството, но и за семејниот бизнис, познатата вила Лав во Бале, Хрватска.

Со многу труд таа успеала од местото да направи препознатлив бренд, и за вилата се слушнало надалеку. За неверојатна услуга, но и традиционалните домашни специјалитети, кои Виолета ги подготвува за гостите, често може да се прочитаат пофалби од гостите од целиот свет на социјалните мрежи.

Околу тоа како гледа на ослободителната пресуда на нејзиниот сопруг, по се низ што помина нивното семејство, но и таа како жена која со години беше столб на фамилијата, Бошкоска за ,,Фокус,, вели дека не сака да раскажува околу тоа какво олеснување за нив носи ослободителната пресуда.

-Коментар не би можела да имам, затоа што нема зборови со кои можат да се опишат сите овие години! Беа премногу болни… Нашето семејство ќе го најде својот мир во иднината за која веруваме дека ќе биде многу убава!
Господ ни даде две ангелчиња, внук и внука, и сега животот ни е исполнет со нив- ни изјави Виолета.

На прашањето дали семејството ќе бара отштета од државата, таа не одговори.
На истото прашање, по изрекувањето на пресудата, и Љубе Бошкоски кажа дека тоа не му е примарно, бидејќи времето минато во затворите никој не може да му го врати.

Вики Клинчарова

Поврзани новости