Викторија Лоба славеше: Јагоди, шампањско и розови балони за државјанството и албумот!

by Fokus

Поп пејачката Викторија Лоба ќе ја памети 2018 година како една од најуспешните во животот.

На почетокот на годината таа доби македонско државјанство, по 21 година живот во Скопје, откако на осумгодишна возраст се преселила од Русија заедно со нејзината мајка. Тогаш ни изјави дека е горда на државјанството, бидејќи Македонија е земјата во која што сака да го помине животот, да твори и да придонесува.

Завчера пак, на пејачката и се исполни уште еден животен сон и таа го промовираше својот прв студиски албум во две изданија, македонско и англиско. Промоцијата на македонското издание ,,Нов свет” и англиското „New World“ е топ тема во естрадните кругови, а се случи во ресторанот „Four“. Со шампањско, јагоди, розови балони, раскошни букети цвеќе и многу гости младата Лоба го претстави својот нов проект. Таа е текстописец на албумот, за кој вели дека го раскажува нејзиниот живот.

Материјалот е снимен во M-Sol Records Studio, Just RB Studio и студио Јованови. Музички продуценти се Марга Сол и Роберт Билбилов.

Албумите се достапни преку сите дигитални и стриминг сервиси. На онлајн продавницата на македонската издавачка куќа M-Sol Records (www.m-solrecords.com) албумите ќе можат да се купуваат дигитално и во ЦД формат, со достава низ Македонија.
За дочекот на Новата година, Викторија ќе настапува во истиот ресторан.

Вики Клинчарова

Поврзани новости