МВР кривично го гони Арсенчо Алексовски, поранешниот градоначалник на Кр.Паланка

by fokus

Арсенчо Алексовски, поранешниот градоначалник на Кр.Паланка заработи кривична пријава од СВР Куманово, поради сомнеж дека ја злоупотребил службената положба и овластување, односно незаконски дал согласност за вработување на две лица во ученички дом.

Од МВР информираат дека со кривичната пријава се опфатени уште пет лица.

-СВР Куманово, поради постоење основи за сторено кривично дело, до Основно јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против лицата А.А. (56), В.Ј. (50), М.Д. (37), Д.Ѓ. (30), Б.Т. (57) и М.М. (67) сите од Крива Паланка. Тие се сомничат дека ги сториле кривични дела: “злоупотреба на службена положба и овластување“ и “фалсификување или уништување деловни книги“, велат од МВР.

Оттаму појаснуваат дека екс градоначалникот Алексовски во периодот од мај 2014 година до јуни 2015 година незаконски дал согласност за вработување на двајца воспитувачи, а по барање на директорот на ОУД „Боро Менков“, спротивно од Законот за ученички стандард. Поточно воспитачите биле вработени без да добијат согласност од Министерството за образование и наука, иако истото било задолжително.

-Со ова им било овозможено на М.Д и Д.Ѓ со нивно вработување да се стекнат со противправна имотна корист во висина на месечни примања на име личен доход со платени придонеси за период од 01.06.2014 до 31.05.2015 година а на штета на Буџетот на РМ, велат од МВР.

Директорката на Ученичкиот дом, пак, добила кривична пријава бидејќи во домот примила 27 ученици, кои не ги исполнувале условите за да добијат сместување, а и реално не престојувале во домот, а наводно директорката секој месец од министерството за нив добивала по 7.500 денари.

-Врз основа на запишаните 27 ученици кои нередовно престојувале или воопшто не престојувале во домот, В.Ј. до МОН секој месец, доставувала Барање со список на 45 ученици сместени во домот, со прилог Барање за финансиски средства за 45 ученици по цена за сместување од 7.500 денари, прикажувајќи дека во домот постојано престојуваат 45 ученика, кои редовно посетуваат настава  во СОУ “Ѓорче Петров“ Крива Паланка, во период од септември 2014 година заклучно со месец март 2015 година. Со тоа дејствие за 27 ученици кои воопшто не престојувале во овој период го оштетила Министерството за образование и наука а со тоа и Буџетот на РМ во вкупен износ од 1.417.500 денари, велат од МВР, од каде што додаваат дека со истата нелегална пракса директорката продолжила и во учебната 2015/2016 година.

Тројца вработени во домот пак наводно во евиденцијата внесувале податоци за овие ученици, иако тие не престојувале во домот.

-Во Дневникот за воспитна група внесувале невистинити податоци за присуство на часови-подготовка за настава за 27 ученици  додека втората деловна книга Дневник за работа на домот, ја воделе непрописно спротивно од одредбите од Статутот на Ученичкиот дом, односно во тетратка во кој е водена евиденција за присатност и престој во домот се внесувани податоци до октомври 2014 година а недостасуваат листови со податоци до крајот на 2014 година кои се уништени, а во тетратката за 2015 година се внесувани податоци за 2015 година со евидентирано присаство на многу мал број на ученици кои што вистински престојувале во домот, велат од МВР.

Од таму додаваат дека кривична пријава е поднесена и за директорот на средното училиште „Ѓорче Петров“ кој иако знаел дека 24 ученици не користат бесплатен превоз, сепак од министерството биле побарувани средства и за нив.

-М.М. во својство на директор во СОУ“ Ѓорче Петров“ Крива Паланка (разрешен со Решение од 12.05.2017 година) во период од септември до крајот на декември во учебната 2014/2015 година во континуитет ја злоупотребувал службената положба и овластување на начин што за 24 редовни ученици, без никаква документација, без согласност и изјава од родител старател ги внел во список на ученици кои користат организиран бесплатен превоз од место на живеење до училиштето и обратно за 2014/2015 година. За учениците од страна на МОН му биле редовно префрлувани парични средства во вкупен износ од 149.043 денари, утврдено според Договор за јавна набавка на услуги –превоз на ученици склучен помеѓу општина Крива Паланка, СОУ „Ѓорче Петров“ и АД „Пролетер“ од Конопница, Крива Паланка. Иако знаел дека од  СОУ „Ѓорче Петров“ Крива Паланка за наведените 24 ученика биле издадени Потврди сите заведени под деловодни броеви на Барање на учениците заради сместување во дом не извршил корегирање на списоците на учениците кои користат превоз и ваквите списоци ги доставил до Секторот за образование во Општина Крива Паланка од каде, пак, тие се доставени до превозникот АД „Пролетер“ село Конопница, а истото правно лице  изготвувало фактури секој месец за извршен превоз, велат од МВР.

Поврзани новости