Калајџиев за Законот за амнестија: Овој Закон не е многу подобар од оној со амнестијата и помилувањето на Ѓорге Иванов

by fokus

Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април содржи чудни решенија кои ќе имаат правни последици и потврдува дека политиката и натаму се меша во правосудството, смета професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордан Калајџиев.

-Претпочитав почисто решение на целосна амнестија за настанот. Моделот на кој што се пристапи е веројатно оригинален. Не сум сретнал ваква амнестија во која што особено е спорно тоа што се вклучуваат и судовите и обвинителство. Значи врз основа на закон што го донело Собрание, по мислење на обвинител, со решение на суд, по барање на обвинетите е едно чудно решение кое по моја проценка ќе влече на некој начин опашки, правни последици. Така што мислам дека можеше да се избере поедноставно решение. Очигледно дека предноста ја имаа некои политички причини што повеќе или помалку и се познати на јавноста, вели Калајџиев коментирајќи го Законот за амнестија во изјава за медиумите по промоцијата на Коментарот на Законот за кривична постапка.

Според него, со законот се потврдува праксата на мешање на политиката во судството, што е вели неприфатливо за една правна држава.

-Јас се надевав дека ќе дојде време кога ќе му се даде малку повеќе вредност на правото и на правната држава, во смисла политичарите да ги тргнат рацете од казненото правосудство и од судството во целина, но очигледно дека приликите се уште се такви какви што се. Политичките елити едноставно уште го немаат достигнато тоа ниво на политичка култура да успеат да се воздржат и наспроти ветувањата кои што ни ги даваа. Впрочем, претходната власт падна меѓу другото на тој бран на незадоволство од начинот на кој што се практикува владеење на правото, односно владеење на една политичка автократија. Борбата на невладиниот сектор и на сите ескперти што се бориме за правната држава со политичарите очигледно ќе продолжи на подолг рок додека и самото општество не созрее со степенот на политичка и правна култура да не дозволуваат вакви излети каков што е овој последниот со амнестијата, кој да не речам, не е многу подобар од оној со амнестијата и помилувањето на Ѓорге Иванов, посочува Калајџиев.

Поврзани новости