Вики Среброва седум години по операцијата: Не жалам што легнав под нож!

by Fokus

Фолк пејачката Вики Среброва, која беше помеѓу првите јавни личности во земјава што направи етсетска корекција на лицето, и јавно раскажа за искуството, денес по речиси една деценија од интервенцијата вели дека воопшто не жали поради одлуката да легне под нож.

Мајка на три деца, баба на пет внучиња, пејачката изгледа речиси две децении помлада од своите врснички, и воодушевува со својот изглед. Во времето кога Среброва ги направи корекциите, тие се уште беа табу тема кај нас. И денес, кога речиси секоја втора пејачка има некоја интервенција за разубавување зад себе, се уште се ретки оние кои јавно сакаат да зборуваат за тоа, без разлика дали се работи за зголемување на усните, градите или липосукција.

Промената кај Вики се случи во Дарувар, Загреб, пред повеќе од седум години, во времето кога таа имаше 54 години. Естетската интервенција и ја изврши специјалистот Бојан Игнатовски, на клиниката Аркадија, и Среброва се појави во јавност пет седмици по настанот, воодушевувајќи со својата појава.

,,Добив нов подбрадок, липосукција, мали корекции кои многу ми значат. По операцијата имав мали болки, но тоа не е ништо во споредба со резултатот од кој сум презадоволна’’ – ни раскажа таа по враќањето од клиниката во Хрватска.

Сега, по изминативе години од зафатот, таа се уште тврди дека воопшто не жали за одлуката, и како доколку би го вратила времето назад, повторно би го сторила истото.

,,Имав среќа што бев во рацете на вистински професионалец, специјалист кој има македонско потекло и го сметам за доктор, но и пријател, и целата процедура помина во најдобар ред. Се уште добивам комплименти за мојот изглед, што е доста значајно за секоја жена, без оглед на возраста и тоа ме радува. Естетската хирургија не треба да биде табу тема, посебно не кај јавните личности, и во времето кога се оперирав, на тоа гледав како на дел од мојата професионална кариера. Тогаш имав многу гостувања во ТВ емисии, на разни фестивали, имав премногу активности. Би ги охрабрила сите жени кои сакаат да сменат нешто во својата физиономија, да не се двоумат, ако сметаат дека тоа ќе ги усреќи и ќе им даде поголема самодоверба во животот. Но треба да се биде реален и во очекувањата, бидејќи потребни се и генетски предиспозиции, треба да се има и природна убавина, која со помош на естетскиот зафат само уште повеќе ќе дојде до израз’’ – вели Среброва.

Таа додава дека имала среќа што нејзините родители изгледале убаво, дури и на стари години. Вели дека во нивните осумдесетти години, тие имале убава и мазна кожа, и среќна била што и таа, а и нејзината ќерка го наследиле тој младешеки изглед.

,,Се чувствувам убаво во својата кожа. Подмладениот изглед се вклопува и со мојот дух, јас сум дружељубива, позитивна, постојано опкружена со луѓе, како што велат моите пријатели – млада во дух. Не жалам за одлуките во минатото, токму тие ме изградија во личноста која сум денес. Очекувам 2018 да биде моја година’’ – изјави Среброва.

Вики Клинчарова

Поврзани новости