ВИДЕО Грчката полиција со шок-бомби и водени топови ги спречува мигрантите да минат граница

by Фокус

Утринава продолжија жестоките судири на грчко-турската граница, каде емигрантите се судрија и со грчката полиција, која ги растеруваше со солзавец, шок-бомби и водени топови.

Додека турската полиција им забранувала на новинарите пристап до импровизираниот емигрантски кампа на Пазаркуле, некои емигранти успеале да се провлечат преку споредните патишта.

Условите за живот во кампот секој ден сѐ повеќе се влошуваат. Во кампот има долги редици за храна и основни намирници. Емигрантите спијат под импровизирани засолништа во шумата.

Се проценува дека 130.000 луѓе од Турција се обидуваат да влезат во Грција и да се упатат кон Западна Европа.

Станува збор за мигранти од различни националности, но повеќето се Авганистанци и Пакистанци, додека помал број се Сиријци.

Инаку, инциденти имаше и во текот на вчерашниот ден што траеа до доцна во ноќта, кога, според грчката телевизија „Скај“, околу 600 лица се обиделе да ја пробијат железната ограда за да влезат во Грција.

Тензиите на границата меѓу Грција и Турција траат веќе една седмица, кога биле спречени над 38.000 обиди за нелегален влез на грчка територија и уапсени биле над 250 лица.

Турција останува на ставот да не си спречува мигрантите кои сакаат да ја напуштат државата, но претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера издаде наредба крајбрежната стража да не им дозволува на бегалците да го преминуваат Егејско Море поради нивна безбедност.

Поврзани новости