Вардариште генерира и загаденост и смрдеа во Лисиче и Ново Лисиче, вели Шилегов

by fokus

Вардариште генерира и смрдеа и загаденост во скопските населби Лисиче и Ново Лисиче, за санација на депонијата се потребни 26 милиони евра, рече скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање околу сериозноста на проблемот со реата и загаденоста во Лисиче и Ново Лисиче, со кој се соочуваат жителите, рече дека бројот на денови со загаден воздух се намалува и оти се работи на финансиско решение за депонијата Вардариште.

– Имајќи во предвид дека сме на крај на организирање на нов градски превоз, имајќи во предвид дека сме на крај на постапката на лиценцирање на градски енергетски системи, имајќи во предвид дека сериозно го засиливме, во рамките на нашата надлежност, инспекцискиот надзор особено на малите на правни субјекти, сум оптимист дека полека, полека нашиот град почнува да го надминува проблемот, но далеку сме од посакуваниот резултат, истакна Шилегов.

Градоначалникот на Град Скопје потенцираше дека Лисиче за жал е најниската точка во скопската котлина што значи дека ефектите од аерозагадувањето што се случуваат на ниво на цела скопска котлина најлошо се манифестираат во Лисиче.

– Значи, не мора Лисиче да е изворот на загадувањето за да биде таму манифестацијата. Заради тоа се тука поизразени лошите цифри кога имаме денови со неквалитетен воздух. Она што мислам дека треба да го знаете е дека мерењето на загаденоста на воздухот се изразува во бројот на загадени денови во тек на календарска година. Ние за наша среќа имаме тренд дека бројот на загадени денови во текот на една година почнува да се намалува плус пиковите се со посериозно помали вредности. Како ќе се намалува бројот на деновите така едноставно го надминуваме тој проблем. Јас очекувам дека таквите трендови ќе ги задржиме и сезонава, особено ако ги имате предвид резутатите од минатата година компарирани со 2017 година, образложи Шилегов.

Според него, проблемот со дивата депонија Вардариште е сериозен, но почека се надминува.

– Тој проблем е за жал 30-40 години и никогаш не бил решен системски, никогаш не се работел тој проблем и таму има сериозен распад на отпад којашто како смрдеа излегува во атмосферата. Ние ја направивме целата студија, 26 милиони евра би чинела санацијата на Вардариште. Јас разговарав и со министерот за животна средина, и во пристапните преговори во кои што ќе влеземе една од најважните компоненти е здравата животна средина, ќе имаме достапност и до европските фондови за проектот кој што градот го изготви, кој што не е импровизација туку е сериозно и дефинитивно решавање на проблемот, рече Шилегов.

Поврзани новости